Исповед на горда вљубена девојка

Цели две недели откако последно те видов…

А некако, како цело време да те гледам….

Дури и додека го пишувам ова можам да те видам како се смееш… Твоите очи се среќно накосени, само што не почнале водопади да извираат од нив… Усните раздвоени, ти ги бројам забите. Еден, два, три…

Ми се чини како твоето битие да се има населено во секоја моја пора… така што, буквално не можам ни да сум гола без да ми се причини дека си до мене…

Да бев поодлучна ќе можеше тоа и вистина да е. Хахаха…

Но, не ми е смешно, некако…

Дури деновиве се соочив со сериозноста на ситуацијава…

А ситуацијата е следнава: се вљубувам…

Како знам? Па така како што нема мисла која останува подолго од 5 секунди, а која не те опфаќа тебе.

Така како што твојот поглед ми стана опсесија.

Така како што твоите маани за мене ги нема.

Така како што…навистина имам пеперутки.

Не си правам услуга со тоа што си дозволувам за тебе да си фантазирам.

Затоа и ти го избришав бројот. За ова да не се случи.

А сепак…

                  Еве

                         Се случува

И тоа…

                зазема големи размери….

Што знам, мислам дека не грешам

Зашто

Некако, секој цвет ми личи на цвет кој ти би ми го подарил.

И сфаќам фактички и конечно, колку е убава љубовта.

                                                                                                          Жива е.

Додека седам на цветнава тераса кај тетка ми, во робата од прабаба ми, испрскана со крем против комарци и додека зајдисонцето и мачоров(спие до мене мрзливецот) ме дружат, се чувствтвувам жива и колку и да сум неодлучна за тебе, во ова сум сигурна. Ја слушам Coffee breath и…. ги гледам цвеќињата во градината долу.

Дедо ми ги полева.

А ти ги кинеш.

                             За мене.

Дафина ,,Даффне” Веселиносka

Related posts

Create a website or blog at WordPress.com

%d bloggers like this: