Шест држави, а само една цел – ширење на свеста за БЕЗ ГОВОР НА ОМРАЗА движењето околу светот.

Од 20ти до 27ми Мај шест држави, вклучувајќи ја и Македонија, се собраа во Банско, Бугарија и цела недела работеа деноноќно за да ја кренат свеста преку работилници и јавни акции. Околу 30 луѓе од Бугарија, Македонија, Естонија, Унгарија, Норвешка и Португалија беа дел од младинската размена и преку графити ја изразија својата загриженост за проблемот со говорот на омраза.


Младинската размена “STOP HATEing – START LOVEing” беше мултилатерален проект насочен кон млади луѓе на возраст помеѓу 18 и 30 години со различни културни, религиски, социјални и економски позадини и млади луѓе кои се соочуваат со географски и финансиски потешкотии.
Секоја држава имаше тим од 5 луѓе вклучувајќи го и тимскиот лидер и главната цел беше да се пронајдат главните причини за различни видови на говор на омраза и се разбира да се најде решение за нив. Го опфативме говорот на омраза против ЛГБТ заедницата, говорот на омраза базиран на националност, раса или религија, сајбер малтретирањето итн. Секоја држава ја имаше можноста да ги сподели и објасни главните проблеми со кои се соочува и потоа преку дискусија да открие како да се спречат.

Четвртиот ден од проектот беше планиран за јавната акција. И на 24ти мај отидовме во Разлог, мало градче во близината на Банско. Организиравме јавна акција за да ја информираме локалната заедница за проблемот со говорот на омраза и исто така оставивме порака преку графит за да докажеме дека може ефективно да се користи за борбата против говор на омраза. Го одбравме баш овој ден бидејќи беше бугарски национален празник, и заради тоа сите беа излезени и градот беше преполн со луѓе. Имавме волонтери со Бесплатни Прегратки, волонтери што подаваа летоци, рамка за слика со “без говор на омраза“ и се разбира, огромно срце.


Беше успешен ден, но сеуште имавме многу работа пред нас и заради тоа се поделивме во групи и како резултат од проектот направивме кратко видео и весник со кои ќе ја промовираме NO Hate Speech кампањата, идејата за преку мирен начин да се бориме со омразата преку графити, програмата Erasmus+ и самиот проект.
И покрај тековната работа сепак најдовме време да се запознаеме меѓусебно подобро и се разбира да се забавуваме. За таа цел ги имавме интеркултурните вечери каде што ја имавме можноста да ги вкусиме различните култури и да ја споделиме нашата со другите. Исто така имавме и слободни вечери каде што го истражувавме ноќниот живот во Банско. Заклучно ова беше одличен проект и другарствата што ги стекнавме таму се доживотни.

Tamara Jovanovska


Leave a comment