Десетина ќеси селектирано ѓубре (пластика и лименки) завршија во контејнерите на „Пакомак“ по неделната акција за чистење на Водно. Голем број волонтери, активисти и љубители на природата предводени од нашиот Петар Стевановиќ и „За почиста Македонија“ ја реализираа првата еко-акција чија цел е зачувување на природата и одржување на чиста околина. Станува збор за активности од проектот: European Youth at the frontlines of active citizenship: A Roadmap towards a collective South-North-East-West Momentum” организиран од Волонтерски Центар Скопје, а поддржан од Европската комисија преку програмите Ерасмус+ и „Европските млади заедно“.
„Ние сме повеќе од задоволни од покажаниот интерес од страна на луѓето кои дојдоа да помогнат во чистењето на Водно. Сите бевме добро организирани, некои собираа отпад, други го селектирааа, трети помагаа околу раздавање на ќеси и ракавици за доброволците кои се приклучуваа, некои помагаа во раздавање на производите од спонзорите. Ова беше одличен старт за ширење на нашата визија и мисија,и се надеваме на уште поголема бројка следен пат. Наскоро ќе организираме уште вакви големи еко–акции, па затоа апелираме совесните граѓани да не следат активно на социјалните мрежи и да ни се приклучат во неделните предизвици“, вели Стевановиќ.
Ентузијастите од „За почиста Македонија“, кои веќе почистија и во Пешти и во Преспа, напоменуваат оти целта им е да ги одржат планините чисти и убави како што заслужуваат да бидат за да може сите да уживаме во нив.
Покрај нивната воља, како и ентузијазмот на граѓаните, од исклучителна важност е и поддршката од приватниот сектор. Во неделната акција на Водно се приклучија „Пакомак“, „Ред бул“, „Добра вода“, „Ладна вода“ и „Виталија“.
Акциите продолжуваат, а младите волонтери потсетуваат на нивното мото: „Не барајте човек за пример, бидете еден!”
Горан Адамовски
Leave a Reply