Кога започнував со студиите пред три години, не можев да претпоставам што сè ќе се случи, но можеби најнепревидливо беше дека ќе загубам некого.
Една недела пред да почне мојот факултетски живот во Бордо, уживав со пријателите во мојот нов стан. Веќе неколку дена бевме тука. Јас бев единствената што има стан, бидејќи јас бев и единствената што почнуваше да студира. Сами, заедно, во голем град… веројатно за првпат во животот. Не сакавме да пропуштиме ништо. Го имавме она силно чувство на слобода. Бевме неуништливи во текот на целата недела, ништо не можеше да не сопре, бевме млади и невини, но, очигледно, животот одлучи дека е време да се збогувам со тоа чувство.
Во тоа време, мојот брат работеше во Бордо, а татко ми се враќаше дома, па не собра сите заедно во неговиот автомобил. Јас, тој, брат ми и пријателите. Петмина среќни луѓе затоа што е лето, топло, сончево, се смееме и се шегуваме. Но, се што е убаво – има крај.
Еден повик. Мајка ми. Три збора: „Баптист е мртов“.
Три збора и целиот свет едноставно се распаѓа. Три збора и се запира околу тебе. Три збора и престануваш да дишеш.
Мојот братучед почина.
Туку што доживеал сообраќајна несреќа при враќањето од Амстердам, каде бил со својот најдобар другар. Веројатно починал на самото место, но не бевме сигурни, мајка ми не знаеше. Вестите се шират низ звучниците на автомобилот, но не можев да слушнам ништо освен: „Баптист е мртов“.
Погребот беше една недела подоцна, на мојот прв ден на универзитетот.
Кога стапнав таму – не познавав никого и сè изгледаше толку нереално. Мислев дека сите ќе страдаат како и јас и ќе изгледаат скршено како мене. Не разбирав зошто изгледаат толку добро, толку среќно, зошто не плачат што смртта однела некого што го сакале?
Во првите три месеци, секој викенд се враќав дома. Не знам зошто, но се чувствував како да треба постојано да бидам со моето семејство. Можеби е тешко да се каже, но смртта на мојот братучед ме натера да сфатам колку многу си го сакам семејството.
Студирав социјални и социокултурни активности, па звучи како стереотип, но мислам дека не можев да одберам подобри студии за себе. Секоја личност што ја запознав и сè што направив таму – правеше да се чувствувам подобро. Учевме како да работиме со различни луѓе, како да бидеме тука за нив, како да ги разбереме тешкотиите низ кои поминале, па доколку не можете тоа да го сторите сами со себе – не можете со другите. Едноставно нема да можеш, дури и ако зборуваме за строго професионално извршување на задачите.
Запознав луѓе кои сега ми се најдобри пријатели, научив работи што ќе ми останат до крајот на животот, имам неизбришливи спомени.
Универзитетот стана мое „безбедно место“. Не очекував дека еден ден ќе го кажам тоа, ама вистина е. Таму се чувствувам ценета, добивам поддршка и внимание, се надградувам и на личен и на професионален план.
Поминаа веќе 3 години откако почина братучед ми, а болката, се разбира, се уште постои, но не е толку присутна како на почетокот. Запознав луѓе, студии и места кои правеа да се чувствувам удобно во тие години. И братучед ми како да беше присутен со мене. Тука беше во секој момент што го минував со пријателите, во секој Божиќ и роденден на кој требаше да се радува.
Имате впечаток дека животот веќе нема да биде ист. И навистина нема, но ќе го смени вкусот. Понекогаш животот ќе биде црн, а понекогаш ќе биде розов, но ќе продолжи. Животот е полн со бои, затоа не дозволувајте темнината да вè нападне однатре.
Мислам дека не можам да „тагувам“, бидејќи не ми се допаѓа изразот „тагува“. Не поминуваш преку загубата, туку ја поднесуваш и се трудиш да ја надминеш. Значи, би можеле да кажеме дека се „справуваме со тоа“. Но, како да се справите со нешто што повеќе го немате? Отприлика: „Обидете се да се справите, ама другите да не ви кажуваат дека се е во ред“. Јас знам дека тој е тука, ме гледа и се грижи за мене. Сè уште го живеам мојот живот затоа што знам дека не сака да престанам.
После сиве години, сфатив дека луѓето влегуваат и излегуваат од нашите животи како во воз. Некои луѓе се качуваат на одредени станици, други се симнуваат, а ги имате и оние кои остануваат до крај. Не мора да има многу такви. Има и такви што се симнуваат, иако ние би сакале да останат. И во ред е, бидејќи возот на животот продолжува и ќе вози до крајот на линијата. Нема да се симнеме до тогаш, ќе одиме по нив и со нив во срцето.
И покрај се, животот е убав. Мојот веќе три години има различен вкус, но, сепак, е вкусен. Сега продолжувам да го споделувам секој момент од мојот живот, бидејќи знам дека повеќе не живеам само за себе, туку и за него.
Лилу Бодан
Превод: Мартина Даниловска


Leave a comment