Знаете ли дека постои активност што помага на вашето целокупно општо здравје? Ја подобрува вашата физичка форма, го подигнува имунитетот и го подобрува менталното здравје. Таа активност може да е штобило, што вам ви претставува задоволство да го практикувате, а одзема малку физички напор, троши многу калории и ги подобрува сите ваши способности. И на крајот од сето тоа, добивате чувство на задоволство.

Вие одберете дали ќе биде тоа трчање, јога, фудбал, танцување или која била активност што ве движи и исполнува истовремено. Рецептот за истата е малку мотивација, многу дисциплина и убаво чувство.
Дека тоа е така, ни докажуваат младите и активни ентузијасти, Ангела, Александар и Сандра, кои за проектот SALT(Shake a Leg Together)споделија зошто одбираат физичка активност и каде ја пронаоѓаат мотивацијата за вежбање.
Сандра Стевковиќ вели дека ја одбира физичката активност затоа што таа и помага комплетно да ја истроши негативната енергија од секојдневните обврски и ја полни со позитивна. Таа со нассподели дека обожува да планинари, прави пилатес и аеробик и често можеме да ја видиме на велосипед.

„На планините ја сакам и дружбата со сите убави и позитивни луѓе, сите нови работи кои може да се научат, природата, прекрасните погледи далеку од градскиот метеж, чист воздух, комплетно освежување на телото и умот. Покрај планина сакам и практикувам пилатес и аеробик, барем два до три пати неделно, возење велосипед и долги прошетки, кои, пак, ја прават уште посреќна мојата златна ретриверка Бела, која ми е често друштво во сите овие активности. Сѐ на сѐ, главната причина за мојата целокупна физичка активност е убавото чувство после секоја“, вели таа.

Александар Рајковски е уште еден љубител на планината, која го исполнува и одржува во добра форма.
„Одам на планина затоа што имам потреба да се движам, да видам помалку достапна природна убавина. Таму каде што природата наградува со шумски плодови, печурки, чаеви и извори. Таму сум како дома, се чувствувам добредојден“, изјави тој за SALT.
На Ангела Јованоска спортот и е и професија, таа е персонален фитнес тренер и вежба затоа што пред сѐ, тоа, како што вели таа за SALT е добро за нејзиното здравје.

„Вежбам затоа што вежбањето ми го подобрува расположението и ми се зголемува енергијата. Вежбам затоа што тоа ми ја подобрува самодовербата и ми го намалува стресот предизвикан од секојдневието. А најмногу од сѐ, вежбам затоа што се сакам себе си и моето тело, и се грижам за себе“, потенцира Јованоска.
Која е вашата активност и колку често ја практикувате? Пак ќе напоменеме, може да е што било, сѐ додека лачи допамин и серотонин и го исполнува вашиот живот со убаво чувство и задоволство. Останете активни со SALT!
Ангела Рајчевска
Leave a Reply