Најголемиот дел од времето зборуваме за тоа што се случува, што е кажано, што создава врева и го задржува нашето внимание. Многу ретко обрнуваме внимание што се случува во меѓувреме, кога ништо не се случува. Кога сѐ е тивко. Кога единственото што можеш да го чуеш е шепотот на ветрот или крцкањето на дрвјата. Кога чекориме еден крај друг без да изговориме и збор, се чини дека е вистинското. Во овие моменти тишината е сеопфатна. Без овие моменти на тишина – дали би ги ценеле моментите на врева и акција.
Кога и да гледам филм со пријателите, еден од најскапоцените моменти се тие неколку минути по завршетокот. Кога сите се тивки, сеуште задлабочени во приказната на филмот, враќајки се постепено. Или пак оној момент во театар кога светлата ќе се изгаснат. Одеднаш сите разговори стивнуваат. Сите се тивки, во исчекување на завесите да се подигнат. И по разделбата со пријателите по претставата ве поздравува тишината на ноќта, давајќи ви момент на оддишка помеѓу возбудата од театарот и автобусот кој штотуку пристигнува дома.
Во јапонската филозофија постои концепт на негативен простор – МА.
Идејата е дека материјалните работи, предметите, не се вреднувани само поради нивното постоење туку и заради просторот кој ги опкружува. Во прекрасно украсена соба нашата перцепција за убавина не е само насочена кон предметите што ги гледаме туку и на просторот околу нив. Како предметите се поставени еден кон друг. Ако сите се напикани во еден ќош, собата изгледа хаотично и тогаш не ги вреднуваме поединечно. Празниот простор дава структурност на собата.
И аналогно на тоа, тишината е празниот простор помеѓу звуците. Без тишината помеѓу нотите од едно музичко дело, не би било препознатливо како музика и би се задушило во постојан шум. Ако сакаме да дадеме значење на еден збор, правиме пауза пред да го изговориме. Тишината во музиката и во театарот изгеда поинаква од онаа, спонтаната при прошетка во шумата. Кај театарот и музиката, тишината има јасна улога на контраст на звуците на песната или изведбата. Тишината при прошетка е повеќе спонтана и помалку свесно се доживува. Но исто така создава контраст и моменти на тишина во метежот и вревата од секојдневниот живот.
Тишината и празниот простор го структуираат нашиот живот, а сепак се трудиме да ги отфрлиме на секој начин. ТВ работи по позадина, бескрајно зборување, само да не бидеме замолчени. И постојан ангажман, да не останеме сами со своите мисли. Но во таа насока, остануваме лишени од врската со свесното интензивно искуство на животот. Не можеме повеќе да се сконцентрираме да ги слушнеме посебните ноти на животот. Наместо тоа, само ја слушаме постојаната врева од конзумерството. Само во ретки моменти ѝ се предаваме целосно на тишината и на просторот што го отвора за нас искуството од светот поинтензивно и појасно.
Истиот принцип може да се примени и на еден друг концепт: здодевноста. На здодевноста се гледа како на нешто негативно, нешто што треба да се одбегнува по секоја цена. Меѓутоа може да одигра слична улога како тишината и празниот простор. Здодевноста е празниот простор помеѓу две дејствија. Тишината помеѓу гласните и бурни моменти во животот. Здодевноста ни дава простор да ги обработиме нашите искуства. Му дозволува на разумот да лута додека вистинска прилика не се создаде за тоа што да направиме со слободното време. Само доколку не ни се одвлече вниманието кон други работи и не оставиме простор за инспирација. Инспирацијата е нешто што потекнува од нас внатре, што не тера да правиме работи од задоволство. Одвлекување на вниманието, од друга страна е пак, само да се „убие“ времето.Површна исполнетост на нашите потреби без некое реално задоволство. Токму затоа најдобрите идеи ги добиваме под туш или додека спиеме. Тие се покрај сѐ единствените моменти без одвлекување на вниманието.
Тишината, празниот простор и здодевноста се аспекти од истата работа. Се работи за земање оддишка од секојдневниот живот, доживување на она што е помеѓу редови во животот. Тишината помеѓу зборовите, празнината помеѓу работите и здодевноста помеѓу дејствијата.
Можеби е добра идеја да се направи пауза одвреме-навреме. Само колку да се игнорира налетот на модерното. Одвојте време. Време да ја слушнете тишината и видете празнотијата. Време да ја искусите здодевноста, само вие и вашата глава, да се најдете себе си повторно.
Матис Гилсбах
Преведувач: Горан Галабов
Leave a Reply