Губење на лековитиот допир на природата

„Како си?”

„Не знам. Едноставно се чувствувам малку вознемирено во последно време“

„Можам да се надоврзам. Сè е толку сиво, а деновите се толку кратки. Но, веројатно е само поради времето“.

Навистина? Ако е така – значи, не можеме да направиме ништо во врска со нашето расположение кога времето е депресивно. Повеќето луѓе живеат во големи градови, далеку од природата. На тој начин лесно може да се заборави какво големо влијание има таа врз нас. Па, ајде да видиме за какво влијание станува збор.

Ние, луѓето, ја губиме врската со природата. Особено децата веќе не ја доживуваат. Многумина веруваат дека ова е една од причините за проблеми со здравјето и благосостојбата што се рефлектира подоцна во животот. Во 2005 година беше објавена книгата: „Последното дете во шумата“ и оттогаш терминот „нарушување на природен дефицит“, честопати се користи кога се зборува за лековитата моќ на природата. Нарушувањето на природен дефицит не е медицинска дијагноза, но опишува различни позитивни ефекти од престојот во природа и негативни резултати од поминување премногу време во затворени простории.

„Постојат сè повеќе докази, од десетици и десетици истражувачи, дека природата има придобивки и за физичката и за психолошката благосостојба на човекот.“ (Д-р Лиза Нисбет, психолог што ја проучува поврзаноста со природата). 

Неколку од овие физички придобивки вклучуваат помали шанси за проблеми со видот и потребата од очила. Ова е резултат на студија со деца во Австралија. Други истражувачи откриле дека луѓето кои се занимаваат со активности на отворено – имаат помали шанси да страдаат од дебелина. Луѓето кои практикуваат Шинрин-јоку, што е терапевтски начин на поминување време во природни средини, имаат подобрено функционирање на нервниот систем, добри кардиолошки состојби и намалени проблеми со дигестивниот систем.

Природата не влијае само на нашето физичко здравје, туку и на менталното здравје. Повеќекратни студии споредуваат групи на луѓе во урбани и природни средини и каков ефект има тоа. Резултатите покажаа дека престојот на отворено ја подобрува меморијата, дијапазонот на вниманието и целокупната когнитивна флексибилност. Хормонот на стрес кортизол е помал, а луѓето се порелаксирани. Спротивно на тоа, урбаните средини го намалуваат распонот на внимание, а нивоата на стрес се генерално повисоки. Студија од Данска покажа дека децата кои растат во области со помалку зелени површини – имаат 55 отсто поголеми шанси да имаат некакво нарушување на менталното здравје (подоцна во животот) отколку децата кои растат во области со повеќе зелени површини. Понатаму, да се биде на отворено е корисно за луѓето кои страдаат од депресија. Тие стануваат порасположени и помотивирани, што не носи до следната точка.

Зимата нуди совршени услови за сезонското афективно нарушување да се чувствува удобно кај луѓето и тоа неколку месеци: сиво е, студено, влажно и темно. ЕЦД е форма на депресија која се рефлектира во однос на промените во годишните времиња. Се разбира, ЕЦД може да изгледа сосема различно од едно до друго лице, но воглавно, симптомите се премногу спиење, промени во апетитот, губење интерес за активности и проблеми со концентрацијата. Имаш слаба енергија, се чувствуваш безнадежно и си тажен речиси цело време. Некои тоа го нарекуваат зимска депресија, бидејќи повеќето од засегнатите луѓе имаат депресивни епизоди во овие месеци. Не секој што се чувствува „даун“ во зима има ваков вид на депресија, но таквите чувства доаѓаат од поизолирањето од природните средини.

Не е јасно кои се причините за сезонското афективно нарушување, но некои работи дефинитивно влијаат, како, на пример, недостатокот на сончева светлина. Многу организми живеат во хармонија со сонцето. Растенијата се способни да функционираат преку фотосинтеза, која започнува со сончева светлина. Сепак, не само растенијата го градат својот живот околу сонцето. Големата ѕвезда на небото влијае и на луѓето. Со нашиот деноноќен ритам, телото знае да се разбуди кога сме изложени на природна светлина. Во потемните месеци, нашиот биолошки часовник може да биде нарушен поради намаленото ниво на сончева светлина. Сонцето не само што влијае на нашиот сон, кој е од витално значење за нас, туку и на нашето расположение. Хормонот серотонин помага во комуникацијата помеѓу мозокот и нервниот систем, а неговата главна задача е да го стабилизира нашето расположение. Мелатонин се произведува од серотонин и игра улога во сонот и расположението. Сончевата светлина предизвикува мозокот да произведува серотонин. Затоа, сончевата светлина не е само почеток на фотосинтезата, туку и почеток на производството на мозочните хемикалии кои се задолжени за нашето расположение.

Ако е зима или лето, ако е надвор или внатре – околината влијае на нас. Сонцето влијае на спиењето и расположението, а самото одење надвор може да го подобри нашето физичко и ментално здравје. Но, тоа не значи дека не можете да направите ништо во врска со вашето расположение, дури и кога времето е депресивно. Свесноста за тоа што и како нешто влијае врз нас – може да ви помогне. Можеби треба да преиспитате како го минувате денот и обидете се да бидете што е можно повеќе во природа и ќе видите какви промени ќе ви се случат!

Фиона Шауман

Извори:

Seasonal affective disorder (SAD) – Mayo Clinic 

The Positive Effects Of Nature On Your Mental Wellbeing – positivepsychology.com 

Nurtured by nature – apa.org 

What is Nature – Deficit Disorder? – Richard Louv 

Related posts