Една мирна ноќ во јануари

03:13h
13/01/21

Секаде истото го гледам, слушам, сите велат:
,,Сврти нова страна, за Нова година!”

Го прават сето тоа да изгледа многу гламурозно.

Со нивните буквални први страници во нови тетратки,
први страници од нови книги,
чисти простори,
без метежот што го создаваат новогодишните украси.

Можеби тоа му треба на светот,
Кој, се чини, е подготвен на тоа.

Но, јас не сум.

Премногу влечам со мене, а тоа ме влече надолу.

Се обидувам да го исфрлам,

Бог знае, колку многу овде секојдневно пишувам.

Желна сум и некоја торта да испечам.

Собата да си ја средам.

Нова композиција да научам.

Поинаква книга да прочитам.

Нешто поинакво да сплетам.

Некој текст со вредност, по можност, да напишам..

Со оние на кои често помислувам – да се слушнам,
да им пишам…

Но, не можам.

Рацеве врзани ми се.

Пред очиве како филтер да имам.

Ништо не можам да видам
без да се помачам.

Моето срце веќе не прима.

Јасно е.

Мојот чајник затворен е.

Сèшто излегува од него-насила е.

Освен ова.

Има многу за што да зборува срцево мое.

Ама нема кому.

Сите сакаат само да земат тоа што можат
и се надеваат дека ќе се поклопи со тоа што им треба.

На никој не му е гајле за моето срце,
за светот,
неговата приказна небитна е…

Тоа за гладните со клети судбини плаче.

За децата наши се плаши.

За изгубеното детство насамо си тажи.

Среќата која него го одмина вешто само ја бара.

Се прашува зошто ние луѓето сме вакви, страшни.

На умрените им се радува повеќе отколку на живи.

Нивните приказни ги замислува без доказ за тоа дали луѓе биле,
зад зенициве на оково,
зад леќите на апаратот.

Но, дури ни тие не се доволни за долго
на катастрофалноста во уште покатастрофалниот свет да заборави..

И еве,
речиси 3 по полноќ ќе да е,
да спијам не можам,
абе ајде…

Но, и покрај сè,
верувам во утре.

Утре е само уште еден ден,
нов ден..

Некое утре може ќе е мојот ден.

 Дафина ,,Даффне” Веселиноска

Related posts

Create a website or blog at WordPress.com

%d bloggers like this: