Си била еднаш многу одамна една млада личност која секогаш имала премногу обврски. Таа обврските си ги подредувала една врз друга и постојано ги заборавала оние кои се наоѓале најдолу. Еден ден, таа го погледнала купот од обврски и си рекла “па јас немам време се ова да направам“ и го разбрала проблемот во кој се нашла. Иако приказнава што Ви ја раскажав претставува мит, на сите ни се има случено да се најдеме во слична ситуација. Секојдневно ја изговараме фразата “немам време“, па кога ќе го видиме нашиот фигуративен куп од обврски чувствуваме едно силно притискање во стомакот и жештина во телото, која не предизвикува да паничиме.
Но, зошто всушност ние никогаш “немаме време“, сигурно не е само поради пребрзото чукање на стрелките на часовникот, нели? Кога истражувачите ги анкетирале Американците пред 2011 година, околу половина рекле дека речиси никогаш немале време на располагање, а две третини рекле дека понекогаш или секогаш се чувствувале избрзани. Тоа ни укажува дека овој проблем не е само субјективна илузија, туку нешто што му пречи на денешниот начин на живеење. Брзиот живот на дваесет и првиот век е стресен за сите, но дополнителен стрес додава неорганизираноста на времето. Во такви моменти може да се почувствуваме како да се наоѓаме во некоја бура која не можеме да ја смириме. Едноставно има премногу работи кои треба да ги завршиме, премногу места на кои треба да стигнеме, премногу улици кои треба да ги извозиме, а за жал има и премногу препреки на тој пат. Особено во ерата на модерната технологија, многу луѓе се борат со постојаните нотификации од паметните уреди, па колку и да го намалат звукот, сепак во нив има некоја нагризувачка сила која ги притиска да проверат што се случува по социјалните мрежи, да одговорат на пораки, и да истрошат малку време гледајќи видеа на ТикТок. Со тоа, доаѓа и еден роднина на фразата “немам време“ – а тоа е “ќе го направам тоа утре“. На повеќето од нас ни се случило да не можеме да завршиме нешто поради многуте мисли и нешта што ни го одвлекуваат вниманието, што не тера да ја оставиме задачата за некој друг ден и на крај повторно да не ја извршиме и да се жалиме дека сме немале време, и истиот циклус си продолжува. Тоа може да се случи поради нејасните приоритети. Сите потсвесно знаеме дека имаме обврски, но не секогаш ги определуваме приоритетите кои треба најпрво да ги завршиме. Без разлика дали имаме листа од петнаесет обврски или од три, доколку не знаеме кои ни се приоритетните и од каде да почнеме, самото извршување станува многу потешко и подосадно. Затоа, треба секогаш да пробаме да определиме што ни е најприоритетно и најважно и да се трудиме да го завршиме најтемелно. Како што кажал Брајан Трејси „Никогаш нема доволно време за да се направи се, но секогаш има време за да се направи најважната работа“.
Понекогаш, организацијата на времето и поделбата на обврските не се најголемиот проблем; понекогаш поголем предизвик е недоволната желба за извршување на задачите. Тоа е уште една причина зашто оставаме се за иднината, а кога таа ќе премине во сегашноста разбираме дека немаме време. За ова, нема некое длабинско објаснување, ниту пак може да се изнајде едно единствено решение. Мотивацијата сама по себе е термин со поголемо субјективно значење, и факт е дека не е секогаш лесно да се најде. Но, немањето мотивација не секогаш може да се искористи како изговор за постојано одложување. При ваквиот помалку тажен проблем помага ако имаме некоја визија за тоа што се сакаме да направиме (познавајќи си ги приоритетите), и замисла за како се тоа ќе изгледа на крајот од денот. Со помош на таа замисла може да заискри мотивацијата и упорноста дека се треба да завршиме, но важно е и да не се разочаруваме доколку тоа не успее. Колку сме поупорни кон извршувањето на една задача, толку повеќе се адаптираме на реалноста и околностите дека имаме повеќе обврски, а со тоа и се засилува желбата да се исполнат истите.
„Немам време“ е прилично вистинита лага, со тоа што да, ние имаме време, но немаме перцепција со што располагаме и како најдобро да го организираме, за да ги исполниме сите задачи од секојдневието. Често се случува да прецениме што се можеме да направиме во еден ден, а да подцениме што се можеме да направиме во една година, но само со упорност и постојана работа на себе и на нашиот начин на размислување, ќе успееме подобро да се организираме и да најдеме време.
Дела Додевска
Извори:
Youtube: Cajun Koi Academy – Why you Never Have Time for Anything
greatergood.berkeley.edu: Why You Never Seem to Have Enough Time
Azquotes.com – There is never enough time to do everything, but there is always enough time to do the most important thing.
Youtube: struthless – Why you feel like you never have enough time


Leave a comment