Што сега? Совети при кариерно определување

Бирањето животна патека не е никогаш лесно, иако секој од нас мора да донесе таква одлука и тоа повеќе од еднаш. Без разлика дали станува збор за одлучување на кој факултет да се запишеме, дали да продолжиме на постдипломски студии, или пак во кои компании да аплицираме за пракса или работно место, ние како млади луѓе може да се почувствуваме изгубени во морето од опции. Целта на овој текст е да понуди неколку алатки од помош при носењето одлука во вакви и слични ситуации.

Кога сме соочени со тешка одлука за тоа што да правиме следно и која животна насока да ја одбереме, најбитно е добро да се информираме и да направиме внатрешна анализа. Поточно, треба да истражиме што нѐ прави среќни, дали имаме афинитет кон некое конкретно поле и да оцените дали нѐ бива или не за одредени работи.

Корисно средство кое може да ни помогне при себе-истражувањето е варијанта на SWOT анализата, каде што секоја буква претставува поле за понатамошно истражување. Па така, треба подлабоко да размислиме кои се нашите силни страни (Strengths), односно нашите способности, таленти и умешности. Потоа, потребно е да размислиме за своите слаби страни (Weaknesses), што значи дека треба да ги процениме сопствените маани како и оние полиња каде ни недостига знаење или умеење. Следно, анализата се фокусира на надворешните влијанија, коишто се повторно поделени на позитивни и негативни. Всушност, ги разгледуваме можностите (Opportunities) кои може да бидат кои било трендови и екстерни фактори кои би ни помогнале да ги достигнеме нашиот потенцијал, додека заканите (Threats) се оние влијанија кои нѐ уназадуваат или ни наштетуваат при обидот да ги постигнеме целите.

SWOT анализата е само една од многуте алатки коишто може да се искористат при само-евалуација. Пример за корисно средство при внатрешна анализа е рефлексијата. Навистина е битно да издвоиме време и да си дозволиме да ги разбереме сопствените мисли, чувства и реакции на различни ситуации за да се запознаеме себеси подобро. Оваа активност може да ја практикувате во кое било време додека сте насамо – за време на прошетка, кога се одморате после училиште или пак додека пишувате во вашиот дневник. Иако понекогаш е навистина корисно да се вербализираат мислите и да се запишат како белешки, рефлексијата може да е и само ментална вежба. Во обата случаи, би се запрашале себеси кои се главните заклучоци од одредена случка, што можеме да научиме за себеси од начинот на којшто сме изреагирале, од сопственото однесување или чувства и што би запомниле за наредниот пат кога би се нашле во слична ситуација.

При рефлексијата, можеме да го продлабочиме истражувањето со помош на техниката наречена 5 прашања, којашто е навистина едноставна но многу моќна – сѐ што треба да направите е да се запрашате „зошто?“ на секој одговор што ќе си го дадете, сѐ додека не стигнете до вкупно пет прашања што почнуваат со „зошто?“. Со тоа, полесно можеме го да откриеме изворот на нашите мисли и чувства наместо да останеме само на површинска и помалку значајна анализа. Воглавно, колку подобро се познаваме себеси, толку појасни стануваат нашите цели и „правилните“ патеки затоа што стануваме посвесни во врска со тоа што најдобро одговара на нашите желби и способности.

Но, треба да бидеме свесни дека внатрешната анализа е само еден дел од сложениот процес на донесување одлука. Секако, мора и добро да се информираме за опциите и можностите коишто некогаш се затскриени. Логичен начин да се започне ваквото пребарување е преку гуглање на универзитетите, курсевите, стипендиите, невладините организации или повиците за пракса или работа и преку споделување искуства со врсници и оние коишто поминале низ слични ситуации. Со тоа, добиваме подобра слика за реалноста околу нас, како и за она што е неопходно за да стигнеме до посакуваната цел и што треба да направиме за да аплицираме на различни места.

Освен тоа, истражувањето на опциите може да вклучи стапување во контакт со претпоставените на оние места коишто ни изгледаат посебно интересни или пак барање на повеќе информации преку неформално образование како што се настани организирани од страна на невладини организации и младински работници. На пример, со цел да им се помогне на средношколците коишто не се сигурни кон што да се насочат по завршувањето на средно училиште, неодамна беше организиран настан во просториите на Волонтерскиот Центар Скопје, како резултат на тренингот за младински работници насловен „Кон иднината“ а финансиран од Еразмус+ програмата на Европската комисија.

Откако ќе собереме доволно информации за секоја од опциите и ги спознаеме сопствените силни и слаби страни како и можностите и заканите, би требало да сме спремни да согледаме која насока е најдобра за нас. Тогаш, следниот чекор е да работиме кон постигнување на посакуваните цели и континуирано да се информираме за секакви дополнителни потребни документи или рокови. Штом знаеме што сакаме да постигнеме, мора да најдеме мотивација и внатрешна сила да дадеме напори за да стигнеме до целите, бидејќи не е доволно само да знаеме што сакаме доколку не работиме кон остварување на истото.

За крај, запомнете дека носењето конечна одлука е далеку помалку стресно кога одиме чекор по чекор наместо да се обидуваме да направиме сѐ одеднаш и да го испланираме цел живот однапред. Освен тоа, секогаш можеме да се премислиме и да ја промениме одлуката доколку согледаме дека е нешто што повеќе не ни одговара. Како што поминува времето и се трудиме да ги постигнеме зацртаните цели, ние учиме сѐ повеќе, некои дилеми се разјаснуваат сами по себе, додека други ненадејно искрснуваат.

Понекогаш се случува да откриеме нови интереси или пак да ни се отворат нови можности коишто не би можеле да ги предвидиме и повторно се наоѓаме пред раскрсница каде што патеките се испреплетуваат. Животот се одвива органски и спонтано, па затоа не можеме целосно да го испланираме, но секогаш е подобро да си поставиме очекувања и цели за да можеме да сме сигурни дека се движиме во посакуваната насока. Искрено се надевам дека дел од претставените алатки и предложените начини на пребарување на информации ќе ви бидат од помош при носењето одлука којашто најдобро ќе ви одговара во дадената ситуација. Ви посакувам успех без разлика на кариерата што ќе ја одберете.

Елена Галевска

Related posts

%d bloggers like this: