Јас сум Љупка Трајановска, имам 26 години и сум активистка за женски права, феминистка и врснички едукатор по сеопфатно сексуално образование. Во периодот од 11ти до 20ти мај во Бар, Црна Гора, учествував во третиот тренинг во рамки на проектот „Сексуално и репродуктивно здравје-Знаењето ги победува табуата“ во организација на НВО Прима. Учесниците дојдоа од 15 различни земји вклучувајќи ги: Македонија, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Бугарија, Грција, Шпанија, Италија, Естонија, Латвија, Турција, Романија и Германија.
Мојата првенствена мотивација да земам учество на овој тренинг беше темата која тој ја обработува-Сексуално насилство. Сексуалното насилство е секојдневен проблемво нашите општества, без разлика од каде доаѓаме. Студијата на опсег за различните форми на сексуално насилство во Македонија, која е дел мој авторски труд, покажа дека секој трет испитаник бил жртва на некоја форма на сексуално насилство, а секој втор испитаник познава некој кој бил жртва на секусално насилство. 125 испитаници означиле дека биле жртви на сексуален напад-силување. Бев заинтересирана дали ситуацијата е слична или иста и во останатите Европски држави, па ова беше совршена можност да се информирам себеси. Овој тренинг ми овозможи да запознаам врснички едукатори, млади активисти и младински работници со различно културолошко потекло и да ги слушнам нивните искуства, како и да разговараме за тоа како сите заедно да го превенираме сексуалното насилство.
Ја имавме таа привилегија да бидеме водени низ процесот од високо квалитетен тренер, психотерапевт која работи со деца жртви на сексуално насилство, Душица Попадиќ од Инцест-траума центарот-Белград. Сексуален напад, согласност, сексуално вознемирување, сексуална експлоатација, инцест како и сексуална ориентација, родов идентитет, родова еднаквост беа главните теми кои ги истраживме.
Овој вид на тренинг ти ги меша мислите во наредните денови, недели и месеци. Понекогаш се изненадуваш колку неинформирани и несвесни се некои луѓе од развиените земји и коку свесни и емпатични младите во земјите во развој станале. Можеш да се најдеш во соба полна со луѓе кои мислат дека имаат отворен ум, но нивните изјави и стереотипите во кои тие веруваат, ги симнуваат нивните маски. И покрај тоа, запознаваш реални луѓе, тие кои ти даваат надеж, кои те прават горд на сето тоа што го работите и тие со кои ќе започнеш соработка и заедно ќе се борите против сексуалното насилство и насилтвото врз жените.
Запознавање луѓе од различни земји и патувањето е забавно, но знаењето, енергијата, мотивацијата и инспирацијата која ја стекнав на ова патување е она што е важно. Сексуалното насилство е едно од најодвратните и најсекојдневните нешта што им се случуваат на жените и децата низ нивните животи. Време е да го подигнеме гласот и да се спротивставиме.
Љупка Трајановска
Leave a Reply