Сега е секогаш вистинското време

ЕСК волонтерство во време на Корона. Интервју со Невин Канзо.

Секој период од животот пред нас поставува предизвици со кои мораме да се соочиме. Но не секогаш активноста и движењето значат дека напредуваме и одговараме соодветно на предизвикот. Некогаш треба да застанеме за кратко и размислиме до каде сме и во кој правец сакаме да продолжиме. Новата реалност со која се соочи светот е уште еден предизвик на кој треба да одговориме, да ги промениме нашите параметри, погледи и да се прилагодиме. Некои имаат храброст, способност брзо да ги пресметаат ризиците и придобивките, да донесат одлука. Некои се осмелуваат, други, мотивирани од нивното патешествие, продолжуваат таму каде првите застанале.

Храброст значи да го следиш срцето. А мојата драга пријателка Невин го послуша своето и токму во времето на новата реалност зачекори по патот кон стекнување нови искуства, знаења и нови пријатели. Таа замина во Турција на двомесечно волонтирање во рамките на Европскиот Солидарен Корпус, покажувајќи дека СЕГА е секогаш вистинското време за нов почеток.

Што претходеше на твојата одлука да заминеш на волонтирање во друга држава? Дали имаше колебање, со оглед на актуелната ситуација? Поддршката од твоите најблиски, некои лични размислувања?

Посилно од сѐ беше мојата желба да запознам нова култура, поинаква традиција и секако, нови знаења и нови пријатели. Не се колебав воопшто бидејќи сепак за Турција знаев дека постојат воспоставени заштитни мерки за време на пандемијата кои се почитуваат. За својата одлука имав целосна подршка од моите најблиски и многу сум им благодарна, затоа не се двоумев да се пријавам и бидам дел од овој прекрасен проект.

Како помина патувањето до таму? Протоколите за Covid-19, мерки, организацијата-домаќин и нивниот тим?

Патот помина малку поневообичаено од она на кое сме навикнале, со почитување на протоколите, со маски и физичко растојание, сепак вооглавном добро, ми влеваше целосна сигурност. Во местото на престој протоколите беа истите што сите земји ги применуваат, значи маски и физичка дистанца. Можеби мерењето на температурата на граѓаните може да се издвои, доколку одите некаде или влегувате во одреден простор. Организација домаќин LIDOSK промовира интеркултурно образование и разбирање, спорт како здрав животен стил и заштита на средината. Со оглед на околностите, координацијата им беше во ред, а сместувањето одлично, пријателска и позитивна атмосфера. Верувам дека би било уште подобро да не беше актуелната ситуација.

Во што се состоеше твоето волонтирање? Колку се пронајде себе си во тоа? Дали очекуваното искуство стана реалност?

Моите волонтерски задачи беа исклучително интересни, се состоеја во надгледување и заштита на морската желка – Саrreta carreta, посебно за време на сезоната на изведување на потомството, во должина од неколку километри од брегот. Исто така и заштитата на самата животна средина беше еден од нашите приоритети. Иако не сум студирала биологија, за мене овој проект беше едно од најубавите искуства во кои сум учествувала, каде можев да допринесам и научам многу корисни работи. Се разбира, имаше и слободно време за дружење со останатите волонтери, културни посети на места и забава. Да, навистина, очекувањата ми станаа реалност дури и повеќе отколку што се надевав.

Колку ти се допадна околината каде престојуваше? Нови пријателства, забавниот дел од волонтирањето и посети на места од културно значење?

Местото каде престојував беше малечко гратче, Демре, регионот на Анталија, прекрасно место со топли луѓе, секогаш спремни да ви помогнат. Стекнав и добри пријатели за два месеца, како Џенета од Сараево, волонтерка, со која секојдневно се слушаме и планираме да одиме на други проекти заедно.

Посетив многу места од културно и историско значење во околината, како што е МYRA еден од најстарите градови и важно место во време на христијанството. Слободното и времето за волонтирање се така организирани да дозволуваат да ја истражете околината и локалната култура. Се разбира, тука е и прекрасното чувство на постојаниот престој на бескрајните плажи, со целиот жив свет и звуците на брановите.

Некои свои размислувања по завршувањето? Со какви предизвици се соочи и колку ти помогна да се надоградиш како личност, нови знаења и вештини?

Моите впечатоци од ова искуство се многу силни, незаборавни: посветеност на животната средина и живиот свет, помош и интеракција со локалната заедница и стекнати нови знаења како да се помогне во спасувањето и заштита на животните. Друго што ми беше важно е, се разбира, подобро запознавање на нова култура. Жителите од локалната заедница и пошироко беа секогаш пријатни, срдечни, спремни да ви помогнат. Неописива е и убавината на природата, морето, чудесните историски места во Анталија што мора да се видат и почувствуваат.

Самото присуствуво на овој проект ми помогна да научам и нови работи за себе и своите способности, да бидам свесна за животната средина и културата на одржаваме чиста.

Дали би го препорачала целото искуство на младите кои имаат желба да волонтираат?

Дефинитивно би им го препорачала искуството на сите млади заинтересирани да стекнат нови знаења, искуства и пријателства, да научат повеќе за Еразмус културата но и за себе си. Во мојот случај за животната средина и животинскиот свет – како да ги заштитиме, животната средина од отпад, како да ја подигнеме нашата свест. Патувајте, учите, откривајте нови култури, така ќе се откриете себе си и своите способности.

Горан Галабов

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s

%d bloggers like this: