Македонски

Карлинг

Форшпан: Се смета дека овој спорт за првпат се појавува во Шкотска како национален спорт во почетокот на 16 век

Карлинг е зимски спорт во кој играчите лизгаат осум камени кугли на подлога од мраз кон целната област која е сегментирана во четири концентрични кругови, што поблиску до средината на куќата означени како кругови на површината. Се смета дека овој спорт за првпат се појавува во Шкотска како национален спорт во почетокот на 16 век, но подоцна од страна на шкотските мигранти се проширува во Канада, САД, Шведска, Швајцарија, Норвешка, Данска, Германија и Франција каде што достигнува голема популарност. Првото официјално светско првенство во карлинг познато како „Шкотски Куп” е одржано во 1959 година во Фалкирк и во Единбург каде што победник е екипата од Канада. На Олимписките игри се појавува во 1924 година по што следува пауза подолга од половина век за во 1998 година официјално да се запише на листата на олимписки спортови, а во 2006 година за првпат се појавува на параолимписките игри.

Карлинг се игра на замрзната патека со должина од 45 до 46 метри, и широчина од 4.4 до 5 метри. Целта, односно куќата се наоѓа на крајот на патеката кон која секој тим лизга по 8 камења кои се изработени од гранит и истите се тешки речиси 20 килограми. Камењата и мразот мора да бидат совршено чисти, бидејќи секоја нечистотија влијае на движењето на каменот и може да доведе до постигнување на лоши резултати. Натпреварувачите носат специјални обувки прилагодени за полесно движење на мразот, а исто така користат и четки со кои го чистат и обликуваат мразот пред каменот со цел да го контролираат неговото движење. Се игра во два тима  составени од по четири играчи, машки или женски, но има и натпревари каде што тимовите се мешани. Целта на играта е да се освојат поени со поставување камења што поблиску до центарот на куќата. Првиот играч односно лидерот ја започнува играта со лизгање на првиот камен. Движењето на каменот е помагано од двајца играчи кои со чистење на мразот пред него ја одредуваат неговата брзина и траекторија. Тимовите се менуваат на секој потег, а играчите на секои два. Последните два камена ги лизга скиперот, односно четвртиот играч кој воедно е капитен на тимот и тој ја одредува стратегијата и тактиката со која ќе игра неговиот тим. Интересно е да се напомене дека тимовите обично се нарекуваат според името на капитенот. Поени се доделуваат само за камењата кои се наоѓаат во куќата и тоа за тимот кој има поставено камен најблиску до центарот на куќата и за секој камен, кој е поблиску до центарот од камењата на противничкиот тим при што може да се освојат највеќе 8 поени во секоја игра. Победник е оној тим кој после осум или десет игри има освоено највеќе поени. Доколку резултатот е нерешен се играат дополнителни игри колку што е потребно за да се добие конечниот победник. Времетраењето на играта е ограничено на максимум 73 минути за секој тим, со право на пауза од 10 минути.

1117011546

За разлика од другите зимски спортови каде што е потребна добра физичка подготвеност и кондиција, карлингот е игра на стратегија, тактика и вештини. Епилогот, односно конечниот резултат највеќе зависи од стратегијата и тактиката на целиот тим, но и од способностите на противничкиот тим. Поради тоа не случајно овој спорт се нарекува и „шах на мраз”. Тука владее духот на “доброто спортување” и пријателство, противниците си честитаат за секој добар потег или постигнат поен и не се радуваат на грешките на противникот, а традиција е победничкиот тим да го почести со пијалоци поразениот тим. Иако постои интерес, за жал овој спорт сеуште не е присутен кај нас. Засега ни останува да го следиме на телевизија и да се надеваме дека во иднина ќе го видиме и на нашите простори.

Милан Ѓапиќ

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s