Европското фудбалско првенство е секогаш долгоочекувано натпреварување, особено овојпат во Македонија. Националниот тим се пласираше за првпат во својата историја на ваков голем настан. Но, како луѓето во Македонија се подготвуваат за овој настан – истражуваме во јунското издание на „Воисес“.
Спортската Европа ги брои последните денови пред почетокот на Европското првенство во фудбал. За првпат во историјата, ЕУРО 2020 ќе се организира во 11 градови низ „стариот континент“ со учество на 24-те најдобри тимови во Европа. Ова ќе биде првиот еврошампионат почнувајќи од 1960, на кој ќе игра репрезентацијата на Македонија. Поради тоа, атмосферата во земјата станува сè пожешка и пожешка.
На скопските улици се добива впечаток дека настанот со посебно исчекување се доживува во рестораните и во пабовите. Во период на пандемија – никој не знае како „кривата“ на случаи и смртни случаи поврзани со „Ковид-19“ ќе се развива во текот на следните неколку недели. Според тоа, никој не може да предвиди какви мерки ќе бидат спроведени. Засега, владините регулативи предвидуваат посебни маси во ресторани во пабови, на оддалеченост од еден и пол до два метри. Атмосферата во главниот град е посебна, реакциите се движат од нетрпеливост до надеж.

Луѓето кои ги интервјуиравме се нетрпеливи турнирот да започне што секако се објаснува со фактот дека е првпат македонската фудбалска репрезентација се квалификува на ваков важен турнир, што очигледно предизвикува емоции низ целата земја. Проектори и големи екрани ќе бидат поставени во рестораните и пабовите во главниот град со цел да се канализира ентузијазмот на жителите, но исто така, и поради деловни причини.
„Толку многу пива ќе се продаваат… размислуваме да организираме промоции на пијалоци за да го искористиме овој настан во целост и да ја подобриме нашата продажба“, вели еден од вработените во скопските кафулиња.
Поддршката за националниот тим низ градот е неспорна: некои од интервјуираните луѓе беа многу оптимисти дека нивниот тим може да стигне до крајот на натпреварувањето, но повеќето се реални, па веруваат или се надеваат дека македонските фудбалери можат да ја победат Австрија (13 Јуни) и Украина (17 јуни), кои се нивни директни конкуренти во групната фаза во која е и Холандија (21 јуни). Евентуален пласман во наредната фаза меѓу 16-те најдобри би претставувало уште поголем подвиг за Македонија.
За момент, шанкерите и келнерите стануваат претпазливи и реални, поделени меѓу оние кои сметаат дека тимот има шанси да оствари позитивни резултати и оние кои се многу попесимистички расположени. Генерално, повеќето од нив сметаат дека македонскиот тим во моментов поседува многу квалитети: ова е пораката што ја пренесе еден шанкер кој ни рече дека „има многу квалитетни играчи во националниот тим; првпат македонски играчи да успеат да достигнат професионално ниво, мислам дека ќе биде тешко за било кој противник“. Друг вработен, кој лично се познава со дел од играчите, ни откри: „Јас сум сигурен во успех. Во тимот има добра атмосфера, па мислам дека имаат шанса”.

Без оглед на реалните шанси и прогнозите во обложувалниците, бранот ентузијазам низ главниот град ќе биде тежок за надминување што е и повод за многу туристички агенции низ градот да ја збогатат својата понуда. Во моментот се продаваат авионски и автобуски билети за навивачите кои се подготвени да патуваат за да го бодрат својот тим во Букурешт или Амстердам во групната фаза. Македонските поддржувачи можат да се преселат во Романија или Холандија, но внимателно да ги следат најновите ажурирања и информации за патување во Букурешт и во Амстердам.
Туристичките агенции во Скопје веќе развиле партнерство со локалните хо(с)тели лоцирани во Букурешт и во Амстердам, градовите-домаќини на мечевите на македонската фудбалска репрезентација. Дел од нив веќе се резервирани, па како што ни рекоа во една агенција – единствените места што можат да ги понудат се хостелите.
Конечно, најтешката ситуација беше да се купи билет за мечевите, бидејќи беа во ограничен број, па рекордно се распродадоа. На крајот на краиштата, сите се свесни дека учеството на Македонија на вакво натпреварување е историско и, можеби, за многумина, единствена шанса да бидат дел од овој специјален настан.
Иван Барбо
Leave a Reply