Можете ли да го видите светлото на крајот од тунелот? Може ли да ја именуваме 2020 година – „Тунел“ и 2021 година – „Светло“? Се разбира, повеќето од нас очекуваат посветла иднина, со надеж и очекувања. На човештвото му е потребна светлост сега повеќе отколку било кога и потребно му е да биде цврсто како карпа истовремено. Светлото е жолто, карпата е сива. Дали сте слушнале за боите на 2021 година, штотуку објавени од Pantone?

Зошто ли одеднаш зборувам за боите? Затоа што боите ја имаат моќта да ги смират нашите очи и душа или да нѐ стимулираат, да ни дадат енергија. Боите комуницираат, ги разубавуваат нештата, даваат опис и инспирираат. Сакаме да се загледаме во убавото сино небо со бели облаци како шеќер, налегнати врз сочната зелена трева. Дали ја замислувате сликата пред вашите очи? Тоа и ми беше замислата. Во тоа се состои моќта на боите.
А што е Pantone? Во 1963 година Лоренс Херберт, хемичар и комерцијален печатарски работник разработил систем за споредба, совпаѓање и класификација на боите. Како што е познато, секој различно ги доживува боите. Кога ќе кажете сино, некои луѓе веднаш замислуваат сино небо. Но за да бидеме поконкретни, може да биде азурно сино, како јасно небо на сончев ден или пак полноќно сино небо. Некои луѓе ќе го замислат синиот океан но што ако тој е смарагдно-зелен? Да земеме случај од реалниот живот: мажот купува ракавици за неговата жена која сака да ги комбинира со нејзината црвена марама, но црвената боја во нејзината замисла може да е целосно различна од таа која мажот ја избрал. Значи ракавиците се црвени како крв, а марамата има чили-црвена нијанса. Разбирате ли сега?
Да се вратиме на нашиот херој за бои, г-нот Херберт едноставно знаел дека спектарот на бои е виден и толкуван различно од секој еден од нас. Познавањето, работата, фантазијата и нормалната човечка желба за заработка го довела до создавање на совршена скала на бои – Pantone® Matching System® или скратено PMS. Херберт исто така ги купил и акциите на работодавачите и го променил името на компанијата за која работел во Pantone.
PMS е систем за класификација на бои. Секоја боја – базирано на скала од 1761 (да, во основната скала има 1761 боја) – е направена од мешавина на различни пигменти во одреден сооднос. Тоа може да го наречеме и рецепт за бои. Земете на пример ситуација кога се мешаат две бои за да се направи нова боја – многу луѓе имаат слично искуство од часовите по уметност во училиште или со фарбање на клупа во нивната градина.
Pantone стана лидер во светот на боите. Боите се класифицирани и опишани во посебни табели: секоја боја има име и број. Покрај тоа, Pantone започна да ја користи бојата како алатка за пренос на содржини и комуникациски трендови. За целосно да го разбереме тоа што следи, мора да размислиме што всушност претставува тренд. Тренд не е, ни помалку ни повеќе, бои, површини, стилови, производ + човечко однесување, потреби, емоции, инспирација.

Од тренд се префрламе на „zeitgeist“, концепт од германската филозофија, што би значело „дух на времето“. Да се разбере духот на времето е да се разбере постојаната промена на потребите, интересите, влијанијата и соништата. И тоа е моментот кога боите стапнуваат на црвениот тепих.
Според Pantone, бојата „отсекогаш била составен дел од културниот израз на ставовите и емоциите на одредено време“. Затоа, бојата на годината симболизира и претставува во какво општество живееме денес. Од 2000-та година, почнувајќи од Cerulean, која е нијанса на сината, до 2020 година и нејзината Класично Сина, имаме избор на боја на годината, што потсетува на собир на „кремот“ на Холивуд. Во светот на трендови и дизајн, многу луѓе се во очекување да се објави бојата на годината.
Која е бојата на 2021 година? Pantone по втор пат во историјата избра не една туку две бои. Првпат во 2016 година, две бои беа објавени – Кварц Розева и Serenity беа комбинирани да се нагласи како во културата ја сфаќаме еднаквоста на половите и да се нагласи отворена комуникација помеѓу половите, нивното поврзување и интеграција.
Па дами и господа, да ви ги претставиме боите за 2021 година: Крајно Сива и Светлечка (Ultimate Gray & Illuminating). „Бракот помеѓу бои пренесува порака за сила и негување надеж, што е истовремено издржливост и воздигнување“ – според Pantone. „Практична и Цврста како карпа“, неутрална нијанса на сива дава мир, доверба и поддршка, додека „топлата и оптимистичка“ жолта дава надеж за подобро утре. Можете ли сега да ја видете светлината на крајот од тунелот?
Евелина Хањска
Извори:
https://www.instagram.com/worqshop/
http://citydesign.pl/pantone-krotka-historia-koloru/
https://en.wikipedia.org/wiki/Pantone
https://www.pantone.com/color-of-the-year-2021
Leave a Reply