Личен напредок; Како да го искористите вашиот потенцијал

Личниот напредок е процес преку кој поединецот ја развива самосвеста и на тој начин сфаќа каква личност сака да биде и, што е уште поважно, согледува каква личност може да постане.

Colton Duke | Unsplash

Самосвеста може да ви помогне да ги анализирате сопствените навики и да ги трансформирате во добри. На пример, доволното спиење, вежбањето, здравата исхрана или дури и позитивното размислување за секојдневните обврски, можат многу да придонесат за вашето ментално здравје, самодовербата, мотивацијата…

Понекогаш човек може да се почувствува како да нема контрола над работите, како лист носен од ветрот. Секогаш кога започнувате со нешто ново, важно е да одите чекор по чекор, особено доколку досега не сте практикувале упорност и самодисциплина.

Понекогаш премногу се фокусирате на резултатите, а не на процесот. Преку фокусирањето на целта, морате да изградите мост помеѓу местото каде сте и каде сакате да бидете.

Во продолжение прочитајте кои утрински навики можат лесно да се вклопат во вашата рутина:

Рано будење, но и доволно спиење

Ова ви овозможува  постепено да го започнете денот, да си посветите повеќе време себеси и да се фокусирате на себе. Многумина сметаат дека треба да спијат повеќе часа отколку што навистина му е потребно на нивното тело. Кога се работи за одмор, важно е да се знае дека на телото му е доволен сон од 7 часа во текот на денот. На некои пак, им е потребно и помалку. Доколку се чувствувате уморни подоцна во текот на денот, наместо да дремнете 1 час по ручекот, можете да направите мали паузи за одмор.

Пиење вода (осум чаши на ден за да бидете здрави како дрен)

Можеби ова се чини очигледно со оглед на тоа дека се работи за основна потреба, сепак многу луѓе ја занемаруваат. На вашето тело му е потребна хидратација и тоа веднаш откако ќе се разбудите. Возрасно лице треба да консумира околу 3 литри вода дневно. Постојат многу придобивки од пиењето вода кои благотворно делуваат врз кожата, губењето на телесната тежина, мисловниот процес…

Излегување на свеж воздух/ одење на прошетка

Оваа вежба можете да ја правите во кое било време од денот. Таа е корисна бидејќи може да ви помогне да се ослободите од стресот, да го разбистрите умот, да ги стопите мастите во телото, да го подобрите спиењето…

Напуштање на удобната зона

Ова може да се постигне на многу начини. Препорачливо е секој ден да искусувате нешто ново, да си поставувате мал предизвик. Тоа може да биде готвење, запознавање нови луѓе, посетување места каде никогаш не сте биле, слушање нова музика… Ваквите обврски можат да ви помогнат да се „исклучите“ за момент од вашата секојдневна рутина, но и да им пристапите на обврските и приоритетите од поинаква перспектива. Нека ова ви биде можност за мал одмор со што ќе му дозволите на умот да го живее моментот и да заборави на обврските кои ве чекаат дома или на работа. Ова пак, се надоврзува на следната навика.

Jared Rice | Unsplash

Медитирање

Ова е мигот кој ви припаѓа само вам, кој ви овозможува да се поврзете со вашето внатрешно „јас“ и да заборавите на надворешните фактори. Кога медитирате, вие сте во состојба да го смирите и опуштите умот, па затоа е полесно да го усогласите со вашите емоции. Вообичаено е работните и домашните обврски да доведат до анксиозност, депресија или стрес, па оттука следува најчестата причина зошто луѓето почнуваа да медитираат. Докажано е дека можат да се спречат болести со редовно и правилно медитирање.

Истегнување

Од друга страна, истегнувањето може да биде многу корисно, особено кога се работи за физичкото здравје. Иако, во многу случаи, доколку сте под стрес вашите мускули се стегаат, па така преку истегнувањето се намалува напнатоста што може да ви помогне да се опуштите. Згора на тоа, истегнувањето може да спречи идни повреди, да го коригира држењето на телото, да ја одржува неговата флексибилност, да го подобри спиењето… Се работи за лесна и ефикасна навика која ќе го спречи вашето предвремено стареење.

Движење/вежбање

Вежбањето е од суштинско значење кога се работи за здрав начин на живот со оглед на многубројните придобивки кои ви ги нуди, како превенција од болести, контрола на телесната тежина, подобрување на расположението, зголемување на енергијата и подобрување на квалитетот на сонот. Не мора да одите во теретана бидејќи постојат и други начини за вежбање. Можете да пливате, да спортувате, да возите велосипед… За многумина, вежбањето е слично на страдање или нешто што самите си го поставуваат како обврска, како одење на работа на пример. Неопходно е со отворен ум да ѝ пристапите на оваа навика и да ја сфатите како момент на забава и опуштање.

Постојат многу начини на кои можете да го подобрите вашиот животен стил, почнувајќи од малите промени како јадење овошје после ручек наместо засладен пудинг или враќање пеш дома наместо со автобус после работа.

„Денес бидете подобри од тоа што бевте вчера, а утре бидете подобри од она што сте денес.“

— Лоренцо Сноу

„Започнувам со човекот во огледалото – барам од него да се промени.“

— Мајкл Џексон

Автор: Ferran Mortés

Превод: Кристина Стаменова

Извори:
https://www.cdc.gov/sleep/about_sleep/how_much_sleep.html
https://www.healthline.com/nutrition/12-benefits-of-meditation

Related posts

Create a website or blog at WordPress.com