Елегантноста на нежните капки дожд и жестоката темнина на бурата ја откриваат неописливата убавина предизвикана од спој на два елементи на природата – виножито. Да, науката има сосема рационално објаснување за ова прелевање на светлина, призма, бои. Но, дали и ние го доживуваме само како случајна и прекрасна појава или има нешто повеќе. Дали само го гледаме или го доживуваме, дали размислуваме од каде почнува и каде завршува или дали можеби буди чувства во нас, чувства чие присуство не сме го почуствувале досега?

Дали црвената е само боја? Започнувајќи од коренот на земјата и завршувајќи во нашите срца, дали сме свесни за мистеријата, моќта, страста и енергијата која се емитува при овој контакт? Дали портокаловата е нешто поразлично? Рамнотежа, привлечност и отвореност. Среќа и фокусираност. Дали нашиот поглед и ум е привлечен, но ние го игнорираме тоа? Дали ја чувствуваме жештината на огнот? Можеби жолтата и покрај се е среќна боја. Инспирација. Извор на сигурност и самодоверба. Среќа е првиот збор кој ни прелетува низ мислите, а насмевка е автоматскиот одговор. Дали допирот на сонцето го нашол патот до нас? Кои се емоциите на зелената? Смиреност. Хармонија. Дали ја слушаме природата? Дали ја допираме тревата? Дали се препуштаме на полето чие зеленило нема крај? Која е вистината во сината боја? Дали ги буди нашите мемории и спомени од широкото, пространо и понекогаш разбранувано море, или можеби не возвишува во бескрајното небесно царство? Каква интуиција има индигото? Што ја прави потемна од останатите? Дали можеби е длабочината или се она што се крие зад неа? Кои се идеалите на оваа боја? Дали темнината ја прави она што е, посебна? Дали виолетовата е луксузна? Софистицираност и благородништво. Дали се истакнува аристократијата? Боја на духовноста, блискост и поврзаност со универзумот.

Секое чувство има боја. Секоја боја има чувство. Дали светот е црно-бел или преплавен во бои? Прашањето е колку нашите очи се отворени и колку далеку гледаме. Колку длабоко тонеме и колку високо се издигнуваме. Дали остануваме на површината или го истражуваме дното. Дали живееме во темнината или сме ја пронашле нашата светлина? Каде сме ние? Дали сме избрале да бидеме на едниот крај на спектарот каде светот е црн и бел со нијанси на сиво или можеби сме го пронашле виножитото и сме го обоиле животот во живописни бои?
Ана-Марија Пејчиновска
Leave a Reply