„Marriage of cultures” младинска размена, искуство кое обединува

“Еразмус проект не е само една недела во вашиот живот, туку е вашиот живот во една недела“

Неодамна јас и тимот од Македонија се вративме од едно одлично Еразмус искуство. Бевме дел од младинската размена „Marriage Of Cultures” во Португалија каде поминавме 7 дена полни со дружба, забава но и запознавање со културите на земјите учесници. Нашата задача првично беше да се претстават свадбените традиции на земјата од која доаѓаме. Заедно со Мухамед, Андријана, Симона и Стојан, кои беа дел од тимот, прикажавме како изгледа една вообичаена македонска свадба со примеси од некои стари обичаи. Имавме можност да видиме како тоа изгледа во другите земји кои учествуваа: Чешка, Турција, Латвија и, секако, домаќините Португалија. Сите бевме изненадени од туѓите обичаи, но истовремено можевме да најдеме и многу сличности.

Покрај тоа, придонесовме за успехот на овој проект со тоа што ги развивавме нашите идеи како културните разлики можат да придонесат на нашиот личен успех и успехот на заедницата од која доаѓаме. Низ активностите кои вклучуваа тимска работа ги подобрувавме иновациите, односите и најважно од сé, се зближивме споделувајќи ги своите лични искуства, ставови и знаења. Еден од организаторите на овој проект, Васко Јошевски, кој многу ни помогна за спремањето и пристигнувањето таму, и беше одличен во водењето на активностите ни кажа една преубава реченица која целосно го опиша ова наше искуство, а таа гласеше: „Еразмус проектите не се само една недела во вашиот живот, туку вашиот живот во една недела“.

Тимот со кој ја поминав таа недела е спојка на прекрасни луѓе кои се покажаа како одлични пријатели и соработници. Токму затоа сакав и секој од нив да сподели нешто од оваа наша авантура. Го прашав Мухамед во кој дел на проектот најмногу уживал? Мухамед Енуз: Моментот кога почнав да се запознавам со луѓето од различни позадини од кои секој имаше да сподели нешто. Освен многуте итересни традиции кои ги научив за венчавките во другите земји, уживав кога работевме во групи надвор од нашите национални тимови. Соработката таму беше одлична. Уживав и во долгите вечери кои ги поминувавме играјќи игри и разговарајќи за животот. Се грижевме едни за други и навистина имав чувство дека сме едно големо семејство. На Андријана и беше прво искуство на младинска размена надвор од Македонија. Кои се нејзините импресии? Андријана: Младинската размена е бесценето искуство бидејќи ги отвора хоризонтите на секој млад човек. Можноста да се запознаат луѓе од други држави, да се научи нешто за нивната култура и животен стил е од огромно значење. Размената исто така ни овозможува да се бориме против секаков тип на предрасуди и да разбереме дека разликите всушност нè обединуваат. Го прашав и Стојан како наш тим лидер дали е задоволен од тоа како тимот функционираше и напредуваше? Стојан Стојчевски: “Marriage of Cultures” беше уникатен проект со цели од исклучителна важност, управувани од млади луѓе од цела Европа кои беа безусловно подготвени да направат разлика. Затоа, со гордост можам да кажам дека македонскиот тим, чиј лидер бев јас, покажа исклучителен интерес за темата и големо разбирање и ценење на разликите меѓу учесниците од над шест националности и култури. Македонскиот тим, исто така, покажа значително проширување на нивните професионални врски и воспостави меѓународни врски преку кои можеме да продолжиме да работиме на ширење на целите на проектот до локалните заедници. И Симона  што најмногу те изненади од овој проект? Проектот помина одлично, сите бевме вклучени во активностите. Тимската динамика е таа што ме воодушеви затоа што сите работевме како веќе да се познаваме а не како да ни е прв заеднички проект

Martina Danilovska

Related posts

%d bloggers like this: