Времето поминато дома ја зголеми страста за допир со надворешниот свет, запознавањето со различни места и култури, но пред се, со потребата повторно да се чувствуваме слободни и живи.

Додека броиме ситно до заминувањето на годината што влијаеше исклучително силно во сите сфери на нашите животи, и светот на патувањата засекогаш ќе остане променет од незапаметената пандемија, за која, веруваме, в година ќе биде минато. Сепак, и покрај ограничувањата и континуираната неизвесност, желбата за патувања не ни се намали. Напротив, времето поминато дома ја зголеми страста за допир со надворешниот свет, запознавањето со различни места и култури, но пред се, со потребата повторно да се чувствуваме слободни и живи.

Ќе патуваме ли во 2021 година и што можеме да очекуваме? Специјализираниот портал за туризам „Tourism Review“ предупредува дека ќе следуваат големи промени и при патувањата, односно оти тие барем во догледно време нека да изгледаат како последните неколку години. За почеток, се предвидува дека туристите в година ќе преферираат пократки дестинации и тоа воглавно во границите на своите земји. Најголем дел од нив тоа ќе го сторат поради претпазливост и страв од зарази и болест, други да ја подигнат домашната економија, а трети дополнително да ја запознаат сопствената земја и култура.
Втората важна промена се очекува во порастот на „last minute“ патувањата, кое ќе имаат предност пред долгомесечните планирања на годишните одмори што во ситуација како денешната немаат никаква смисла.
„Имајќи ја предвид социјалната дистанца и последиците што сигурно ќе се почувствуваат и во наредните месеци, многумина ќе сакаат да побегнат од метежот, па спасот ќе го побараат во природа. Ова воопшто не значи дека ќе бараат далечни одредишта, туку веројатно ќе ги откриваат домашните дестинации“, анализира „Tourism review“.
Туристичките работници посочуваат оти 2020 година ни беше показател дека работите во животот не треба да се извршуваат во брзање, па претпоставуваат оти тоа ќе влијае врз туризмот во наредниот период, затоа што многумина ќе сакаат поспоро да ги разгледуваат местата и државите каде што ќе престојуваат, а не како досега „седум града во седум дена“.
На крајот, се очекува и пораст на семејните патувања, бидејќи годинава сфативме дека не поминуваме доволно време со најблиските, па ќе сакаме да го надоместиме тоа штом се збогуваме со пандемијата.

Порталот „Booking.com“, кој е предводник во светот кога се во прашање дигиталните патувања, анализира дека иноватиновноста во светот на патувањата ќе биде побрза од било кога со цел навремено да се одговори на промените во пазарот во врска со очекувањата и однесувањата на патниците.
„Патниците ќе тежнеат на многу повисок степен на безбедност во понудите за патување, а исто така, ќе се намалат и нивните преференции кога е во прашање каде и со кого ќе патуваат“, се наведува во анализата.
Нивните истражувања покажале дека четириесетина проценти од испитаниците планираат „изгубеното“ време во 2020 година да го надоместат со повеќе патувања и прослави (роденденски, свадбени…) што изминатите десетина месеци мораше да бидат одложени.

„Имајќи го тоа на ум, можеме да очекуваме туристичките агенции во 2021 година да бидат покреативни и да понудат нови планови на патување и препораки што би ја разбудиле креативноста на оние патници што ја пропуштија 2020 година и кои сега ќе побараат некое имспресивно место за да го направат што е можно позначајно нивното следно патување“, пишува „Journal.hr“.
Како последица на финансискиот колапс поради „коронавирусот“, неизбежно е дека во иднина луѓето ќе бараат поголема вредност за вложените пари што ќе биде дополнителен предизвик за светот на туризмот, кој ќе мора да се обедини за да одговори на креативен начин и да понуди подобра вредност, поголем избор, флексибилност, транспарентност и искуства за потенцијалните патници што ќе сакаат да побегнат од реалноста и да се поврзат со доживувањата што трпеливо ги одложуваа.
Горан Адамовски
Leave a Reply