Разбирање на среќата

„среќа, именка. Состојба на пријатно задоволство на умот; длабоко задоволство или задоволство со нечии околности.“ – Оксфордски англиски речник.

Луѓето трагаат по среќа уште од античко грчко време. Според Извештајот за среќа во светот од 2023 година, Финска е најсреќната земја во светот, а Авганистан е на другиот крај од листата. Како се мери среќата и како да му веруваме на индексот? Кој е, всушност, најсреќен?

Во принцип, за да бидете среќни и да најдете мир – треба само да го прифатите она што ви го носи животот, нели? Дел од умот – тоа често се споменува кога се зборува за среќа. Дали тоа значи дека среќата е само менталитет? Дали депресивните луѓе имаат лош став? Се разбира дека не. Низ историјата, водичите за среќа биле различни. Сократ и Платон сметале дека вистинската среќа се постигнува дури по преминот во задгробниот живот. Денеска, основната идеја за тоа што нè прави среќни е прилично слична ширум светот: семејството и пријателите, здравјето, хобија и задоволување на основните потреби. Човештвото беше многу позитивно низ историјата и имаше надеж дури и во средината на светските војни и катастрофи. Значи, што е тоа што на крајот од денот прави некогој среќен и врз што се заснова?

Постојат различни студии, идеи и идеологии за среќата. Мерачите на среќа се, всушност, повеќе применливи за задоволството од животот. Како што и треба, бидејќи среќата е толку релативна. Здравјето се цени насекаде. Но, на пример, важноста на семејството варира само во Европа. Луѓето во нордиските земји, на пример, не ја доживуваат осаменоста на ист начин како оние од јужна Европа. Осаменоста е мултиплицирана во источна и јужна Европа во споредба со остатокот од светот. Филип Брикман и психологот Доналд Кембел ја воведоа својата теорија за „хедонската лента за трчање“ во 70-тите години од минатиот век. Според нив, секој поединец има основно ниво на среќа и покрај големите животни случувања – ќе се вратите на нивото на кое сте биле пред тие настани. Исто така, количината на материјализам прави огромна разлика во тоа да се биде задоволен. Генерално, колку е попросперитетно општеството, толку повеќе се посветува внимание на постматеријалните работи. Шведска, на пример, најмногу се фокусира на еколошките прашања во светот. Бидејќи се друго е покриено, имаат повеќе време за нематеријални работи.

Парите не носат среќа. Или го прават тоа? Во повеќето области кои се проучуваат како мерило за националната среќа – државите на благосостојба се на врвот на сите показатели. Според Извештајот на ОН за среќа – во првите 10 се претежно нордиските земји. Ова е малку незгодно за споредување, бидејќи добриот БДП (бруто домашниот производ) обезбедува различен квалитет на живот во различни земји. Се чини дека луѓето во земјите со прогресивно оданочување се посреќни. Нискиот приход е поврзан со социјален срам на многу места и немањето пари ги прави луѓето да се чувствуваат како да не успеале во она што е нормално во општеството. Едно откритие во економијата на среќата е парадоксот на Истерлин. Формулиран во 1974 година од Ричард Истерлин и според него, долгорочните стапки на раст на среќата и приходите не се значително поврзани. Главната причина за ова е социјалната споредба. Во одреден момент, оние со повисоки приходи се посреќни затоа што го споредуваат својот приход со другите кои имаат помалку среќа, и обратно со оние со помали примања. Така, се чини дека повеќе станува збор за социјален срам отколку за самите пари.

Но, не само на север. „Бруто национален индекс на среќа“ (ГНХ) – тоа е нешто што Бутан, мала држава во Јужна Азија, го користи за мерење на среќата со периодично анкетирање на околу 10% од населението и составување статистики кои спаѓаат во девет домени: животниот стандард, здравството, образованието, животната средина, заедницата, користењето на времето, психолошката благосостојба, управувањето и културата. Севкупно, вклучува 33 индикатори како што се духовноста, знаењето, здравјето и прашањата за урбанизација (на пример). Направен е со цел да постигне рамномерен развој во сите области од животот кои се од суштинско значење за нашата среќа. Четвртиот крал на Бутан, кралот Џигме Сингје Вангчак го смислил концептот, при што изјавил: „Бруто националната среќа е поважна од бруто домашниот производ“. Во извештајот за 2023 година, 93.5% од населението на Бутан се смета себеси за среќно.

И конечно, да не заборавиме на науката. Научниците главно се согласуваат дека гените придонесуваат и за тоа колку се чувствуваме среќни. Да се биде позитивен во многу зависи од темпераментот. Среќата може да варира помеѓу деца од исти родители само поради карактерните црти и темпераментот, дури, и ако околината е сосема идентична. Значи, дури и ако животот ве третира лошо, сепак, имате околу 30-40% од гените кои го контролираат вашето расположение. Се тврди дека среќата го подобрува имунолошкиот систем што влијае на започнување или прогресија на рак, ХИВ, кардиоваскуларни болести и автоимуни нарушувања. За ова сè уште се дебатира и бара повеќе истражување.

Помеѓу многуте други работи, Аристотел рекол дека среќата е смислата и целта на животот. Повеќе од 2.000 години подоцна, тоа сè уште звучи точно за повеќето од нас. Значи каде и да живеете, без оглед на БДП-то на вашата земја и какви и да биле вашите карти при раѓањето, сите ние имаме иста цел – да бидеме среќни. Можеби следниот пат кога ќе се чувствувате несреќни поради нешто – размислете која е причината?. Дали сте навистина лично несреќни или едноставно некој друг изгледа посреќен, посреќлив и поздрав?

„Нема пат до среќата: среќата е патот“ – Гаутама Буда

Таика Соихту

Превод: Горан Адамовски

Извори: 
Yle areena: elävä historia podcast: Onnellisuuden lyhyt historia – ja vielä lyhyempi tulevaisuus?
Yle areena: Onnellisten maa?: Onko onnellisuus vain asenne?
gnhcentrebhutan.org – What is GNH?
Businessinsider.com – 12 of history’s greatest philosophers reveal the secret to happiness
Asian development blog – Your Questions Answered: What is Bhutan’s Gross National Happiness Index?
Worldhappiness.report – World happiness report 2023
Worldhappiness.report – exploring the biological basis for happiness

Related posts