Март е променлив месец, месец кога можеме да искусиме по малку од зимското и пролетното време. Сите ја чекаат пролетта со нетрпение и постои една посебна традиција раширена во одредени балкански држави. Првиот ден од март е наречен Баба Марта и името се поврзува со подла, немирна баба, која е позната по променливите расположенија – како што е март познат за променливото време.
На овој ден, луѓето си споделуваат со своите роднини и пријатели белегзии направени од бели и црвени нишки, волнени или памучни. Белегзијата има различни имиња, зависно од државата. Во Македонија е мартинка, во Бугарија – мартеница, во Грција – martis, во Албанија – verore и во Романија и Молдавија – mărțișor. Главно, белата боја симболизира чистота и здравје, а црвената е симбол за крв и живот. Постојат повеќе извори кои предлагаат дека белата е симбол за здравје и долговечност, а црвената симбол за сонцето кое се буди, изгрева во нов живот после долгата зима. Најраспространето е тврдењето дека белата и црвената боја, ставени заедно, едноставно симболизираат желба за добро здравје.
Кога ќе им подариме мартеница на нашите сакани, сакаме да ги заштитиме од „лошите очи” на Баба Марта. Заради ова, овие белегзии се третираат како еден вид амајлија. Обично, луѓето носат мартеница се додека не го видат првиот знак на пролетта, кој може да биде првото расцутено дрво, првиот штрк или првата ластовица. Сепак, некои луѓе ја носат цел месец март. Веднаш штом ќе биде забележан првиот знак на пролетта, секој треба да ја стави мартеницата на некое дрво или под некој камен. Според верувањата, тоа треба да донесе здравје и среќа. Некогаш многу одамна, мартеницата оставена под камен се користела за претскажување. Луѓето се враќале по неколку дена да видат што се појавило на тоа место. Ако имало некои инсекти (како на пример, црвени мравки), тоа било толкувано како ветување дека стадото овци и коњи ќе се зголеми. Во денешно време, луѓето сеуште тежнеат да бараат знаци под камењата за да ја претскажат иднината. Појавата на ларви се толкувала како успех, мравките кажувале дека претстои успех, но за кој треба напорно да се работи, а пајаците значеле несреќа.
Истражувајќи го потеклото на овој обичај, се сретнуваме со голем број интересни легенди. Традицијата е стара повеќе од 1300 години и датира од почетоците на бугарската држава во 681 година, кога Кан Аспарух војувал против Византиската Империја. Како што кажува легендата, после една победничка борба, Аспарух испратил орел со бели нишки врзани за неговите нозе со известување за победата до својата сестра или неговиот главен камп. Пред орелот да стигне до дестинацијата, бил повреден од византиска стрела. Белите нишки поцрвенале од крвта и така била создадена првата мартеница, со една едноставна порака дека не постои среќа без страдање.
Други извори водат подлабоко во римски традиции и упатуваат на богот на војната Марс и неговата жена Белона. Римјаните го славеле Мартиус, првиот ден од март, а истиот тој ден и како првиот ден од календарската година. Во истото време почнувале подготовките за воената сезона со чистење на оружјето и организирање на трки. Белата боја се асоцирала со Белона, а црвената со Марс.
Легендата за Баба Марта звучи повеќе како приказна која возрасните им ја раскажуваат на децата. Наводно, Баба Марта – која го претставува март – е сестра на Голем и Мал Сечко, кои ги претставуваат јануари и февруари. Браќата Сечко живеат на планина и Баба Марта треба да ги напушти, бидејќи има променливо расположение и влијае на времето. Со нејзината насмевка доаѓа сонцето, но нејзината лутина носи облаци и ветер. Кога се мурти, носи студ и снег, што ги уништуваат веќе расцветаните растенија. Баба Марта, која секогаш носи црвен фустан, ги посетува куќите и градините на луѓето. За добра среќа, луѓето ги чистат куќите и палат непотребни работи во логорски огнови. Децата си играат скокајќи го огнот, додека мајките чукаат на лончињата за да ги избркаат лошите духови. Постои едно суеверие поврзано со доаѓањето на Баба Марта – старите луѓе не излегуваат од куќите на 1 март, бидејќи таа сака да гледа само млади луѓе. Една поинаква верзија на оваа приказна вели дека Баба Марта е толку променлива и каприциозна, што секоја зима браќата го пијат целото вино без да остане ништо за нејзе.
Мартеница исто така се смета и за симбол за вечна љубов. Во Бугарија луѓето не прават само бело-црвени белегзии, туки и две кукли наречени Пижо и Пенда. Пижо е машка кукла направена од бели конци, а Пенда е женското и е направена од црвени конци. Легендата кажува дека Пижо бил работливо момче полно со добрина, кое се заљубило во најубавата и најпаметната девојка во селото. Пенда му ја возвратила љубовта и се венчале и сите биле воодушевени од моќта на љубовта која ги сплотила. До ден денес, Пижо и Пенда не потсетуваат за вечната љубов секоја година.
Извори:
http://www.obliczakultury.pl/publicystyka/obyczaje-swiata/1965-martenica-bulgarskie-swieto-wiosny
http://tymczasemwbulgarii.blogspot.com/2014/03/1-marca-martenica.html
http://www.blowminder.com/2015/03/24/wiosenny-amulet/
https://theculturetrip.com/europe/greece/articles/martia-the-balkan-traditions-of-spring/
Евелина Ханска
Leave a Reply