Скопје чисто ти ќе бидеш

Можеби ќе ви изгледа претенциозно, но хигиената во нашиот град е навистина подигната. Парковите, улиците, тревниците  низ Скопје не се онакви какви што беа пред многу години: полни со секакво ѓубре, остатоци од храна, празни шишиња, фрлени амбалажи… Да не се лажеме, далеку е тоа од метропола како што доликува на една европска земја, но сепак, палец горе за граѓаните, случајните минувачи, намерниците, сезонските работници, општинските и градските комунални служби. Ако навистина барем малку е подигната свеста за потребата од чиста и здрава животна средина – тогаш сме на вистинскиот пат.

А, токму ни беше целта кога го започнавме проектот: „Средношколците за почисто Скопје“, што периодов го реализиравме заедно со Град Скопје и со помош на нашите пријатели од „За почиста Македонија“. Идејата ни беше да ги разбудиме средношколците, затоа што тие се крвотокот на секое општество. Бевме во секое средно училиште, на учениците им покажувавме како да рециклираат, како да го сепарираат отпадот, ги мотивиравме да влијаат кај нивните другари и пријатели да се однесуваат поодговорно кон природата. Па, потоа ги поканивме да ни се придружат во екоакциите што ги реализиравме во сите десет скопски општини и на дело да покажат пример. Им дадовме и задача да креираат постер на тема: „Екологија: чиста и здрава животна средина“. Можете да ги сретнете низ градските автобуси.

Нам лично ни импонираше што некогаш не успевавме да најдеме место за чистење низ општините. Знаете, се шетате низ населба и барате да воочите ѓубре што ќе биде погодно за масовна екоакција. Добро, по некоја фрлена кутија за цигари или лименка пиво покрај клупите ни станаа секојдневие, па некако не се потресуваме за тоа. Отпушоците од цигари не ги ни третираме како отпад. Но, веруваме дека во иднина ќе го искорениме и ова чувство на рамнодушност кон „малку ‘прљаво‘“.

Искуствата покажуваат дека кога се наоѓаат во средина која е веќе прилично полна со остатоци од ѓубре – луѓето чувствуваат помала одговорност или грижа на совест доколку и тие допринесат во ѓубрето. Самото присуство на расфрлани отпадоци, на некој начин, дава чувство на нормалност во фрлањето отпадоци. Но, од друга страна, на место каде што нема ниту еден отпад, многу помали се шансите некој да се осмели да биде првиот што ќе ја наруши чистотата. Колку почиста е околината, толку поголеми се шансите да остане таква, а нејзиното одржување е наша заедничка одговорност.

Изминативе месеци се уверивме дека младите сакаат да направат промена. Ајде сите заедно да го направиме пресвртот во општеството.

Горан Адамовски

Related posts

%d bloggers like this: