Никогаш не заборавај дека најсреќен си само дома

Овој наслов не е само обичен стих од песна на прекрасната Нина Спирова. Овој стих е мото и вредност. Но, сепак, реалноста често знае да биде различна. 

Во нејзината песна „Зборувај за Скопје”, таа ни кажува колку, всушност, забораваме да го сакаме нашето „дома”. Без разлика на тоа што претставува за нас – реалноста е дека често забораваме една работа: среќата доаѓа токму оттаму. Се прашувам зошто е тоа така? Преплавени сме со негативни информации за она што се случува околу нас, постојано читанме за трагични вести на нашите телефони, но и покрај таа црна хроника која нѐ опкружува, има една светла точка која се обидува да надвладее. Таа светла точка сме самите ние.

Во последниов период дознавам дека сѐ поголем број млади луѓе, уметници, преку својата работа и креативност создаваат промени во она што за нив претставува дом.  Во разговорите со моите врсници постојано ја побивам теоријата дека ние не можеме да смениме ништо, токму покажувајќи ги овие креации. И се разбира не само во Скопје. Тргнувам и од себеси, мојот порив го наоѓам во уметноста и креирањето кое ни го овозможува таа. 

Особено поради фактот што студирам театарска уметност која од мене бара и чувство за заедништво, сѐ она што таму се создава е во духот на заедницата. Сведок сум на претстави со млади луѓе кои го искажуваат она што општеството се плаши да го каже, изложби на слики, фотографии кои носат своја тежина и приказна, голем избор на македонска музика од локални бендови на чии свирки се чувствува љубовта со која е направена. Млади мотивирани луѓе кои излегуваат на протести за да се задржи културата, уметноста, хармонијата. 

Сите ние кои создаваме нешто кое може да се нарече уметност, и сите оние кои се наша поддршка и уживаат во тоа што е создадено, го правиме нашето „колективно дома” да биде поубаво место за живеење. За да не се заборави, па каде и да одиме да знаеме дека нешто сме оставиле зад нас. Дури и тоа да е само обид.

Мартина Даниловска

Related posts