Дали некогаш сте почувствувале таков силен копнеж за луѓето и местата што ги нарекувате „дом“, кога тие се предалеку и недостижни? Дали некогаш сте ја почувствувале оваа силна желба да го истражувате далечното и непознатото, кога се чувствувате заглавени во вашата рутина, и промената на средината изгледа како единствениот лек? Во германскиот јазик, постои многу необичен пар на зборови што ги опишуваат овие две чувства: “Heimweh” and “Fernweh”. Овие два збора се, всушност, толку уникатни што може само погрешно да се преведат на англиски. Додека „Heimweh“ го означува копнежот по домот опишан погоре, па така и наликува на „носталгија за домот“, – „Fernweh“, како спротивност на „ Heimweh“, што би значело дека е болката за далечното и непознатото, нема соодветен еквивалент на англиски. И покрај спротивните значења, во реалноста, овие две емоции се тесно поврзани.
Не е важно дали силниот копнеж да се истражи нова заедница, поинаков начин на живот и сосема поинаква култура е првиот што се појавува или силната желба за вашиот дом, сите познати места и сакани луѓе ќе настапи прва. Во секој случај, може да бидеме сигурни дека секогаш кога „Fernweh“ ќе се појави, „Heimweh“ е тука некаде блиску, и обратно. Оттука, „Heimweh“ и „Fernweh“ можат лесно да ни го претворат животот во една емоционална луда железница. Само по повнимателен поглед на подлабоките слоеви и на меѓусебните врски помеѓу тие две емоции, нивното суштинско значење и основна важност излегуваат на светлина.
Што се однесува до носталгијата за домот, најочигледната причина за ова чувство е почувствуваната оддалеченост од домот, односно луѓето, местата и нештата кои го сочинуваат истиот. Но, кога ќе погледнеме подобро, вистинскиот извор на „ Heimweh“ се открива дека е големиот чекор што го правиме надвор од нашата удобна зона секогаш кога ќе го напуштиме домот. Со воведување физичка дистанца помеѓу нас и луѓето на кои со сигурност можеме секогаш да се потпреме, улиците низ кои знаеме да се движиме и со мижење и нештата кои станале суштински дел од нашето засолниште, ние се откажуваме од делови од безбедноста и сигурноста што тие ни ја носат. Уште повеќе, се откажуваме од делот на нашиот сопствен идентитет кој не само што е формиран, туку е и длабоко вкоренет во овој комплексен ентитет, така едноставно наречен „дом“. Дома, не треба да објаснуваме одредени работи за себе. Дома, лесно сме разбрани и лесно може да разбереме. Дома, имаме свое место во пошироката рамка на светот. Дома, припаѓаме. Каде сме, со кого сме и со што сме опкружени е суштинскиот столб на нашето чуство за себе. Кога го напуштаме домот, ова чувство за себе лесно се искривува оставајќи нѐ со чувството на „Heimweh“.
Следејќи го ова разбирање за „Heimweh“, „Fernweh“ всушност не функционира како спротивност туку како двојник. Како втората страна на паричката, подлабоките причини за чувството на „Fernweh“, во својата основа, се поврзани со идентитетот. Копнежот да се излезе од познатото и да се навлезе во големиот и широк свет очигледно е последица од нашата потреба за нови впечатоци. Тоа е вкоренето во нашата детска љубопитност за сè што ни е ново и нашето „возрасно“ чувство дека сме заглавени. Тоа е поттикнато од нашата желба да живееме нови искуства и да го оставиме зад себе нашето, одвреме-навреме, напорно секојдневние. Следствено, „Fernweh“ е повикот на нашата потреба за промена – промена што не може да се случи кога е премногу лесно да се сокриеме зад сигурноста и безбедноста на домот. Кога нашата внатрешна промена и промената на надворешниот свет не се усогласени, „Fernweh“ ни дозволува да го почувствуваме нагонот да пловиме кон непознати брегови. На непознатите брегови, не само што сè ни е непознато, туку и ние сме им непознати на сите и на сè. За да може да созреваме и да дозволиме промените да се случат, треба да ги прифатиме страните на нашиот идендитет кои сè уште немале можност да се формираат и да се истражат. Значи, во далечината може да најдеме ново чувство за себе.
Спојувајќи ги заедно овие поединечни делови од анализата на „Heimweh“ и „Fernweh“ за да се создаде една поголема, поопшта слика за нивната меѓусебна поврзаност, станува очигледно дека тие се повеќе од обични чувства што нè тераат да го истражуваме светот и да се вратиме дома. Уште поважно, „Heimweh“ и „ Fernweh“ даваат пример за тоа како животот, или потрагата по тоа кои сме ние, се длабоко вкоренети во оските помеѓу промената и стабилноста, како и помеѓу привлечноста на иднината и привлечноста на минатото. Кога ќе погледнеме подобро, „Heimweh“ е копнежот по личноста која сме биле и животот што сме го имале како таква личноста во минатото. Спротивно на тоа, „Fernweh“ се открива како поттик да ја „итаме“ кон личноста која би можеле да станеме и животот што би можеле да го имаме во иднина. Емоционалната луда железница од овие две чувства се протега помеѓу блескавата убавина на познатото, стабилноста на нашиот дом, минатото од една страна, и возбудливиот изглед на непознатото, промената на далечината, и нашата иднина од другата страна.
Кога се обидуваме да ја решиме оваа дилема на толку тесно поврзани чувства што укажуваат на толку спротивставени повици за акција, единственото решение се сведува на едно единствено сознание: Понекогаш треба прво да изгубиме нешто за да можеме повторно да го најдеме. И покрај наследувањето на речиси премногу основната логика како теоретска изјава, предизвик сам по себе е да се примени оваа реализација во реалноста, особено кога се работи за „Heimweh“ и „Fernweh“. Усогласувајќи го ова сознание со овие две емоции, треба да заклучиме дека понекогаш е неопходно да се ослободиме од стабилноста на нашиот дом со цел да стекнеме ново чувство на стабилност во нова средина која носи потенцијал да биде наша иднина. Подеднакво, треба да заклучиме дека понекогаш, треба да се ослободиме од возбудата која ја носи промената и бескрајните изгледи на иднината, за да направиме една од иднините наше потенцијално минато.
На крајот, „Heimweh“ и „Fernweh“ не се само збунувачки и комплицирани емоции, туку прилично вредни придружници кои нудат многу потребно водство низ животот. Ни помагаат да лутаме, да се изгубиме себе си, за да може повторно да се пронајдеме.
Софија Абег
Превод: Теодора Димитриевска


Leave a comment