За Мариово сте слушнале сигурно од приказните за Итар Пејо – итроман кој е најпозната фиктивна личност во македонската литература. Да, можеби сте слушнале за Мариово и во романот „Крпен Живот“. Двете се дела на Стале Попов, македонски писател роден во село Мелница, Мариовско. По патот накај селото Витолиште, во кое што е роден мојот дедо, може да се забележи родната куќа на Стале Попов и тоа е единствената куќа која што е останата од тоа село што останало во заборав.
Во Мариово сум одел од моите рани години, можеби уште кога имав 5-6 години. Секоја година за време на летниот распуст поминував по еден месец на село со моите баба и дедо. Кога бев дете не можев баш да сфатам каде сум и зошто е се толку старо и запуштено таму, но секогаш ја осеќав магијата на селото и престојот во природа. Додека растев во селото имаше по неколку деца кои што беа таму родени, а некои доаѓаа за викенд да ги посетат баба и дедо.

Како што поминуваа годините, времињата се менуваа, јас растев и се помалку имав време и можност да идам на село. Но, секогаш имав голема желба да им го покажам селото на моите најблиски роднини и пријатели кои што можеби никогаш не биле во село во кое што се уште се чуствуваш како да се враќаш во времето назад пред 50 години.
Оваа година решив да ги поканам моите најблиски и заедно во моето село, мојот двор да го прославиме празникот „Илинден“. Во село Витолиште секоја година за Илинден се организира селска слава и сите се поканети да дојдат во селото на тазе приготвена телешка чорба. Ноќта пред празникот славата почнува во манастирот „Св.Илија“.
Бевме собрани околу 13 пријатели за викендот околу празникот и заедно ги запознававме селото и околината. Еден ден одвоивме и да го посетиме соседното село Живово кое и не е повеќе живо, но се уште има куќи кои што се користат од ловџии за време на зимскиот период. Неколку дена после Илинден решивме да ги посетиме и селата Бешиште и Полчиште во кои што буквално се вративме 100 години наназад. Во двете села живеат по 5-6 луѓе кои што покрај тешкиот живот и тешките услови, не се двоумеа ни трен за да не почестат или угостат со тоа што го имаат. Слушнавме многу различни приказни за двете села и за тоа како луѓето сега таму живеат. Пред да се вратиме во село Витолиште решивме да пробаме нешто локално за Мариово и се упативме кон етно ресторанот Мариово. Ресторанот се наоѓа веднаш после мостот на црна река и е поставен на отворена ширина. Погледите од таму се прекрасни и само додаваат убавина кон веќе опуштениот амбиент што го нуди местото.
Мариово се дели на 3 дела: Прилепско, Битолско и Кавадаречко. Сите села што ги спомнав во текстот се наоѓаат во прилепскиот дел на Мариово.
Мариово го препорачувам на секој што бара авантура, истражување, историја, храна и традиција. Природата што ќе ја видите и посведочите во тој регион, нема да ја најдете на друго место во Македонија. Ридови, карпи во различни форми, реки, висорамнини и шуми, сите си имаат свој шмек или како што јас милувам да кажам, Мариовски шмек. Патот до село Витолиште е нов, реновиран и добро обележан. Во селото има една вила која издава соби за преноќување.
Не му ја мислете многу, следен пат кога ќе посакате авантура во природа, тргнете накај Мариово. Во кое село и да завршите нема да погрешите. Сакајте и чувајте ја Македонија и нејзините богатства и секогаш однесувајте се одговорно во природа.
Петар Стевановиќ
Leave a Reply