Комуникацијата во 21-виот век

Од писмо, па до денешниот телефон со емаил и други апликации за праќање пораки… Како луѓе – имаме голем технолошки напредок во последниве сто години. Но, како што се покажало многу пати во текот на историјата, колку што напредокот има позитивни аспекти, толку има и негативни. Во времето кога комуникацијата не можела да се одвива во живо, таа се одвивала преку праќање на писма. Но, за писмото да стигне до посочената адреса поминувале од неколку часа до неколку месеци. Во писмото надолго и нашироко се раскажувало за ситуацијата за која се комуницирало. Така, оној кој го добива писмото може да ја разбере подробно ситуацијата, а потоа да одговори соодветно. Денес, она што ќе го испратиме во форма на емаил или порака може да стигне до својата дестинација во истиот момент и поради тоа се појавуваат проблеми како очекување на моментален одговор и многу непотребно толкување.

Истражување извршено со две илјади учесници, спроведено од ,,Индепендент‘‘, дошло до заклучок дека четири од десет возрасни поминуваат часови во анализа на тонот и зборовите искористени во нечија порака, со цел да утврдат дали испраќачот им е лут или се шегува. Иронично е тоа што сиот овој напредок се постигнал со цел комуникацијата да се одвива на побрз начин, но многумина се заглавуваат на тоа како да ја испратат совршената порака, односно пораката која нема да доведе до недоразбирање. Оној кој ќе ја добие пораката, пак, исто така е заглавен. Ја добива пораката, но не ја отвора. Ја чита, но не одговара веднаш штом ќе ја прочита. Зашто се чувствува неподготвен. Поминуваат неколку часа и веќе почнува да се чувствува виновно, зашто, нели, сите имаме телефони и доколку немаме интернет во моментот, сигурно имаме во наредните десет часа. Кога веќе конечно ќе одговори на пораката, ќе се потруди да не дојде до недоразбирање, но и покрај сиот труд, тоа е неизбежно. Затоа што оној кој прв пратил порака веќе чекал десет часа, уверувајќи се дека е игнориран. 

Најстрашното нешто коешто може да се случи, убедливо е оставањето на пораката на ,,видено‘‘. Колку кавги се случиле поради она: ,,Зошто ме остави на ‘seen’?‘‘. Пред сто години кога некој ќе добиел писмо, не се појавувал знак за „примено“ пред очите на испраќачот. Постојаната достапност ги создава овие кавги настанати од ништо. Зашто, различни се моментите кога секој од нас се чувствува дека може да комуницира. Некогаш, едноставно не е моментот за тоа. Зашто можеме да избереме кога ќе напишеме писмо без нечии чувства нужно да бидат повредени, а истото не можеме да го направиме на вибер. 

Најлесен начин да се избегне недоразбирање е со користење на емотикони. Додека комуницираме со некого преку пораки, ние пред нас гледаме осветлен екран и букви. Тоа ни го отежнува толкувањето, бидејќи голем дел од комуникацијата која ја остваруваме во живо е невербална. Доколку добиеме порака во која пишува: ,,пак доцниш?‘‘, ние не би знаеле дали испраќачот е лут затоа што можеби ќе задоцниме или се шегува, бидејќи често доцниме. Но, доколку испраќачот користи емотикон, не би имало потреба од толкување, или барем толкувањето не би било толку мачно и опширно. 

Според споменатото истражување, возрасните најчесто преанализираат пораки и емаилови од колегите од работа (35 проценти), потоа од партнерот (20 проценти) или од љубовен интерес (13 проценти). Велат работата да се остава во работните простории, и не е дека тоа некогаш и било лесно, но денес, благодарение на интернетот, тоа е невозможно. Дали работата ни е служење кафе или програмирање, на секој од нас му се случило во дванаесет навечер да се ѕвери во телефонот грижејќи се за распоредот на келнерите (кој менаџерот го пратил пред две минути) или за базата која треба да се рекодира (за којашто не известила колешката пред малку). 

Да го цитирам Шекспир, комуникацијата во 21-ви век може да се опише со насловот на неговата драма ,,Much ado about nothing‘‘ (,,Многу врева за ништо‘‘).

                                                                                                                  Дафина Веселиноска

Линк до студијата која ја споменувам во текстот:

https://www.independent.co.uk/news/misreading-text-messages-research-adults-b1917768.html

Related posts