Иако Меѓународниот ден на Франкофонијата, 20 март, помина не одамна, Франкофонијата треба да се негува во секое време, затоа во прилог споделуваме превод од француски на македонски јазик на извадок од романот Брзо живеење од Брижит Жиро, добитник на Гонкуровата награда за 2022 г.
Инспирирана од вистински трагичен настан, авторката се навраќа на настаните од минатото и поставувајќи си прашања на кои тешко може да им се даде одговор, се обидува да сфати што довело до сообраќајната несреќа со мотор во која загинува нејзиниот сопруг…
[…] А да не посакав да го продадам станот?
А да не се заинатев да ја видам куќата?
А да не извршеше дедо ми самоубиство кога ни требаа пари?
А да не ги имавме однапред клучевите од куќата?
А да не му се имаше јавено мајка ми на брат ми за да му каже дека имаме гаража?
А да не го имаше брат ми паркирано моторот кај нас додека беше на еднонеделниот одмор?
А да прифатев нашиот син да оди на одмор со брат ми?
А да не го имав сменето датумот на заминување кај издавачот во Париз?
А да му се јавев на Клод на 22 јуни вечерта, како што требаше да сторам, наместо да ја слушам Елен додека ми ја раскажува својата нова љубовна приказна?
А да имав мобилен телефон?
А да одеа мајките по своите деца в градинка, како и татковците?
А да не загинеше Стивен Кинг во ужасната сообраќајка што се случи три дена пред онаа на Клод?
А да врнеше?
А да ја слушаше Клод Don’t Panic од Колдплај, а не Dirge од Дет ин Вегас пред да замине од канцеларијата?
А да не ги имаше Клод заборавено своите 300 франци во банкоматот?
А да не одлучеше Дени.Р да го врати спачекот на татка си?
А да не беа деновите околу сообраќајката исполнети со низа неочекувани настани кој од кој понеобјасниви?
И згора на сè, зошто Тадао Баба, ревносниот јапонски инженер кој ја промени историјата на фирмата Хонда, врши упад во мојот живот, а живее на десет илјади километри од мене. Зошто Хондата 900 ЦБР Фајарблејд (Огнена острица), најдоброто од јапонската индустрија, на која се возеше Клод на тој 22 јуни 1999 година била наменета за извоз во Европа и забранета во Јапонија, ако ја сметале за премногу опасна?
Се враќам на мантрата од “à да не” која ме опседнуваше сиве овие години. И која ми го претвори животот во реалност што се одвива во претпоставено минато време.
Кога не се случува никаква катастрофа, човек живее без да се врти назад, гледа во правец на хоризонтот, право пред себе. Кога се случува драма, човек се враќа по истиот пат, оди на истите места, прави реконструкција на случајот. Сака да го сфати потеклото на секоја постапка, на секоја одлука. Стопати се врти во круг. Станува специјалист за причина и за последица. Трага, врши секцирање, прави аутопсија. Сака да дознае сè за човековата природа, за личните и за колективните пориви поради кои се случува она што се случува. Било да е социолог, цајкан или писател, човек не знае веќе, паѓа во делириум, сака да сфати како се станува само статистичка цифра, запирка во големата целина. А за себе верувал дека е единствен и бесмртен.
Автор на романот: Брижит Жиро
Наслов на наградениот роман: Брзо живеење
Наслов на оригиналот: Vivre vite
Наградата Гонкур
Веќе повеќе од еден век, секоја есен во Париз се случува голем книжевен настан, доделување на наградата Гонкур, најстара и најпрестижна книжевна награда во Франција. Наградата е создадена како завет и заложба на браќата Едмон и Жил Гонкур кои со својот тестамент од 1874 г. ги обврзуваат своите наследници да ја создадат Академијата Гонкур која ќе доделува награда за најдобар роман во една година, со цел да им овозможи на младите талентрани писатели да творат и да живеат од своето творечко перо. Во трка за ваков избор може да учествуваат исклучиво прозни дела на француски јазик објавени во тековната година. Првата Гонкурова награда била доделена на 21 декември 1903 г. Оттогаш, церемонијата на доделување на наградата се одржува во ресторанот Друан во Париз каде што десетчленото жири, на почетокот на ноември, по претходни три селекции во септември и октомври, го изгласува лауреатот меѓу потесниот круг од четири финалисти. Наградата може да се додели само еднаш на ист автор. Оваа награда му овозможува на лауреатот голема слава и колосални продажби на неговиот награден роман, додека паричната награда е симболична (10 евра). Најновиот лауреат за 2022 г., Брижит Жиро, е тринаесеттата жена добитник на наградата. Многупати критикувана како длабоко елитистичка и сè уште недоволно отворена за иновации, оваа награда сепак останува најпосакуваното признание за литература кое доминира на француската книжевна сцена.
Преводот го изработи Ева Жиро, студентка на Групата за француски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ (УКИМ), под менторство на проф. д-р Ирина Бабамова.
Приказ на наградата Гонкур: Габриела Христовска, студентка на Групата за француски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет„Блаже Конески“ (УКИМ)
Leave a Reply