Водич за преживување на „Денот на вљубените“

Кога ќе дојде 14 февруари – „Денот на вљубените“, интернетот знае да експлодира од романтични содржини. Сеедно дали се тоа реклами за накит, чоколадни бонбони, букети цвеќе или, пак, едноставно вљубени парови чија љубов е, небаре, совршена. Дали сте помислиле некогаш дека „Денот на вљубените“ е преценет? Сепак, можеби нецелосно сфаќаме како овој празник може да влијае врз нас. 

„Денот на вљубените“ би требало да биде еден позитивен ден – со самото тоа што е ден на љубовта. Но, ова не е првпат социјалните медиуми да имале негативно влијание врз нас и да не ставиле во таква непријатна ситуација. Факт е дека социјалните медиуми имаат позитивна страна со самото тоа што можат да нѐ зближат со луѓето ширум светот, меѓутоа, истовремено, можат негативно да влијаат врз нашето ментално здравје. Сето тоа е поврзано со нашата самодоверба и со моментот кога ќе почнеме да се споредуваме со другите луѓе. Штосот е во тоа што сите луѓе ги постираат само најдобрите моменти од своите животи. Малкумина ги споделуваат тешките и неубави моменти. Почнуваме да се споредуваме себеси со нереални стандарди, а со самото тоа страда нашата самодоверба. 

Од каде поврзаноста на сето ова со „Денот на вљубените“? Без разлика дали сте во врска или сте слободни, социјалните медиуми можат да направат притисок на целата ваша ситуација. Ги гледате сите парови како објавуваат слики или видеа заедно, како нивната врска е полна со љубов и без никакви маани. Ги гледате како меѓусебно ја искажуваат својата љубов и изгледа како да целиот свет ечи за вашата самотија или, пак, како нечиј партнер, се чувствувате дека не може ниту одблиску да се споредите со останатите. За некои пак, тоа се случува во форма на болни сеќавања, каде што за миг славеле со своите сакани, а, пак, сето тоа завршило со најужасното раскинување, а сега, сѐ што гледаат се само тие „идеални” парови и реклами.

Важно е да се сфати дека верзијата за „Денот на вљубените“ прикажана од социјалните медиуми не е вистинита и го покажува само најдоброто од реалноста на луѓето. Паровите би требало да го намалат акцентот на комерцијалниот аспект од овој празник и да се фокусираат на автентично поврзување. Прилагодете ги вашите очекувања и олеснете го чувството на притисок. Маркетингот е присутен насекаде без оглед дали се тоа ТВ-реклами, билборди или постови на социјалните мрежи. Секој треба да биде свесен за маркетиншките цели и да се обиде да не дозволи да прави споредба со својата ситуација. Имајте на ум дека овие слики се често идеализирани. Неопходно е да се обрне внимание и на тоа кога ни рекламираат нешто. Постои една изрека која вели: „Споредувањето е крадец на радоста”. Лесно е да се падне во замката – споредување на самите себе. Обидете да се сконцентрирате на нештата што ви значат и се важни за вас и вашиот партнер. Славете ја вашата љубовна приказна и ценете ги квалитетите што ја прават вашата врска посебна. Најдобро е да намалите со користењето на социјални медиуми ако чувствувате дека сте премногу чувствителни на нивното влијание. Секако, може да се почувствувате зависни и да ви е тешко да го направите тоа, меѓутоа ако се чувствувате под притисок за време на „Денот на вљубените“ – може да престанете барем додека трае празникот. Наместо тоа, можете да го пренасочите вашето внимание кон попозитивна и инспиративна содржина која ќе ви донесе радост и ќе ве инспирира. Понекогаш, притисокот знае да биде од помислата дека вашиот партнер има некакви очекувања за самиот празник. Меѓутоа, дали вашите претпоставки се факт? Ако се чувствувате напнато и чувствувате потреба да ги исполните нивните очекувања, најпрво седнете и поразговарајте со вашиот партнер во однос на тоа. Бидете отворени и споделете ги вашите чувства. Сконцентрирајте се на вашата врска и не дозволувајте останатите да ви го заматат умот. Зошто не би ја персонализирале вашата прослава? Не постои некое правило за тоа како се слави овој ден. Прилагодете ја прославата прикладно на вашите уникатни интереси. На пример, со гледање филм во домашна атмосфера, играње игри, готвејќи или пак појдете во некој нов ресторан. Постојат многу начини, а вие можете да ги адаптирате да одговараат на вас и вашите сакани. Секако, може и да одлучите и воопшто да не славите. Направете онака како што мислите дека е  најсоодветно за вас двајцата.

Да не заборавиме и на оние кои што се слободни. Повеќето луѓе забораваат дека најважната љубов што некој може да ја има е љубовта кон самите себе! Начинот на кој што се однесувате спрема себе е тоа што ве обликува вас, вашите врски и вашето однесување во секојдневието. Љубовта кон сам себе е кога човек одвојува време да биде љубезен кон себе си: физички, ментално или духовно. На „Денот на вљубените“ можете да ја празнувате таа „самољубов“. 

Но, како? Па тоа е многу едноставно. Правете го сето она што ве прави среќни, ве релаксира и ви помага да избегате од негативните мисли. Може да биде читање книга, топла купка, или, пак, да запишувате позитивни мисли. Всушност, постојат безброј начини. Ова нека биде и еден потсетник да се празнувате себеси, не само на „Денот на вљубените“. Не дозволувајте негативноста на интернетот да влијае врз вас; и покрај сите нешта – вие секогаш заслужувате љубов!

Александра Шумјелевич

Превод: Стефан Николовски

Извори: 

goodintention.co – How to Avoid Social Media Pressure and Comparison on Valentine’s Day

hughbaird.ac.uk – Self-Love: The Key to a Happy Valentine’s Day

healthnews.com – Handling the Social Pressure of Valentine’s Day

Related posts

Create a website or blog at WordPress.com