Размена на стилови, споделување на вредности

Размена на облека во СУГС Гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“

Размените за облека се настани на кои учесниците ја заменуваат својата омилена, но веќе некористена облека со облека што ќе ја користат. Културата на размена на облека потекнува од 1994 година во Сан Франциско, но нашата организација Биди Зелен – Go Green ја доби идејата да одржи ваков вид на настан од нашиот ЕСК волонтер од Германија. Овој настан се одржа на 28 декември 2023 година во СУГС Гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“, но му претходеа низа подготовки во кои активна улога земаа голем број волонтери.

Го имавме нашиот прв состанок за овој настан на 11 ноември 2023 година, кој беше одржан во просториите на Go Green и тогаш дебатиравме за нашите замисли и цели кои се стремиме да ги постигнеме, и ги поделивме соодветните улоги помеѓу волонтерите, за сите да бидат вклучени. Секој од волонтерите се трудеше да помогне најмногу што може. Се оддржа и втор состанок на 17 декември преку онлајн платформата ЗООМ, на кој разговаравме за нашата тимска работа околу подготовките и дискутиравме за нашиот напредок кон остварување на крајната цел. 

Иако проектот беше од интерен карактер односно беше наменет само за учениците на гимназијата, сепак наиде на голема забележаност. За тоа доказ беше големиот куп алишта, кон чие создавање придонесоа волонтерите и учениците, секој од нив донесе стара облека која веќе не му е потребна. Реално, не беше очекувано големо внимание бидејќи, за жал, ваквиот тип на настани во нашата држава се непопуларни меѓу младината. Сепак ние сметаме дека треба да биде спротивното, бидејќи не само што ова претставува ефикасен начин да се надополни гардеробата туку и придонесува за повторното користење на облеката која е во сосема добра состојба наместо да се фрли. Покрај еколошкиот, преку настанот се изврши и морален чин, бидејќи облеката која остана неодбрана беше донирана во хуманитарни цели. Затоа, со сигурност може да заклучиме дека со настанов сме помогнале некому на кого му било потребно, особено во студените зимски денови кои следуваат.

Целта на настанот беше да се подигне еколошката свест на младите, дури и во област која на прв поглед нема заедничка точка со екологијата. Со тоа што младите носеа стари алишта за замена со други, тие успеаа да ни докажат дека сепак има свесни луѓе кои се стремат кон повеќекратна употреба на облеката и не се согласуваат со старомодното „не го носам, па ќе го фрлам“. На тој начин ние се уверуваме дека има млади кои имаат желба да изградат заедница преку поддржувањето на т.н „кружна“ мода со цел да се намали отпадот од облека во депониите и да се заштедат пари поштеди природата. Освен тоа, овој настан на волонтерите им даде многу позитивна енергија, бидејќи имаа можност да работат како тим при припремањето и поминат време во дружење. Тие се уверија дека има и други нивни врсници кои ги поддржуваат нивните активности и дека би сакале да помогнат. Сметаме дека ваков настан може да се организира и во другите средни училишта, доколку има простор за соработка и учениците се заинтересирани за тоа. Со една ваква мала акција сепак се прави голем чекор, на еколошко и на морално ниво.

Дела Додевска

Related posts