Секојдневно сме изложени пред очите на светот на различни начини, без разлика дали тоа е само по патот до нашата работа, училиште, универзитет или во нашиот омилен клуб доцна во ноќта, и секако преку социјалните мрежи. Неизбежно е да се примат различни реакции за начинот на кој постоиме, изгледаме и постапуваме, на ист начин како што би реагирале и ние на некој друг. Токму оваа изложеност пред светот нѐ прави мета на критики, кои за жал сѐ почесто се поистоветуваат со навреди.
Разбирањето на разликата помеѓу овие два концепта е од клучно значење за да се негува здрава комуникација и односи. Критиката е создадена за да биде конструктивна и служи за поголема цел. Критиката е посочена за да се стремиме кон подобро, таа постои за да дава предлози за подобрување а не како потреба за напад. Но, очигледно овие принципи не се секогаш случај. Се разбира, границата помеѓу давање конструктивно мислење и навредување е субјективна, и според мене добиениот фидбек навистина зависи од тоа како го перцепираме нечиј говор на телото, тон, емпатија итн.
Постојат неколку фактори кои значително влијаат на оваа нејасна дистинкција. Првото нешто што ми паѓа на ум се социјалните медиуми, колку и да звучи „очигледно“. Стотици платформи ја демократизираат комуникацијата преку актуелизирање на термини кои подразбираат омаловажување и потценување. Дозволувањето на поединците слободно да се изразуваат може да доведе до вознемирување и сајбер-малтретирање на што сме сведоци се почесто. Пишувањето преку екран со анонимни или отворени идентитети ни овозможува да коментираме за сè што ги поттикнува нашите очи. Не велам дека медиумот само промовира негативност, но не можеме да негираме дека ја зголемува. Од друга страна, не можеме само да ги обвинуваме социјалните медиуми и технологијата за овој феномен. Поларизираните општествени гледишта, политичката коректност, „културата на поништување“, субјективната чувствителност и многу други работи многу влијаат на оваа дистинкција.
Би додала дека без разлика на намерата и критиките и навредите имаат психолошко влијание врз поединците и токму затоа наместо да се расправаме за вкусот, моралот и нормите треба да се трудиме да промовираме поздрава комуникација која е во сржта на емпатијата. Колку и да звучи клише, навистина не чини ништо да се биде љубезен, а ако навистина добро размислите, секој проблем започнува со недостатокот на љубезност, додека решението доаѓа со неговото присуство.
Мартина Даниловска


Leave a comment