Моќта на креативноста

„Креативноста бара храброст“ – Маја Анџелу 

Овој моќен цитат од реномираната американска писателка, Маја Анџелу, долги години се провлекува низ светската литературна сцена, а има и добра причина за тоа; цитатот одекнува со вистина. За многу од нас, креативноста претставува нешто апстрактно, можеби некое хоби кое сме го имале како деца, кога сме боеле слободно без да ги гледаме линиите на илустрациите или кога родителите ги ставале нашите цртежи да висат на фрижидер. Како што поминувале години, а обврските и сериозноста на нашата возраст растела, така се намалувале и можностите за да се развива нашиот креативен дух. Но, малкумна знаат дека креативноста е многу моќна алатка, особено кога станува збор за младите. Во денешно време, ретко постои работа или професија која не бара креативност. Во ова нагло променливо време на иновации, создавање на нови идеи и негување на нашата креативна страна треба да стане исто како пиењето на чаша кафе рано наутро; дел од нормалното. Можеби веќе се запрашувате зошто таа пракса е навистина важна? А ако до сега не сте виделе потреба од вакви активности, можеби и се запрашувате дали воопшто се потребни? Постои објаснување. Креативноста има моќ да ни помогне да ја израземе нашата индивидуалност, да ги развиеме нашите таленти и да се справиме со стресот и предизивиците во модерниот свет, особено во време кога технологијата и екраните се станати наше секојдневие. Но, самиот креативен процес бара храброст, бара да излеземе од нашата таканаречена комфорт зона и да превземеме ризик. Кога пливаме во води кои наметнуваат креативен напор, често експериментираме со различни пристапи, истражуваме нови идеи и предизвикуваме утврдени норми – тоа сето заклокотува со еден универзален реалитет; потребата да настапиме со храброст. Како можеме да го направиме тоа? Како можеме да ја најдеме антидотата за стравот? Не е едноставно, но, треба да имаме поголема доверба во нашите инстинкти, да ја прифатиме неизвесноста и да го отпуштиме стравот од неуспех или осуда, а сето тоа ќе значи и наш личен развој и вдишување живот во заборавени агли од нашето постоење. 

Кога станува збор за младите, вистина е дека тинејџерските, а и раните дваесетти години се период за пронаоѓање и постојана потрага по идентитет и место во светот. Тоа е еден доста турбулентен период, преполн со емоции, кој ни е добро познат на сите. Истражувања имаат покажано дека преку учество во различни креативни активности како што се пишување, цртање, танцување и музика меѓу многу други, младите имаат шанса да ги откријат и да ги изразат своите уникатни идеи и способности, да ги надградуваат своите вештини и да си овозможат едно поле во кое имаат слобода за постојано учење и развој. Но, тука не може да се стави границата на нејзината важност. Надвор од тие индивидуални придобивки, креативноста е потфат со импликации за општеството, рече д-р Џонатан Шкулер, професор по психолошки науки на Универзитетот во Калифорнија, Санта Барбара. „Креативноста е во сржта на иновациите. Се потпираме на иновациите за унапредување на човештвото, како и за задоволство и забава“, рече тој. „Креативноста лежи во основата на толку многу од она што луѓето го ценат“. Кога ќе го земеме сето ова во предвид, сфаќаме дека креативноста претставува не само како едно скалило кое не возвишува нагоре и ги негува токму тие карактеристики кои не прават посебни, но и ја зајакнува нашата важност на постоење во овој свет. 

Важно да се напомени дека креативните активности можат да имат големо позитивно влијание против битката со стрес и грижи. Во овој контекст, креативноста претставува како една издишка, процес преку кој младите можат да се опуштат, и со позвеж ум да се навратат кон решенијата на нивните проблеми, со уникатни и ново-разбиени перспективи. Исто така, како што сте и самите свесни, во денешно време, се повеќе и повеќе се става акцент на важноста за грижата за нашето ментално здравје, а многу истражувања имаат покажано дека креативните активности се едно од најдобрите нешта кои можете да ги направите не само за вашето ментално, но и за вашето физичко здравје. Во едно истражување не многу одамна, на околу четириесеттина луѓе им беа дадени уметнички материјали како боици и хартија, а истражувачите им рекле да создадат било што и да сакаат во следните 45 минути. На крајот, научниците открија дека без разлика на тоа дали учесниците имале веќе постоечко уметничко искуство или не, околу 75 проценти од учесниците искусиле намалување на нивните нивоа на кортизол, односно хормон кој телото го ослобдува како реакција на стресот. Замислете само за секунда какви позитивни импликации може да има ако оваа пракса стане дел од вашето секојдневие, ако почесто одлучуваме да издвоиме неколку минути во денот за да створиме нешто свое, нешто уникатно, кое ќе и дозволи на трансофрмативната сила на креативноста да застапи поголем дел од нашиот живот и да ги вовлече нејзините слоевити влијанија на различни полиња? Дефинитивно нешто кое треба да се размисли.

Кога ќе се земат сите овие факти во предвид, малку е нејасно зошто креативните активности често добиваат критики и описи како некои “излишни и несуштински вештини”, нели? Но, сепак мислам дека тука треба да се навратам на тоа што го напоменав на почетокот на статијата, односно за нашата потреба за храброст. За крај, ќе ве оставам само со уште една мисла која мислам дека не треба да ја заборавите. Ништо суштинско не се направило без страв, а никој страв не бил преброден без храброст. Така што, драги мои читатели, продолжете да ги пробивате границите на овој свет со смелост во срцата и со главата високо нагоре, уживајќи во и истражувајќи ја моќта на вашата креативност! 

Георгина Коминовска 

Извори: 

PositivelyYou – The importance of developing creativity in young people

American Psychological Association – The Science behind creativity 

Entrepreneur – Science shows how creativity can reduce stress

ZellaLife – Art with creativity is your secret advantage for mental health

Related posts