Мислење во кратенки

Доцна е навечер. Врне, истура. Свесен си дека мораш да го фатиш наредниот автобус, инаку ќе се направиш жива вода чекајќи цел час. Забележуваш два правци: еден кој што минува низ темна уличка и еден покрај прометна улица. Без многу да размислуваш, го избираш оној на прометната улица, бидејќи чувствуваш дека е побезбеден. Во таа милисекунда, твојот мозок донел одлука која што изгледала паметна и брза – но дали навистина ги има согледано сите факти? Ова се случува кога ги користиме мисловните кратенки или она што психолозите го нарекуваат “хеуристика”. 

Што е хеуристика?

Замисли си го како ливче за препишување на својот мозок за носење брзи одлуки. Тоа се едноставни стратегии кои ни помагаат при решавањето проблеми и носење одлуки без да трошиме многу време и ментална енергија. Но, ова не мора секогаш да значи дека ни го даваат вистинскиот одговор. Ајде да погледнеме некои чести видови на хеуристика и како тие го обликуваат нашето размислување. 

Хеуристичка достапност

Повеќето од луѓето повеќе се плашат од летање отколку возење, иако сообраќајните несреќи се многу повеќе чести отколку уривањето на авион. Оваа кратенка, наречена хеуристичка достапност не прави да мислиме дека нешто е многу поверојатно да се случи, само бидејќи е првото нешто што ни паднало на памет. Ако слушаме за некои настани премногу од медиумите, како на пример уривање на авион, мислиме дека многу почесто се случува отколку што навистина се случува. Истото нешто може да се случи доколку сме имале некое непријатно искуство со услугата во некоја продавница и сега поради тоа избегнуваме да одиме таму, дури и ако се било супер неколку пати пред тоа. 

Хеуристичка репрезентативност 

Замислете да запознаете некој кој што е интровертен, не сака да излегува од дома и обожава видео игри. Ако би требало да ја погодите нивната професија, многу веројатно е дека би кажале ИТ. На овој начин, всушност, функционира хеуристичката репрезентативност – проценуваме колку е веројатно нештото да се случи базирајќи се на тоа колку е приближно до „типичниот пример” на некоја категорија во нашиот мозок. Иако понекогаш функционира, многу често може да доведе до размислувајќи на стереотипен начин. 

Примарност и ефект на неодамнешност

Нашите мозоци највеќе придаваат значење на првата информација што ќе ја добијат и на онаа што е најнеодамнешна. Најлесниот начин да ова нешто се тестира е да се обидеме да запаметиме низа на зборови, на пример список за намирници. Да речеме треба да купиме јаболка, леб, млеко, домати, јајца, брашно и сирење. Прочитајте го списоков уште еднаш, почекајте една минута и пробајте да се сетите кои состојки биле на него. Голема е веројатноста дека првото нешто што ќе ви текне ќе бидат јаболката и сирењето. Ефектот на примарност не тера да ги запомниме јаболката бидејќи тоа е првиот збор кој што сме го виделе. Од друга страна, го памтиме зборот сирење поради ефектот на неодамнешност – тоа е најсвежата информација која што ја имаме запаметено и затоа е се уште вивидна во нашата меморија. 

Хеуристичка препознатливост 

Дали некогаш имате избрано некој производ, само бидејќи го имате препознаено името на брендот, па дури и ако ништо не знаете за него? Кога нешто ни делува познато, нашите мозоци автоматски го етикетираат како безбедно или добро. Исто како кога ги бираме нашите омилени слатки бидејќи сме ги јаделе сто пати до сега, па дури и да има нешто повкусно и поздраво веднаш до нив. 

Зошто ја користиме хеуристиката?

Нашиот ум ја обожава хеуристиката, бидејќи заштедува и време и енергија. Замислете ги сите одлуки во текот на еден ден – што да облечете, што да јадете, како да одговорите на пораките. Ако ја анализиравме секоја одлука во детали, никад ништо немаше да направиме. Хеуристиката ни помага да се справиме со дневната преоптовареност со информации и да носиме брзи одлуки кога немаме многу време или кога не ги знаеме сите факти. 

Како и да е, таа може и да претставува ризик. Некогаш доведува до пристрасно размислување и грешки. На пример, често знаеме да осудуваме цела група на луѓе базирајќи се на неколку поединци кои припаѓаат на неа, особено доколку сме имале некои негативно искуство со нив. Тоа е многу брз начин за поддржувајќи стереотипи, што може да биде штетно и целосно неточно. 

Хеуристиката не е ниту целосно добра, ниту целосно лоша – таа е само начин на кој работат нашите мозоци и тоа не можеме баш и да го одбегнеме. Да се биде свесен за механизмите не значи дека ќе престанеме да ги користиме, но доколку имате повеќе време да донесете одлука или нешто да процените, може да се запрашате себе си: „Дали користам мисловна кратенка? И ако да – дали е вистинската во оваа ситуација?”. 

Ана Војџак

Превод: Стефан Николовски

Извори: 

Tversky, A., Kahneman, D., & Slovic, P. (1982). Judgment under uncertainty: Heuristics and biases.

Related posts