Во изминативе години, порастот на туризмот е огромен. Зголемен е и оној дел од глобалната популација што e во можност да си дозволи слободно време за патување. Луѓето патуваат што подалеку и тоа на пократок период. Дестинациите и туристичките аранжмани се воглавно стандардизирани, па затоа некои светски познати места пречекуваат милијарда посетители годишно од секаде низ светот. Притисокот што го прави туризмот на едно место е прилично значаен и има негативен ефект на неговата средина. Понекогаш, цели градови, па дури и целата земја е засегната од тој проблем. Сето тоа се случува како резултат на најпопуларниот начин на патување во денешницата: да се видат што повеќе места во што е можно пократок период, кога веќе сме на одмор.
Дали постои некој друг начин на кој би можеле да патуваме? Како би го ограничиле нашето влијание врз средината доколку би сакале да патуваме? Ќе видите и сами дека решенија и тоа како постојат. Возможно е да се патува, а истовремено и да се почитува местото што го посетуваме. Најпрво, за да би го оствариле тоа, треба да стекнеме добри навики за сите места кои што ги посетуваме (да ги собираме нашите отпадоци, да ја почитуваме локалната традиција, да ги почитуваме правилата и да не ја загадуваме животната средина околу нас). Меѓутоа, постои и можност целосно да го преосмислиме нашиот пристап кон патувањата со тоа што би ги разгледале нашите цели и желби во однос на туризмот. Што точно очекуваме од нашето патување? Дали би сакале да одиме на места каде што одат сите, што е можно подалеку и да штиклираме што е можно повеќе посетени места? Или, пак, би сакале да уживаме вистински на местата на кои што одиме и да си одвоиме време да ги истражиме поубаво?
Од оваа ретроспекција се раѓа еден нов концепт. Се нарекува „бавно патување” или „бавен туризам”. Ќе погледнеме што тоа значи и како секој од нас би можел да ги промени своите патувачки навики.
Бавниот туризам е одржлив туризам, во споредба со традиционалниот туризам. Кај овој вид на туризам, од голема важност е да се почитуваат местата и мештаните. Со тоа би требало да ги смениме нашите навики, а особено да ги преиспитаме нашите желби во однос на патувањето. Првичното и основно нешто кое што треба да го запомниме е да си дадеме време. Бидејќи единствениот начин за вистински да истражиме една дестинација е да и пристапиме пополека. А сега би ги погледнале и безбројните предности кои што ги носи овој вид на туризам:
Личен развој: Со самото тоа што си даваме себеси време (помалку посети и помалку километри), добиваме можност вистински да се одмориме додека сме на одмор. Одвојте време за себе, одморете се, намалете го стресот и менталната преоптовареност. Одморите се за одмарање, а тоа подоцна ќе ни овозможи да се вратиме на нашите обврски полни со енергија. Да, навистина е важно да чекориме со посмирен ритам доколку сакаме да го направиме нашиот одмор едно релаксирачко доживување.
За подлабоко истражување на посетените места: Избегнувајќи ги турите со поважните знаменитости и останувајќи подолго на местата кои што ги посетуваме, добиваме можност да ја истражиме подлабоко нашата дестинација. Бидејќи доколку ги следиме традиционалните тури за патување, многу веројатно е да го запознаеме местото само од очите на еден турист, без притоа да вистински ја запознаеме културата и богатството на таа земја. Па затоа, би требало да одиме на места на кои што вообичаено не се оди, а особено да застанеме на местенца кои што не се толку спектакуларни, но затоа повеќе автентични. Едно мало селце или една мала патека понекогаш крие во себе неверојатни тајни.
За подобро запознавање со луѓето: Запознавањето со локалното население и комуникацијата со нив се, исто така, дел од едно патување. Доколку би сакале вистински да ги запознаеме луѓето, да имаме една вистинска, воодушевувачка дискусија со нив, запознавајќи ја нивната култура, неопходно е да им пристапиме и да ги запознаеме во нивната животна средина. Уште една причина за оддалечувањето од големите тури е тоа што местата што се посетуваат при масовниот туризам, не се вистински животни средини, туку се користат за пречекување на туристите. Па затоа за да се зближиме со мештаните, би требало да се доближиме до местото каде што тие живеат. Неопходно е да останеме во посетените места и да одвоиме доволно време да воспоставиме некакви врски. И од моментот кога луѓето ќе ги отворат своите домови за нас, нашето патување е комплетно.
Грижа за животната средина: Оддалечувајќи се од големите тури учествуваме во намалување на притисокот на местата што масовно се посетуваат. Изборот во однос на начинот на патување, исто така, има влијание врз средината. Најпрво, пожелно би било да не патуваме со авион поради тоа што емисијата на стакленички гасови е поголема, дури и само со едно патување. Тоа влијание некогаш е дури поголемо од целокупното патување. Бродовите за крстарење, исто така, имаат негативно влијание на средината, бидејќи го уништуваат морскиот екосистем и испуштаат голема количина на јаглерод диоксид во атмосферата. Кога решаваме да патуваме помалку километри, движејќи се низ нив пополека, ја намалуваме количината на CO2 кој што се испушта во атмосферата. Практикувајќи бавно патување е, исто така, и избирањето на дестинациите и превозните средства со одговорност.
Заштеда: Избирањето на бавното патување како опција влијае и врз нашите трошоци, поточно го прави нашето патување подопустливо. Со намалувањето на растојанието, ги намалуваме и трошоците за патување. Покрај тоа, бегањето од големите тури, веднаш значи поевтини цени на сите продукти. Секако, на популарните туристички места, цените скоро секогаш се повисоки (храна, сместување, посети…).
Но, што поконкретно би можеле да замениме во однос на нашите навики за да го направиме нашето патување „бавно“?
Транспорт: Како најглавниот аспект, најеколошки-одговорните опции се воз, велосипед и пешачење. Доколку пак планираме некое подалечно патување, автомобил, мотор или автобус може да бидат добри алтернативи на авионите, бидејќи помалку загадуваат. Комбињата се, исто така, добро решение бидејќи, овозможуваат истовремено и транспорт и сместување. Користењето на магаре, коњ, камила или некое друго животно е одличен начин и вистинска еколошки одговорна опција за движење, секако доколку ги користиме и се однесуваме кон нив одговорно, со грижа и почитување.
Програмирање на патувањето: За да го ограничиме нашиот удел во емисијата на гасови, треба да избегнуваме далечни дестинации. Подобро е да промовираме дестинации кои што не се толку многу популарни. Избегнување на местата кои што се главна туристичка атракција е неопходно. Потоа, би требало да се потрудиме да немаме многу конкретни желби околу нашето патување и да се препуштиме себеси на моментот. Треба да оставиме можност за адаптација на нашиот план во зависност од тоа како ќе се одвиваат настаните. Само на овој начин би можеле да ги истражиме местата. Најдобрите патувања се најчесто оние кои што не ги планираме.
Избирајќи го правото сместување: За целосно да се доживее искуството на бавно патување, многу е важно да се избере и соодветно сместување, а секако и храна. Најпрво, во однос на сместувањето, треба да се охрабруваме да го избереме она кое што има помал негативен ефект на средината. Кампувањето е одличен начин, а, исто така, и правење на логор (со шатор или во нашето возило). Сместување кај мештаните (или пак во домот на наш роднина доколку постои таа можност), или пак во хостел за млади. Ова се дел од добрите опции доколку би сакале да го доживееме патувањето низ призма на локалното население, откривајќи ја нивната култура, а истовремено штедејќи на пари. И изнајмувањето на апартман или куќа е добра идеја. Најидеално е да бидеме сместени на едно место за време на целото патување за да имаме време да го истражиме целиот регион, а со тоа да ги избегнеме туристичките центри и хостели. Во однос на храната, најдоброто решение се локални ресторани со локална и традиционална храна. Или пак, доколку има кујна во нашето сместување, би можеле да испразариме намирници во локалните продавнички и да си зготвиме самите за себе. Брзата храна е претежно поскапа и самите намирници не потекнуваат од локалните произведувачи.
На самиот крај, како што видовме, „бавно патување” повеќе претставува начин на однесување и живеење. Не постои единствен начин да патуваш бавно, туку постојат повеќе можности да го направиме нашето патување поодговорно и релаксирачко. Секој кој што патува, може и да патува бавно. Се што треба да направиме е да промениме некои од нашите одлуки за време на нашето патување и дури и да не успееме да го испланираме идеалното бавно патување, би било пожелно да ја имаме таа помисла додека планираме. Концептот е поврзан и со останатите концепти од типот „бавно живеење”, “бавното движење”, или „бавна исхрана”. Генерално, филозофијата е иста, но е за други нешта, како храна или нешто поглобално, како што е животот. Ве охрабрувам да истражите повеќе за овие концепти, кои се повеќе и повеќе стануваат покорисни во менувањето на нашите животни навики.
Аугустин Магод
Превод: Стефан Николовски
Извори:
studymarter.co.uk – Slow Travel: Definition, Tips and Benefits
acs-ami.com – Qu’est-ce que le Slow Travel
slate.fr – Le «slow travel», la tendance qui veut vous apprendre à mieux voyager
fr.wikipedia.org – Slow tourisme
petitfute.com – 10 bonnes raisons de pratiquer le slow travel : France
beside.media – Petit guide du slow travel
lefigaro.fr – Le slow travel, une tendance pour prendre le temps de profiter
remoteyear.com What is Slow Travel? And How to Do It
ridestore.com – Le guide ultime du Slow Travel à travers le monde


Leave a comment