8 дена во Љубојно со „No H8 Speech“

Беше јуни, почеток на летото во Македонија, кога повеќе од 30 учесници од Хрватска, Данска, Португалија, Словенија и земјата-домаќин, се собраа за да се борат против еден од најактуелните и најприсутни проблеми во нашето секојдневие – говорот на омраза. Во периодот од 11.06 до 20.06 годинава, живописното село Љубојно крај Преспанското Езеро беше главната сцена за имплементација на проектот: „Без говор на омраза: Зголемување на компетенциите на младите за користење алатки засновани на медиуми и театар за борба против говорот на омраза: Чекор 2“.

photo Kiril Gochevski

Живееме во времиња кога онлајн светот му дозволува на човештвото да врши повеќе дејства отколку што е дозволено офлајн. Анонимноста ја поддржува слободата. Зошто е тоа и шанса и закана во исто време? Луѓето се чувствуваат повеќе охрабрени да ги изложат своите таленти без да ги изложуваат лицата, а сепак, да бидат видени и слушнати и да добиваат повратни информации. Во исто време, бројот на говор на омраза се зголемува, бидејќи луѓето чувствуваат дека не можат да бидат казнети се додека останат анонимни – на тој начин, тие се чувствуваат слободни да прават и да кажат што сакаат. Поради оваа причина, млади и мотивирани луѓе од различни земји и потекло се собраа на младинска размена, далеку од градот, за да ги разменат искуствата и да најдат решение. Решение, кое не може да го излечи целиот свет одеднаш, но сигурно може да ги излечи световите на поединци.

Споделувањето на заедничка куќа, во мало село каде само клупа на главниот плоштад, еден ресторан и една продавница ја поврзуваат локалната заедница, уште повеќе ги зближи учесниците во проектот. Рурално место, каде што локалното население нема толку многу можности како што имаат големите градови, одеднаш стана седиште каде што се случуваа многу „големи“ работи. Енергијата на локалното население и на странците го направија овој проект незаборавен. Тие осум дена не само што работевме на тоа како да се бориме против говорот на омраза, туку и го доживеавме местото, кое иако мало, се соочува со не толку помали проблеми во споредба со големите градови од каде доаѓаа учесниците. Сфативме во нашите срца дека овде и сега е нашето место на дејствување и време да направиме разлика. Меѓу многуте активности во кои учествувавме, станавме и видео креатори. Учесниците во четири различни групи работеа на четири различни видеа. Едната група го истражуваше селото, се искачуваше по ридови, го интервјуираше локалното население и создаде промотивно видео за Љубојно, додека другата снимаше филм од перспектива на кучето – правејќи ги не само локалните жители, туку и бездомните животни среќни и љубопитни. Третата група направи едно видео кое се фокусира на темата како луѓето кои доаѓаат од различни балкански земји можат да се обединат заедно спречувајќи го говорот на омраза предизвикан од една од „горливите“ теми – фудбалското ривалство. Последната група создаде песна за надежта за подобар свет без говор на омраза, која долго време потоа ќе звучи по улиците во Љубојно и (се надеваме) ќе стане вирална.

„Среќна сум што добив шанса да учествувам во вториот дел од младинската размена за проектот: „No Hate Speech“ организиран од Волонтерски Центар Скопје преку програмата Еразмус+ што се одржа во Љубојно. Можам да кажам дека тоа беше прекрасно и корисно поминато време во ова живо планинско село со богат дух и време во кое споделив одлични искуства со многу искрени и интересни луѓе. Програмата беше исклучително богата и со примена на различни методи и активности (пр. театар) во текот на проектот, кои ни помогнаа подобро да разбереме одредени ситуации од секојдневниот живот, како да се справиме со нив и да се бориме против говорот на омраза. Голем дел од активностите и дискусиите нe’ доведоа до одговор на многу прашања за причините и последиците од говорот на омраза. Воедно не’ научија како да работиме како тим. Освен програмата, имавме забавни работилници, физички активности и многу слободно време за планинарење и истражување на селото. Имавме можност да посетиме и неколку локални фестивали кои го збогатија нашето знаење и не’ научија за селскиот живот и типичните македонски традиции и храна. Учествувавме и на локален настан со песна која самите ја компониравме и при тоа локалното население имаше прилика да проба храна од различни земји. За мене најзначајниот дел од овој проект беше тоа што запознав прекрасни луѓе со кои споделувам посебни спомени кои никогаш нема да ги заборавам.“ – рече Марија Стаменова, учесничка од Македонија.

Завршниот настан на овој Еразмус+ проект буквално ја презеде сцената на Љубојно: тим-лидерите на секоја земја-учесник одржаа мали говори на сцената во центарот на селото, која обично е домаќин на локални настани. Преку оваа Меѓународна културна вечер сакавме да им дадеме можност на младите од руралните средини да станат дел од нашиот свет. Отидовме меѓународно, давајќи поглед на хрватските, данските, латвиските, португалските и словенечките перспективи и промовирајќи ги европските вредности и можности што ги нуди програмата Еразмус+. По нашата презентација, и песната што го загрева срцето, локалците и странците продолжија да ја слават убавината на оваа обединувачка и поучна вечер со концертот на локалниот бенд од Битола – Sound Waves.

На крај, и за да ви дадеме малку од чувствата што ги споделивме во Љубојно, мал дел од нашата песна што е посилна од секој збор:

„Природата, убавите очи, длабоките разговори, доверливите насмевки,
Знам дека дома има многу да се направи, но во Љубојно ти си – ти“.

Евелина Чанска

Related posts

%d bloggers like this: