Сино лелеаво море
Сино лелеаво море, дали длабоко во тебе моите солзи ги криеш?
Или досега испарени се од жешково малтешко сонце?
Сино лелеаво море, зарем од тага сјаеш?
Зар толку си бесно, што единствено олеснување ти е на брегот да се фрлаш?Сино лелеаво море, сакам да сум твоја сирена.
Очите со тебе едно да ми се.
Сино лелеаво море, сакам да сум само твоја креација.
Да мирисам на тебе и да сум солена, а блескава.
Кажи ми море, како и покрај сето ѓубре во тебе, толку чисто се лелееш, милно
Ти, што прва насмевка кај децата си, што мир носиш повеќе од секој силен дожд, зарем не си некогаш уморно од сиов овој џагор и бука?
И зарем сево ова зиме не ти недостасува?
Лелеаво море, зарем не му се лутиш на сонцето што везден те пецка?
Лелеаво море, кажи ми како да разговарам со месечината.
Сино лелеаво море, јас ќе бидам онаа која зиме ќе те посетува.
Август
Август е твојот месец. Ти го обожуваш летото… Лаву мој.
Зајдисонцето ме потсетува на тебе. Убавото зајдисонце покрај морето е најблиско до совршенството на овој свет, после нашите охридски зајдосонца.
Ни Горјан Петревски не би можел да ги опише моите чувства кон тебе додека ги гледам облчачињата од шеќерна волна на небото, слушајќи ги детските среќни извици во водата.
Само ти недостасуваш на оваа прекрасна сцена на плажава, која буди солзи во моиве очи и ми го затвора грлото, додека с# побрзо пишувам…
Ужасно болно, многу ми недостасуваш.
Имам храброст да ти признаам. Само не в очи.
Зборот „кадифено“ ми е омилен придавски збор. Ме потсетува на убави работи.
Кадифено маченце.
Кадифениот кауч кај баба ми кој стои на истото место уште од Југославија.
Кадифеното маченце од баба ми на нејзиниот кадифен кауч.
Кадифен глас, како оној од Џуди Гарланд.
Кадифе, кадифе, кадифе…
Сакам хаотично скоцкани, убави, меки на душата работи.
Како мојата љубов кон тебе.
Затоа те пуштам. Зашто мојата љубов и приврзаност кон тебе, тебе те гуши, а јас сакам да дишеш и со сите нишани(како што е воздухот) да живееш.
П.С. Ме препознаваш ли?
Дафина Веселиноска
Leave a Reply