Руми

,,Дојди, дојди, скитник, обожавател, вљубеник на учењето… Не е важно, само дојди.”

Во оваа статија ќе зборуваме за суфизмот, поточно за Руми, кој достигна нови длабочини и увиди во духовноста. Неговите песни се толкуваат според нивото на зрелост на една индивидуа. Кој беше Руми? Јаиалудин Руми (Jalaluddin Rumi), исто така познат како Мавлана, бил персиски поет во 13 век, исламски дервиш и суфиски мистик. Роден е на 30 септември 1207 година во Балх, Авганистан, а починал на 17 декември 1273 година во Коња. Таткото на Руми, Баха ал-Дин беше учител, теолог автор и мистик.

Dervishes Avanos, Schorle, Wikimedia CC

Суфизмот е срцетo на исламот, исто како што зенот е срцето на будизмот. Разликата помеѓу овие учења е дека суфизмот е помек, а зенот е построг во неговиот пристап. Суфи-личноста ќе ви објасни со приказни и ќе ви помогне да го дознаете одговорот, додека зен-мастерот ќе ве удри со стап и ќе ве врати на себе. Постојат различни методи за тоа како да се постигне просветлување.

Руми бил ученик на Сајед Бурхан Термази, еден од учениците на неговиот татко. Тој практикувал суфизам со него и стекнал многу знаење за тајните на духовниот свет. Кога имал само 24 години, тој веќе бил научник со огромно знаење и увид во врска со религијата.

Руми бил добро познат учител и теолог, кога во 1244 година на улиците во Коња го сретнал Шамс ал-Табризи, залутан дервиш. Оваа средба беше пресвртница во животот на Руми, што го турна уште подлабоко во себе и да стане поет и суфи-мистик. Руми имал добра репутација како наставник со ученици низ целата земја и како семејна личност. Луѓето го сакаа и од својата милост му го дадоа името Мавлана (саканиот). По средбата со Шамс, тој ги запостави своите студенти и неговото семејство и заедно со својот нов пријател деновите ги минуваа зборувајќи за верски работи. Шамс можеше да се сретне со Руми многу години порано, но според некои извори, Руми сè уште не бил подготвен за оваа средба што го натера Шамс да чека малку подолго. Тие продолжија да си предаваат едни на други вредни лекции за нивниот духовен раст и еден ден седејќи под сенките на дрвото, тие започнаа да се врткаат, изразувајќи огромна радост што ја чувствуваат во тој момент. Тоа беше моментот кога се создаде познатиот вртлив дервишки танц. Руми подоцна рече дека инспирацијата за овој танц доаѓа од набудувањето на децата. Кога ќе почувствуваат радост и среќа, тие само почнуваат да се вртат. Тогаш Руми реши да го испроба овој танц на градскиот плоштад. Тој се вртеше 38 часа без запирање. Луѓето поминуваа наоколу завршувајќи ги своите секојдневни обврски, но Руми беше обземен со неговиот танц. И откако заврши, тој само паднал во земја. Луѓето раскажаа дека кога тој ја подигнал главата, бил поинаква личност и неговото лице изгледало 20 години помладо. Тој достигна просветлување и рече: „Вртењето е како целиот Универзум. Сè постојано се менува и се врти, но само една работа останува иста и фиксна, а тоа е центарот кој се наоѓа во нас самите. Оној што ќе дојде до својот центар, ја исполнил целта на животот и поврзаноста со Изворот“.

Шамс бараше пријател за да му го даде целото знаење што го собра и го доживеа во неговиот живот, и кога го запозна својот сакан пријател Руми, тие заедно напишаа историја и дадоа огромна вредност во духовноста за следните генерации.

И двајцата се соочуваа со голем притисок и омраза, особено Шамс. Луѓето велеа дека тој е олицетворение на самиот ѓавол и тој не сакаше повеќе да му прави проблеми на Руми и реши да ја напушти Коња засекогаш. Кога Руми дознал, тој бил очаен и го испратил својот постар син да го најде. Деновите минуваа, без никаква вест за Шамс. Конечно неговиот син го најде Шамс близу до Коња и го замоли да се врати. Шамс знаеше дека ако се врати, ќе умре. Неговиот нефс (лажното его) му велеше да остане тука и да ја избегне смртта, но Шамс реши да се врати и да ги помине последните денови од својот живот со својот сакан пријател. Кога се врати во Коња, зависта се зголеми уште повеќе кај луѓето што го мразеа Шамс и се чувствуваа напуштени од својот господар, татко и сопруг. Најмладиот син на Руми реши да ангажира атентатор и да го убие Шамс. Руми чекаше 40 дена, пред конечно да ја прифати горчливата вистина за смртта на неговиот сакан пријател и учител.

Оваа тага и копнеж кон Шамс го направија Руми поет. Неговите најпопуларни дела се Диван-е Шамс Табризи и Матави. Делата на Руми се распространети низ целиот свет и преведени на многу јазици. Неговото огромно влијание и публика низ целиот свет го прават неговиот дух да живее долго. Многумина од читателите го опишуваат своето искуство со неговите песни како љубовна афера.                                                                         

По неговата смрт, тој бил погребан покрај неговиот татко во Коња. Неговите луѓе го направија мавзолејот Мавлана во Коња. Се состои од џамија, дервишки живеалишта и сала за танцување. Многу луѓе можат да дојдат таму да го посетат ова место и да му оддадат чест на еден од најголемите, ако не и најголемиот суфи-поет што некогаш живеел.

Енес Смаилагиќ

Извори:

thefamouspeople.com: Rumi’s Biography

britannica.com: Rumi

rumi.net: Rumi’s Untold Story

Elif Shafak – „40 Rules of Love”

Related posts

Create a website or blog at WordPress.com

%d bloggers like this: