Еко-свеста ќе се разбуди со едукација и со казни

Интервју со „За почиста Македонија“

Се појавија без голема врева, но за кратко време нивните акции за чистење на природата предизвикаа големо внимание во јавноста. Добија одлични критики и висок одзив за партиципација особено меѓу младите. Препознатливи се како членови на неформалната група „За почиста Македонија“, иницирана како дел од проектот: „European Youth at the frontlines of active citizenship: A Roadmap towards a collective South-North-East-West Momentum”, организиран од Волонтерски Центар Скопје, а поддржан од Европската комисија преку програмите „Ерасмус+“ и „Европските млади заедно“.

Петар Стевановиќ, Марко Гапо, Влатко Владевски и Камелија Костовска говорат за „Воисес“ зошто македонските граѓани се однесуваат неодговорно кон животната средина и како да се промени таквиот начин на размислување.

Петар, голем број волонтери, активисти и ентузијасти се приклучија во „чистките“ што ги организиравте на Водно, Козјак, Пешти… Значи ли тоа дека, сепак, кај младите постои свест за хигиената и одржување чиста околина?

Не можам да кажам дека сите се одговорни, се грижат за природата и сакаат да ја уживаат чиста, но од кога ние почнавме да споделуваме како се грижиме за природата и како може секој на некој начин да придонесе, изненадувачки голем број млади се приклучија кон нашите онлајн еко-кампањи, а потоа и при самите акции. Тоа покажува дека младите сакаат да направат промена, но можеби се плашат да почнат сами или имаат други изговори. Ме радува фактот што почнува нешто да се менува во врска со загадувањето, бидејки доколку останевме единствено да коментираме преку интернет – ништо немаше да се смени.

Марко, генералниот впечаток е дека како земја и како народ воопшто или многу малку посветуваме внимание врз животната средина, загадувањето, ѓубрето и сметот со кој ги затрупуваме природните убавини. Зошто е тоа така, дали станува збор за менталитет, некултура, непостапување на институциите, неказнивоста и немањето страв од санкции…?

-Постојат повеќе фактори кои влијаат на ова однесување. На пример, местото е веќе загадено со ѓубре. Кога се наоѓаат во средина која е веќе прилично полна со остатоци од ѓубре, луѓето чувствуваат помала одговорност или грижа на совест доколку и тие допринесат во ѓубрето. Самото присуство на расфрлани отпадоци, на некој начин дава чувство на нормалност во фрлањето отпадоци било каде, односно доведува до размислување како: ’Кога веќе е толку загадено, што ќе смени уште едно ѓубренце?’, или:, ’Ѓубриња има насекаде, џабе ќе се мачам моето до канта да го носам’, па: ’Што ќе се замарам, кога сите други фрлаат каде што ќе стигнат’ и слично… Од друга страна, на место каде што нема ниту еден отпад, многу помали се шансите некој да се осмели да биде првиот што ќе ја наруши чистотата. Колку почиста е околината, толку поголеми се шансите да остане таква, а нејзиното одржување е наша заедничка одговорност. Втора причина е немање канти за отпад. Некои луѓе своето несовесно загадување го оправдуваат со фактот дека немале канта во близина, па немале избор освен да го фрлат на земја. Иако тоа е реален проблем, не го оправдува несовесното загадување. Исто како што секојдневно со нас носиме лични предмети како мобилен, клуч, ранец – така и отпадот што попатно го создаваме е наша лична сопственост и одговорност и треба да се погрижиме да стигне до таму каде што му е местото, односно да го носиме нас додека не најдеме соодветно место каде што ќе го фрлиме. Трета причина е менталитетот. На некои луѓе едноставно не им е грижа каде го оставаат своето ѓубре. Ова може да произлегува од повеќе фактори: недостаток на домашно или образовно воспитување, неоформено чувство на одговорност кон средината и кон природата, влијание на врсниците односно фрлање ѓубре како другите околу нив заради припадност. Ова е најчеста појава кај повеќето пушачи кај кои постои една ’нормалност’ околу фрлањето пикавци на земја. За многу пушачи, фрлањето на остатокот од цигарата е само дел од рутината и не го сметаат за загадување или мислат дека брзо ќе се разгради, едноставно нивното ѓубре не го сметаат за ѓубре. На пикавците им е потребно до неколку години да се разградат, а бидејќи секојдневно се фрлаат во голем број – тие секогаш се присутни и многу тешко се собираат. Пикавците се најбројниот отпад во светот. Дел од луѓето сметаат дека ѓубрето не е нивен проблем и оти некој друг ќе го собере. Или, пак, едноставно не им е гајле. Колку повеќе луѓе се освестуваат околу своето влијание врз средината, толку помал ќе е и бројот на луѓе со претходно наведениот начин на размислување. Кога популацијата на свесни граѓани ќе стане мнозинство – тогаш фрлањето ѓубре каде што треба ќе стане новото нормално.

Влатко, искуствата говорат дека македонските граѓани ги менуваат своите навики штом стапнат во некоја друга земја, па макар и туристички. Тогаш, не фрлаат зад себе остатоци од храна, амбалажи од пијалоци и шишиња, не го фрлаат ѓубрето пред зграда и не го оставаат во лифт, не се паркираат на зелени површини… Зошто така не се однесуваат и во сопствената земја?

-Точно е дека македонските граѓани во странство повеќе ги почитуваат правилата во поглед на екологијата и фрлањето ѓубре во природата. Тежок е одговорот на вашето прашање, но со сигурност можам да кажам дека свеста не е на задоволително ниво. Вината не можеме целосно да ја префрлиме на државата, бидејќи таа има своја регулатива и санкции во тој поглед, но да бидам искрен – во пракса не е баш така, дотолку повеќе што и свеста на граѓаните не е на некое завидно ниво. Решението го гледаме во зачестени инспекции и во изрекување на санкции – глоби. На тој начин, стравопочитта што ја имаат во странство би се префрилила и кај нас. Сепак, мислам дека пресудна е стравопочитта кон државата во која се наоѓаат. Во странство веројатно не сакаат или се плашат да го реметат мирот што го има државата, додека кај нас нема ред, па граѓаните се прилагодуваат на безредието.

Камелија, колку акциите како вашите влијаат генерално врз будењето на свеста кај граѓаните, или, пак, резултатите траат само еден ден или недела, односно до следната тура „вљубеници во природата“ што зад себе ќе остават нови количини ѓубре?

-Секако дека влијаат позитивно и се сретнуваме со сѐ повеќе луѓе кои прашуваат кога ќе има следна чистка за да се приклучат. Некои дури и го продолжуваат синџирот на дејствување со почести мини чистки во природа. Воглавно има два типа на луѓе: првите се во фаза на будење на свеста – тоа се луѓе со желба за промена, но сепак инертно се движат низ промената чекајќи некој друг да ги поттикне во акција; вториот тип не се воопшто свесни – тоа се луѓе кои воопшто не ни размислуваат за последиците од несоодветното складирање и третирање на отпадот. Сепак, надежта последна умира, нели? Решението го гледам во едукација на сите возрасни групи, казни за загадувачите и поголема ажурност на институциите за комунална хигиена и паркови и зеленило.

Ќе ве прашам за заеднички одговор. Вашите активности наидоа на поддршка и во јавниот и во приватниот сектор. Кои се вашите поблиски и подалечни цели? Сега, откако добро ја „снимивте“ ситуацијата на терен и ги запознавте сите искушенија и проблеми што, веројатно, се повторуваат од акција во акција, ја имате ли приближно истата мотивација како и при формирањето на групата – да ја направите Македонија поубаво и почисто место за живеење?

-Нашите цели се да станеме влијателна организација која ќе се грижи за чистотата во Македонија со тоа што ќе организираме еко-акции каде што е потребно, а подоцна би доставувале барање до надлежните институции заедно да изнајдеме решенија како да го стопираме понатомошното загадување, би работеле на развивање на свеста кај најмладите за тоа колку е важно да се чува природата чиста, но и како да се справуваат со отпадот што го создаваат. Сега, повеќе од било кога, имаме мотивација, желба и верба да продолжиме понатаму во нашата цел и да промовираме активно и одговорно однесување на планина или било каков престој во природа.

Горан Адамовски

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s

%d bloggers like this: