Сместена покрај брегот на Атлантскиот Океан, Португалија постојано повикува волонтери да ја откријат нејзината богата историја, прекрасната архитектура и неверојатните пејзажи, а истовремено да направат значајна разлика во животите на локалното население. Сепак, она што ја прави оваа земја навистина посебна е гостопримливата и пријателска култура која зрачи преку едноставна насмевка и „cafezinho“. Вклучувањето во волонтерската култура на Португалија може да ви го промени животот ако сакате подлабоко да го цените светот околу вас.
Во изминатиов месец, постојано се потсетував на мојот личен раст со кој се стекнувам преку волонтирањето во Агеда, мало необично гратче кое се наоѓа на само еден час оддалеченост од живописниот град Порто. Секој ден е нова авантура, бидејќи имам привилегија да го делам мојот дом со волонтери од Унгарија, Белгија и Турција. Мојата работа со луѓе од Финска, Австрија, Романија, Хрватска (и многу други), ми донесе ново ниво на возбуда и раст додека учиме едни од други за нашите различни култури и потеклa. Дали некогаш сте пробале овошна супа, тестенини со компири или чоколаден тост? Па, вака изгледа да се има меѓународни цимери: културните шокови никогаш не завршуваат, а вие добивате нов поглед кон светот.
Истражувањето на различни култури отсекогаш било мој сон, а моето искуство во Португалија досега е навистина уникатно. Португалската култура и начинот на размислување ги чувствувам неверојатно познати и свои, и чувствувам како полека но сигурно се адаптирам на овдешниот начин на живот. Атмосферата на малиот град го прави животот да се движи со побавно темпо, а едно кратко патување со воз ме носи до брегот на Атлантикот. Освен тоа, со оглед на тоа што Португалија е релативно мала земја, лесно е да се патува и да се искусат нови места без да се потрошат многу пари и време.
Луѓето обично ме прашуваат: „Кој ти е најголем културен шок овде?“. Па, другите Европејци обично го истакнуваат португалското опуштено темпо на живот. Бидејќи доаѓам од Балканот, во никој случај не сум шокирана од недостатокот на точност или културата на секојдневно пиење кафе со пријателите. Најголемата разлика што ја гледам е тоа што има портокали и лимонови дрвја насекаде, а она што најмногу го ценам е можноста да бидам дел од нашата разновидна, но сепак обединета европска заедница на волонтери.
Сега откако ја додадовте Португалија на вашата листа со желби, ајде да зборуваме за нешто позначајно од само „посета“: волонтирање!
Дали сте размислувале да помагате од срце на заедница на другата страна на Европа? Ова е она што проектите на Европскиот солидарен корпус ви помагаат да го постигнете. Иако помина само еден месец, веќе почнав да учествувам во различни едукативни, еколошки, интеркултурни активности, како и организирање настани во рамките на Младинскиот центар во Агеда. Бидејќи една од најсилните вредности на волонтерството е неформалното образование, се фокусираме на работилници кои промовираат различност, креативност и чувство за претприемништво кај младите. Од организирање часови по англиски јазик за локалците, до спроведување на училишни сесии посветени на важни историски и општествени теми, се грижиме да придонесеме за образованието и зајакнувањето на младите.
Исто така, се обидуваме да им донесеме малку радост на постарите луѓе од Агеда, со сесии наречени „Училиште на животот“ со пензионирани локалци кои ги споделуваат своите инспиративни животни приказни и дознаваат повеќе за нашите култури. Да се чувствувате како дел од едно големо семејство додека сте далеку од дома е без сомнеж едно од најскапоцените искуства. И секако, за страстните љубители на екологијата, има многу проекти за зачувување на шумите во Португалија, што е од огромна важност за локалното население. За крај, возбудена сум поради претстојниот Карневал кој е важен настан во регионот, а на кој земавме учество во организирањето, како и интеркултурните сесии и активностите во коишто учесниците ќе имаат можност да вежбаат странски јазици.
Иако штотуку го започнав моето искуство во Португалија, веќе ја гледам преобразувачката моќ на волонтирањето. Топло препорачувам секој да ја искористи можноста да волонтира барем еднаш во својот живот. Ова едномесечно искуство ме инспирираше да се стремам кон личен раст и самооткривање и со нетрпение чекам да откријам каде ќе ме води овој пат во иднина.
Андријана Смиљковска
ЕСК-волонтерка испратен од VCS
Leave a Reply