Скромно и без поголеми очекувања, спортска Македонија се подготвува за престојните летни Олимписки игри што ќе се одржат во Париз. На пат во главниот град на Франција, засега се подготвува единствено атлетичарот Дарио Ивановски, кој ќе трча маратон на 10 август. Тој ја потврди олимписката виза со победата на неодамнешната трка „Скопје трча“ и ја потврди добрата форма во која се наоѓа. Покрај него, на вајлд-карта (покана) од страна на домаќинот се надеваат уште неколкумина спортисти во индивидуалните спортови со цел да се оправда олимписката девиза: „Важно е да се учествува“.
Но, во минатото не било секогаш така, па Македонија, самостојна или како дел од поранешната држава, може да се пофали со освоени вкупно 13 олимписки медали. Последниот медал е среброто на Дејан Георгиевски во теквондо на минатата Олимпијада во Токио. Интересно, Георгиевски не успеа да се квалификува за игрите во Париз со што нема да добие шанса да го брани олимпискиот медал.
Претходно, одличје (бронза) на ОИ во македонски дрес освои и борачот Магомед Ибрагимов и тоа во категоријата слободен стил до 85 килограми на ОИ во Сиднеј што се одржаа пред 24 година. Тој е натурализиран Македонец, бидејќи е роден во Дагестан, но неговото име е запишано со златни букви во историјата на македонскиот спорт.
Останатите 11 медали биле освоени од македонски спортисти што се натпреварувале во дресот на поранешна Југославија. Фудбалскиот голман Благоја Видиниќ е сопственик на сребро (1956 година, Мелбурн) и злато (1960, Рим). На ОИ во Монтреал (1976 година), кошаркарот Благоја Георгиевски – Буштур освоил сребро, а боксерот Аце Русевски – бронза. Четири години подоцна, борачот Шабан Сејдиу завршил како трет во слободен стил. Во 1984 во Лос Анџелес, борачот Шабан Трстена станал првак во суперлесна категорија, а освоил и бронза во слободен стил до 67 килограми, боксерот Реџеп Реџеповски освоил сребро во суперлесна категорија, додека Милко Ѓуровски со своите фудбалски колеги стигнал до третото место. Последните медали во дресот на СФРЈ ги освоиле Стојна Вангеловска (сребро, кошарка) и Шабан Трстена (сребро, слободен стил до 52 килограми) на Олимпијадата во Сеул во 1988 година.
ОИ во Париз започнуваат на 26 јули и ќе траат до 1 август. Ова е третпат летни олимписки игри да се одржуваат во француската метропола (1900 и 1924 година). Освен Париз, единствено Лондон бил трипати домаќин на летни ОИ: 1908, 1942 и 2012 година.
Освен во Париз и неговите предградија, одредени спортски натпревари ќе се одржат и на други локации. Ракометни натпревари ќе се одржат во Лил, едрење во Марсеј, сурфање на островот Тахити во Француска Полинезија, додека фудбалските натпревари ќе се одржуваат низ цела Франција. На Олимпијадата во Париз, за првпат ќе бидат одржани натпревари во брејк-денс.
Горан Адамовски
Извори:
Олимписки Комитет на С. Македонија: Потврда на Олимпиското учество на ОИ ПАРИЗ 2024 – НОВА ПОБЕДА НА ДАРИО ИВАНОВСКИ
Кајгана: Кои македонски олимпијци досега имаат освоено медали?
Википедија: Летни олимписки игри 2024


Leave a comment