BODYkind: патување кон прифаќање на телото

Дали некогаш сте размислувале како би се чувствувале во друго, поинакво тело? Како е да се биде највисоката личност во собата? Да се има различна боја на кожа? 

Учиме и го искусуваме светот преку нашите тела. Другите луѓе може да имаат чувства и искуства што никогаш нема да ги разбереме, бидејќи нашите тела се разликуваат од нивните. Сепак, се чини дека и покрај големата различност, перцепцијата за телата е ставена наспроти „стандарди“ што оставаат впечаток дека некои тела се „попривилегирани“. Тоа е реалност која треба заедно да ја промениме. 

Едукаторката Сузан Бауер пишува дека „младите знаат малку за своите тела. Но, иронично, тие се интензивно фокусирани на своето тело, често на нездрав начин“. Од друга страна, телото и особено сликата за телото се речиси неприсутни во образовните програми. 

Во изминатите две години, организациите Piepildīto sapņu istaba, Mission: Reconnect и Вретено, во рамки на проектот BODYkind, истражуваа заедно како да го предизвикаат овој наратив и да понудат идеи и методи за водење разговор со млади луѓе за нивното тело и за сликата за телото, со цел да се зголеми свесностa за овие теми, да се поттикне критичко размислување и да се зголеми самодовербата кај младите поврзана со телото и сликата за телото. Дигиталниот прирачникот BODYkind за работа со млади е резултат на оваа соработка, развиен со намера да се користи како ресурс за врснички и младински работници, едукатори и други професионалци кои работат со млади. Подготвен е во соработка со обучувачи за неформално образование од Чешка, Македонија и од Латвија и е тестиран со млади луѓе на возраст од 15-22 години. 

BODYkind прирачник за неформално образование со млади 

Сликата за телото е нашиот личен однос со телото – ги опфаќа нашите перцепции, верувања, мисли, чувства и дејства што се однесуваат на надворешниот изглед.

Сликата за телото може да влијае на различни аспекти од нашите животи – на интеракцијата со другите луѓе, на искуствата на училиште, на запознавањето нови луѓе, на односите со пријателите и со членовите на семејството, на физичките активности и, воопшто, на задоволството од животот.

Сосема е вообичаено да имаме негативни чувства за нашиот изглед, но овие чувства не треба да ни пречат да се прифатиме себеси и да уживаме во секојдневниот живот. Никој не треба да се чувствува помалку ценет или помалку способен да го искористи својот целосен потенцијал поради изгледот. Со нашата работа би сакале да ги поттикнеме младите да не избегнуваат одредени активности или ситуации бидејќи не им се допаѓа нивниот физички изглед и да се освестат дека можат да придонесат за промени во нашите општества преку преиспитување и менување на доминантните наративи, како и различни форми на активизам. 

Сметаме дека е важно да се сврти вниманието на младите кон овие теми, да бидат активни и свесно да го формираат и изразуваат своето мислење. Понатаму, да се има свесност за телото значи и да се постават граници, да се бориме против засрамувањето и да покажеме емпатија. Тоа се суштински чекори во создавањето општества кои ги почитуваат различностите на сите нас и нашите тела.

Имајки до ова предвид, прирачникот BODYkind нуди осум модули кои обработуваат различни теми поврзани со сликата за телото, кратки теоретски податоци и насоки за обучувачи, засновани на принципите и вредностите на неформалното образование. Суштинскиот елемент во сите активности е младите да учат едни од други и меѓусебно да се поддржуваат.

Обезбедувањето безбеден простор на младите да истражуваат прашања и теми поврзани со телото може да придонесе за нивната добросостојба и позитивно да влијае на нивното ментално здравје. Сепак, сите активности во кои се разговара за телото се невозможни доколку учесниците не се чувствуваат безбедни едни со други. Затоа прирачникот најпрво споделува корисни совети за создавање безбеден простор за учење и општи принципи и стратегии за подобрување на сликата за телото кај младите.

Можноста да се истражат пристапите како што се позитивен став кон телото и неутрален став кон телото, да се размислува за извори на притисок и засрамување или да се види како медиумите и социјалните мрежи ја обликуваат нивната перцепција може да биде важна за зголемување на компетенциите на младите луѓе и нивно охрабрување да зборуваат за прашања поврзани со телото. Па така, модулите се обидуваат да опфатат различни аспекти поврзани со врската помеѓу сликата за телото, учењето и учеството, преку истражување на улогата на медиумите и социјалните мрежи, позитивните и негативните стереотипи кои влијаат на тоа како се гледаме себеси и другите, потребата од поставување граници, различните аспекти на нивниот идентитет и улогата што телото ја игра во перцепцијата за себе и самоизразувањето. Понатака, модулите се стремат да поттикнуваат уживање и прифаќање на нашите тела преку креативни процеси и движење, но и да внесат социјалните аспекти и да промовираат поинклузивни ставови и однесувања кај младите луѓе и во образовните средини. 

Прирачникот BODYkind не нуди еднократни решенија што одговараат на сите. Ова не е книга за готвење, туку повеќе збирка идеи за активности и прашања за дискусија и размислување, со цел да не се диктираат строги насоки на дејствување, туку наместо тоа да се понудат флексибилни, меѓусебно поврзани алатки кои практичарите можат да ги изберат и да ги мешаат на свој начин.

BODYkind ги поканува младинските и врсничките едукатори, наставниците, младите луѓе и сите заинтересирани да ги истражат алатките и придружните материјали, и да се вклучат во разговорот за телото и сликата за телото преку критичко размислување, реобмислување на концептите и создавање на поинклузивни простори каде сите ќе имаат поголеми шанси да ги искористат својот потенцијал. Ве охрабруваме да ги погледнете ресурсите, да поттикнете разговор и активно да се вклучите во создавање на заедници водени од емпатија и инклузивност.

Истражете го прирачникот и дополнителните материјали на:

https://www.bodykind.life

BODYkind Spotify

BODYkind на македонски јазик на Linktree 

BODYkind.mk на Instagram

Меѓународниот партнерски проект BODYkind е финансиран од Европска Унија.  

Виктор Гаврилски
Здружение за културни и општествени иницијативи Вретено Скопје

Извори:

Susan Bauer (2018) – The Embodied Teen: A Somatic Curriculum for Teaching Body-Mind Awareness, Kinesthetic Intelligence, and Social and Emotional Skills – 50 Activities in Somatic Movement Education

Related posts