Списанијата како мост помеѓу случувањата и луѓето

Во свет кој секој ден станува сѐ повеќе дигитален и добива сѐ побрзо темпо, оддржувањето на вибрантна култура на списанија е од огромно значење. Секое списание носи специфичен етос кој резонира со неговите читатели. Ние на секој чекор имаме изобилство од информации од сите области и токму затоа ваквата култура бара посветеност и квалитет над квантитет. Еклектичната мешавина од содржини ги прави списанијата да бидат визуелни и тактилни искуства за секој читател. Освен тоа физичките изданија на списанијата, направени со одржливи материјали, покрај дигиталните се убав начин да нѐ тргнат од светливите екрани на нашите електронски уреди од кои практично стануваме зависни. 

Со овој мој став не зборувам за весниците кои ги среќаваме насекаде и во кои, исто така, може да најдеме секакви содржини, туку за списанијата со одбрани содржии со малку поинаква намена. Реалноста е дека не секој млад човек би застанал да чита весник за да ги види новостите за општеството и културата, па за среќа имаме неколку примери на списанија кои ја нудат токму таа култура за која јас зборувам, а и воедно се привлечни за читање и откривање. Еден пример е и списанието за кое јас редовно пишувам и преведувам, магазинот „Воисес“ на Волонтерски Центар Скопје кое обединува пишувачи на статии од сите страни на светот и нуди можност да разгледаме содржини составени од луѓе со поинакви искуства и позадини од нашата. Имајќи содржини на три јазици, ова списание има за цел да внесе промена во перспективите на луѓето преку кршење на предрасудите и засилување на коегзистенцијата. 

Покрај „Воисес“, пред скоро време имав прилика да бидам дел од уште едно списание кое е, исто така, еден одличен пример и филтер на културни содржини преку кои не само што ги информира, туку и ги вклучува младите во неговата идеологија. Тоа е списанието „Спознавање“. Ова списание е креација на младиот Дарко Беровски. Тој има 21 година и е студент на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ. Во краткото интервју кое го направив со него ми даде многу интересни одговори поврзании со оваа тема: 

Мартина: Зошто се одлучи да го направиш списанието?

Дарко: Бидејќи списанието е сè уште музички ориентирано, сакав да истражам што е она кое ги прави едни изведувачи поистакнати од останатите. Сфатив дека во нашите простори има недостиг на музички списанија и иако е тешко одржлив медиум, сепак се решив на таков чекор. Мојата преференца за музички содржини потекнува од она кое се доживува со музиката, емоциите кои ни ги предизвикуваат артистите и сметам дека заслужуваат уште една платформа која ќе го пренесува тоа и на пошироката публика.

Мартина: Како почна создавањето на „Спознавање“?

Дарко: Работев како PR со некои музичари и целата атмосфера таму ме инспирираше. Потсвесно ми влијаеше на целата идеја. Исто така, додека бев на еден „Еразмус+“ проект во Берлин, налетав на книга во која имаше прикажано колекција од независни културни списанија. Она кое мене ме привлече беше списанието „mono.cultur“, чија содржина и дизајн беа прилагодени според самите артисти. Токму тоа го посакував и за моето списание. Поривот го наоѓам во тоа што се трудам луѓето преку читање да “спознаат“ нови работи без тоа да биде под одреден шаблон.

Мартина: Која е целта на „Спознавање“?

Дарко: Мојата главна цел со целиов проект е напредок и одржливост на културата.

Мартина: Дали сметаш дека твоето списание има ефект кај читателите, но и генерално во културата?

Дарко: Сметам дека има ефект кај читателите поради посветеноста која што ја вложуваме заедно со мојот тим и типот на содржина, а кога станува збор за културата воопшто, морам да признаам дека сум и по малку скептичен. Еден од темелите на било која држава е самата таа, но живееме во општество кое баш и не нуди развивање на нејзиниот целосен потенцијал.

Мартина: Дали имаше моменти кога се двоумеше дали да правиш физичко издание на списанието?

Дарко: Всушност не, сметам дека тоа има и поголема вредност бидејќи ни нуди малку поинаква перцепција, кога го имаме пред себе или во рака, самото тоа го прави читањето поживо, има повеќе интеракција. И секако по долготрајно е, останува.

Мартина: Која е твојата поддршка во целиов процес?

Дарко: За сега поддршка, освен се разбира читателите и пријателите, е мојот тим. Тој ги вклучува Ана Марија Мишчаковска, Никола Јовановиќ, Иво Велчевски, Ана Марија Миткова и Емилија Трајковска, Тие се тука да ми помогнат со дизајнот, маркетинг и фотографии. За жал, поддршка од повисоките тела во општеството сè уште немам, но тоа не ме спречува да продолжам да создавам.

Мартина: Со кого би го правел твоето идеално интервју за „Спознавање“?

Дарко: Тоа дефинитивно би биле Aурорa, MGMT, Литл Симз и нашите Мизар.

Мартина Даниловска

Доколку сакате да го разгледате списанието на Дарко, може да го најдете на страната www.spoznavanje.org 

Related posts