Во светот постојат речиси 4 милијарди жени, од кои грубо кажано, половина од нив имаат менструален циклус. Менструацијата е нормална појава кај секоја здрава жена во репродуктивниот период од животот. Додека дестигматизацијата на менструацијата и елиминирањето на сиромаштијата поврзана со неа во светски рамки се во тек, дебатата во врска со одржлива менструација е сѐуште далеку.

„Долг е патот додека да крвариме зелено”. Додека пластика за еднократна употреба како сламки за пиење, шишиња и пакувања се забранети ширум светот, еднократните менструални производи дополнителнододаваат на епидемијата на пластика. Во просек, една жена вкупно менструира околу 2535 денови – или тоа се околу 7 години – и користи повеќе од 10000 еднократни менструални производи во текот на нејзиниот живот. Приближно 70 милијарди менструални производи за еднократна употреба се користат на годишно ниво само во Европската Унија и во САД.
Женските производи за хигиена имаат огромно влијание на животната средина. Исфрлањето на еднократни менструални производи – тампони, влошки и апликатори – е причина за 200000 тони отпад годишно. Многу влошки и тампони завршуваат во морињата, а потоа и како отпадоци на плажите. Според едно истражување, спроведено од Европската Комисија, употребените менструални производи се петти по ред како најчест вид на пластични отпадоци кои завршуваат на плажите ширум Европа. Санитарните производи кои сеисфрлаат низ тоалетните школки,најчесто завршуваат во депониите или пак , горат.
Повеќето жени сѐ уште не се свесни дека вообичаените производи за хигиена достапни на пазаротсе полни со пластика. Влошките за менструација содржат до 90% пластика во нив, од синтетиката што впива, па се до нивното пакување. Се претпоставува дека едно пакување влошки содржи количина на пластика еквивалентна на четири пластични кеси. Тампоните се направени од 6% пластика, вклучувајќи полиетилен – најчестата форма на пластика – и полипропилен – истата онаа пластика од која е направено пакувањето за едно чоколадо. За да се разградат традиционалните хигиенски производи може да поминат од 500 до 800 години, бидејќи самата пластика во нивниот состав е неразградлива.
Дел од производите за хигиена можат да бидат и закана за здравјето на жената. Според неодамнешните истражувања, вообичаените менструални производи содржат високо ниво на хемикалии. Уште познати како ендокрино нарушувачки хемикалии, овие токсични материи се поврзуваат со развојни и репродуктивни оштетувања и потенцијално можат да доведат до заболувања како ендометриоза и рак на дојка. Како нормален дел од негата поврзана со менструација, влошките и тампоните доаѓаат во директен контакт со едни од најсензитивните и најапсорбирачките делови од кожата на женското тело. Како резултат на високата апсорптивна ефикасност и пермеабилност на женските репродуктивни органи, хемикалиите од производите многу лесно се апсорбираат во крвотокот.
И да бидеме искрени: влошките па и не се едни од најудобните женски производи што постојат.
Иако не постои нешто како совршен производ за менструална хигиена, некои од производите се помалку штетни за разлика од останатите. Следува листа на три од најпопуларните алтернативи за вообичаените менструални производи:
Менструална чашка

Менструалната чашка е мала еластична чашка во форма на инка, направена од гума или силикон која што се става во вагината со цел да ја собира менструалната содржина. Менструалните чашки можат да задржат многу повеќе менструална содржина отколку останатите методии поради тоа може да се користат и до 12 часа, во зависност од количината на содржината. Чашката треба да се отстрани, да се испразни, да се исплакни, и потоа повторно да се стави за следните 4 до 12 часа. Една ваква чашка може да се користи и до 10 години.
Една статија од „The Lancet“, едно од најпопуларните интернационални медицински списанија, укажува дека менструалните чашки се најбезбедната опција кога станува збор за менструалната хигиена.
Долна облека за менструација

Навидум иста во однос на изгледот и чувството, долната облека за менструација е специјално дизајниранаи се состои од посебен материјал кој што ја елиминира миризбата и ефикасно ја апсорбира менструалната содржина. Доаѓа во различни бои, големини, шари, и нивоа на апсорбирање за да постои заштита од 8 до 12 часа. За разлика од еднократните влошки и тампони, овој вид на долна облека се пере и може да се користи и до 5 години.
Влошки за повеќекратна употреба

Влошките за повеќекратна употреба се користат на истиот начин како и оние за еднократна, но главната разлика е во тоа што тие можат да се перат и да се користат одново и одново со години. Направени се од посебен вид на ткаенина, која е мека и дише, и се обложени со заштитен непропустлив слој.
Сѐ уште се двоумите дали да ја направите промената?
Овие еколошки алтернативи за еднократните менструални производи целосно го променија начинот на кој жените се грижат за нивната менструација. Од мое искуство, штом жените ќе се привикнат да ги користат, скоро ниту една од нив се нема покајано.
Иако првичната цена е повисока во споредба со еднократните санитарни производи, овие еколошки алтернативи ќе ви овозможат да заштедите пари на долгорочен план, земајќи го во предвид фактот дека траат значително подолго (дури и до 10 години!).
Два важни совети за да го најдете производот кој е соодветен за вас
- Проверете дали има некои мислења за брендот (на пример на социјалните мрежи) и прочитајте за искуството на другите
- Доколку сте во можност бирајте производи кои се произведени во Европа или па во некоја од соседните држави. Поефтините производи (како на пример оние направени во Азија) се најчесто со понизок квалитет.
Каде да најдете хигиенски производи за повторна употреба?
Иако бројот на санитарните производи за повеќекратна употреба се ограничени во Македонија, можете да ги најдете во некои аптеки или во „DМ“. Постојат и некои српски брендови како и компании во ЕУ кои што ги испорачуваат нивните производи интернационално, како “OrganiCup” (www.organicup.com) и “DAME” (www.wearedame.co).
Лусил Геган
Превод: Стефан Николовски
Извори:
National Geographic, How tampons and pads became so unsustainable
Metropolitan, What’s the Environmental Impact of Your Period?
Wen, Environmentrual Fact Sheet
Global Citizen, Which Period Products Are Best for the Environment?
Leave a Reply