Семејство, роднини, пријатели. Едните имаме можност да ги одбереме, со другите сме крвно поврзани. Заедно се дел од нашето секојдневие и имаат придонес во нашите животи. Колку нивното мислење е важно пред донесување на некоја одлука? Се запрашувате ли често што ќе речат другите?
Би излажала доколку кажам дека не ми е важно туѓото мислење. Верувам дека и на повеќето од вас. Пишувајќи ја оваа статија, како да ми одѕвонуваат овие зборови од детството: „немој“, „пази што ќе речат другите“, „не пред нив“ и така натаму. Ги слушам и денеска, иако често не подлегнувам на нив. Сепак, сметам дека ни се вкоренети и наметнати од општеството. Прашањето е: Зошто туѓото мислење ни е толку битно?
Како што споменав и пред малку, сметам дека некои работи ни се наметнати од детството. Мислењето на другите, стравот од осуда, барање на одобрение и многу други. Би го оправдала сево ова, доколку би имале некаков бенефит. Напротив, мислам дека токму овие работи претставуваат огромна пречка за нашето слободно изразување. Замислете само колку би биле слободни доколку се ослободиме од туѓото мислење.
Овде секако би ги вклучила и нашите родители, кои честопати имаат голема улога во донесувањето на доколку можам да кажам „нашите“ одлуки. Се чувствувате ли понекогаш загрозени? Или можеби присилени да се одлучите за нешто што не толку го сакате? Сепак морате да се согласите со нив, бидејќи тие ви го посакуваат најдоброто и знаат што е „вистинското“ за вас. Можете ли да се изборите за она што го сакате? Дури иако тоа значи дека морате да им кажете „не“ на Вашите најблиски?
Мислам дека треба да се научиме да кажеме „не“ на многу работи, на многу понуди и на многу личности. Да кажеме „не“ на она што не ни се допаѓа и она што знаеме дека не е за нас. Не велам да не прашуваме за совет или мислење. Едноставно тоа да не ни биде пресудно. Така, оставаме простор за она што навистина го сакаме и за нашата најдобра верзија. Само во тој момент, сме решени да напредуваме и целата наша енергија ја насочуваме во позитивни промени. Се менуваме, а така ја менуваме и надворешната околина. Верувам дека вербата во себе е клучна за личниот развој и успех. Сите оформени и успешни личности, во своето минато се бореле со многу критики и осуди од општеството, па затоа денес се онаму каде што се, благодарејќи на нивната упорност и решителност да го слушнат својот глас и да успеат да стигнат до посакуваната цел. Можеме и ние.
За крај, би сакала да истакнам дека, сепак, ние сме тие што одлучуваме дали и колку мислењето на другите ќе влијае на нас. Ние сме тие што ги насочуваат нашите мисли и енергија онаму каде што сакаме. Стоиме зад секоја наша одлука, свесно или несвесно. Одговорни сме за секој наш потег. Наше е да дадеме се од себе, а другите како и да е ќе зборуваат.
Елена Глоговац
Leave a Reply