Засадување и сечење на нашата најголема животна поддршка

Дрвјата се симбол на природата и животот. На сите ни е јасно дека тие ни даваат кислородот и дека ни ја разубавуваат околината. Постои еден ден кога сите се собираме, ги славиме овие живи суштества и на некои од нив им даваме нов дом: Денот на Дрвото. Во останатите 364 дена, луѓето се зафатени со уништување на шумите на светот. 

Првиот Денот на Дрвото (во некои земји Денот на Арборот) се случил во 1594 година во едно мало шпанско село, кога еден свештеник сакал да укаже на важноста на дрвјата за здравјето и животната средина со засадување дрвја и потоа со голема забава. По 1805 година се прославува на помодерен начин, а присутно е и во многу други делови на светот. Низ целиот свет, Денот на Дрвото е во различни денови бидејќи климата варира во секој дел од светот. Во Чешка се слави во октомври, во Венецуела во мај, а во Македонија во март. Луѓето се собираат и засадуваат едно или повеќе дрвја. Скоро секоја земја има ден на дрвото, но во Македонија зад него има малку повеќе историја. По шумските пожари во 2007 година, кои опожарија речиси 27 хектари земја, заживеа акцијата за садење дрвја „ Денот на Дрвото: засади ја својата иднина“. На следниот 12 март, оперскиот пејач и амбасадор на мирот на УНЕСКО Борис Трајанов и други активисти помогнаа во организирањето и подигнувањето на свеста за настанот. Владата ја финансираше акцијата и го најави како државен празник за таа година. 200 000 луѓе засадија 2 милиони дрвја, што беше симболично, по граѓанин на Македонија. По 2008 година, акцијата за садење дрвја продолжи, но со помалку учесници секоја наредна година.

Дрвјата ни обезбедуваат и храна како бадеми, маслинки, какао, кафе, цимет и други добра. Тие можат да живеат илјадници години и да сведочат за историјата, со самото нивно постоење. Иако дрвјата се и самите живи суштества, тие се дом за многу други видови. Дрвјата не се важни само за животната средина туку и за нас луѓето.  

Мускули на земјата

Корените можат да продрат длабоко во земјата, така што дрвото може да расте високо и да не падне. Тие ја стабилизираат и држат почвата околу себе. Со тоа дрвјата ги спречуваат свлечиштата по силниот дожд, а има и помала опасност од ерозија.

Природни филтри

Дрвјата добиваат енергија преку фотосинтеза. Тие апсорбираат јаглерод диоксид и го трансформираат во форми кои можат да ги користат за себе. Во тој процес тие произведуваат гликоза и кислород и ги доставуваат до атмосферата околу нив. Дрвјата го чистат воздухот и ни обезбедуваат кислород што ни е потребен за дишење.

Природна климатизација и сунѓер ефект

Со процесот наречен „транспирација“, дрвјата ја апсорбираат водата со своите корени и ја испуштаат водата во атмосферата преку нивните лисја. Транспирацијата работи како сламка: кога лисјата се отвораат, водата од корените се транспортира до нив. Ослободената вода ја снижува температурата на воздухот, а со апсорпција на големи маси на вода, дрвјата помагаат во спречувањето на поплави и суши.

Неутрализирање на бучава

Дали некогаш сте забележале дека кога сте во парк, тоа е потивко место во градот отколку околината? Дрвјата ги придушуваат честите и непријатните звуци со одбивање, прекршување и маскирање. Звучните бранови се пренасочуваат кога удираат по површините на дрвјата и меките текстури на дрвјата, така што лисјата и малите гранки ги намалуваат грубите звуци. И самите тие произведуваат звуци кои се попријатни за човечкото уво. Затоа, порелаксирачки е да се биде во околина со дрвја отколку во раздвижен град.

Наскоро шумите би можеле да исчезнат од површината на планетата. Населливото земјиште е околу 71% од површината на копното, а дрвјата сега покриваат една третина (38%) од тоа. Иако тоа е многу сепак бројките постојано се намалуваат. Во минатиот век вкупната покриеност е намалена за 10%. Оваа стапка на намалување не се случувала толку брзо во минатото. Пред 10000 години, веднаш по последното ледено доба, шумите сочинуваа околу 52% од населената површина во светот. Потребни биле 9.200 години за да има ист пад во шумата (10%) како во последните 100 години. Главната причина за овој пад е поради земјоделието. Во 2018 година, земјоделието сочинувало 46% од погодното земјиште. 10% од глобалното затоплување е предизвикано поради губење на шумите, што во голема мера придонесува за климатската криза. Да не заборавиме: тоа го уништува домот на многу видови и придонесува за истребување на многу диви животнски видови. Нашиот вид ги брише шумите за да произведе храна и да поддржи одреден начин на живеење. При тој процес и нанесува штети на целата планета.

„Кога садиме дрвја, го садиме семето на мирот и надежта“ – Вангари Мута Матаи

Во време кога многу луѓе придонесуваат за уништување на шумите ширум светот, мал број климатски активисти работат на создавање нови шуми. Еден од најпознатите активисти за садење дрвја е Вангари Мута Маатаи. Во 1977 година, професорот го основа Движењето Зелен појас во Кенија (GBM), организација која сади дрвја и ги зајакнува жените. Тие успеаја да засадат над 50 милиони дрвја во Кенија. Сега GBM е постоечка организација дури и по смртта на Матаис во 2011 година. Во 2021 година, 24-годишниот Антоан Мозес привлече големо внимание затоа што постави нов рекорд со засадување над 23.000 дрвја за 24 часа. Тој вели дека засадил 1,3 милиони дрвја сам низ цела Канада и продолжува да го прави тоа. Двојката, Себастијао и Лејла Салгадо, поминале 20 години од својот живот во обновување на шумата со помош на нивната мала организација „Институто Тера“. Многу видови се вратија и ги направија 2,7 милиони дрвја свој дом. Има многу повеќе активисти за садење дрвја ширум светот, како Џија Хаиксиа и Џија Венки, Елизабет Ванџиру Ватути, Леа Намугерва, Фату Џенг, Лесеин Мутункеи, Патриша Комбо и Феликс Финкбајнер. Сите тие ја согледале огромната вредност на дрвјата и сакаат да се борат против прекумерното уништување на шумите што ја намалува една од најголемите животни потпори на човештвото.

Денот на Дрвото е всушност ден на дрвјата, растенија кои се од витално значење во секој екосистем и кои обезбедуваат кислород. Но тој еден ден не може да ги избрише сите други денови кога дрвјата умираат. Сепак, добра прилика е да се потсетиме зошто дрвјата се толку важни за луѓето и за квалитетот на животот. Многу луѓе ширум светот се борат, па ние останатите не забораваме. Можеби, токму оваа година, на Денот на Дрвото на едно младо дрво вие ќе му дадете постојан дом бидејќи тие дишат и живеат во нашиот сопствен дом!

Фиона Шауман

Извори:

Reasons Why Trees are Awesome! – Trees.com

Arbor Day – Wikipedia

Forest area – Our World in Data

How Do Trees Reduce Noise Pollution? – treehugger.com 

Macedonian Arbor Day – Story Of A Nation Going Green – Discovering Macedonia

The Green Belt Movement

Canadian man fights climate change by planting 23,000 trees in 24 hours | Guinness World Records

Sebastião Salgado and His Wife Lélia Spent 20 Years Planting 2 Million Trees To Restore A Destroyed Forest (awesomeinventions.com)

Learn the effects of deforestation – WWF

Related posts