После целочасовна дебата со себеси, притиснав „испрати” и го фрлив телефонот на другиот крај од креветот. Веднаш испаничив и почнав да го чистам цел стан, да ја перам облеката и можеби да ја однесам рипката на прошетка. Зошто пишувањето на некој што ти се допаѓа мора да е толку напнато? После еден час, собрав храброст да го погледнам телефонот пак, надевајќи се дека ќе го видам името во нотификациите, додека се каев за сите одлуки во животот. Немаше нотификација. Зелениот „онлајн” круг до профилната слика ми се смееше во лице. „Crush Culture“ на Конан Греј свири во позадина…ја сфаќате атмосферата. Требаше да си останам на моето мистериозно читање книга на забави, чекајќи некој убав странец да се вљуби во мене, како што ме учеа старите фикции. Што, всушност, се случува со полето на состанувања денес?
Тиктокифијација на состанувањата
Се сеќавате кога Тик Ток беше апликација за забава и танцување? Е па сега е место каде што може да ги слушнете најчудните животни приказни, да бидете дијагностицирани со пет различни ментални попречувања и да добиете совети кои ќе ви го сменат животот – но, не мора на добар начин.
Мразам да си го признаам тоа на себеси, ама генерацијата Зет има проблем со тоа да биде хронично онлајн. Тоа е проблемот кој се повторува кога зборуваме за скоро секој дел од нашите животи денес, а и излегувањето/состанувањето не е ништо поразлично. Социјалните медиуми ни овозможуваат да се споредуваме себеси со повеќе луѓе од било кога. Гледаме луѓе помлади од нас кои постигнуваат нешта за кои некои од нас може само да сонуваат – започнување сопствен бизнис, купување свој дом, веридби.. листата е бескрајна. Гледајќи сите тие приказни и (навидум) среќни парови може да ни направи да се чувствуваме како да сме единствените слободни на 21, 25, 29 и дека нешто длабински не е во ред со нас.
Проблемот со споредувањето не завршува само со негативните чувства за себе. Ги зголемува и очекувањата за сѐ до ненормални размери. Што уште може да се влоши? Па…ако има нешто што луѓето на Тик Ток го сакаат тоа е дефинитивно смислувањето на правила и теории. Виталната „лушпа од портокал” теорија – каде тоа што ќе го прашате вашиот партнер да ви излупи портокал станува тест за здрава врска – ова е совршен пример за тоа како поедноставени и бизарни може да бидат советите за врски. Правилото на 3 месеци, играта „не враќај веднаш”… Како секој чекор во врската да има тајна стратегија. И ако другата личност не го помине тестот, треба да се повлечеме. Се разбира, не верувам дека многу луѓе навистина ги следат советите на Тик Ток – мислам, се надевам, но да се биде опкружен со такви содржини може да внесат неизвесност во нашата глава и да ја спречат правилната комуникација кај луѓето.
Популарноста на сите теории, „3 нешта да направиш да биде опседнат со тебе” совети и други магични трикови се веројатно резултат на тоа како луѓето се уморни од неуспешни искуства со врски, и како пробуваат да најдат кратенка која ќе ги зачува од тоа да поминуваат низ истото. Не велам дека советите се бесцелни, но работата е во тоа што не постои скратен пат до длабока, значајна поврзаност. Мислам дека пребрзо се откажуваме од некој затоа што сѐ е „лош знак/црвено знаме” во денешно време, или така е според Тик Ток. Не ме сфаќајте погрешно, не останувајте во токсични врски, но, исто така, не ги избегнувајте луѓето само поради неколку точки кои сте ги слушнале на Тик Ток наместо да ги запознаете навистина. .
Што нѐ спречува да најдеме љубов?
Можеме да ги обвинуваме социјалните мрежи за сѐ, но има повеќе работи кои влијаат врз сето ова. Дефинитивно постои голем тренд на „културата на мување” кој се провлекува, каде непосветениот став е нормализиран, и приврзувањето како и чувствата се гледаат како слабост. „Ситуационите врски” можеби се најпопуларниот статус на врска кој го имам видено во 2024, и…не сум сигурна дали некој е среќен околу тоа. .
Можеби е затоа што генерацијата Зет се плаши да биде ранлива, мислам, ако не се отвориш, нема да бидеш повреден, така? Анксиозни сме и болно свесни за тоа дека врска може да тргне наопаку, некој да нѐ искористи или повреди. Повторно, може да е до тоа што гледаме многу примери на интернет. Стравовите доаѓаат и од нашите лични искуства, затоа што, да бидеме искрени, веројатно сите сме биле повредени од некого. Во секој случај, преземањето ризик и изложувањето на себеси е неопходно ако сакаме да имаме длабока конекција.
Можеби е недостатокот на трпение. Во свет на инстантно задоволство, очекуваме дека веднаш ќе ги почувствуваме искрите, и се откажуваме после еден или неколку состаноци. Апликациите кои го нудат тоа само ја хранат илузијата на бескрајни можности кои може да ги достигнеме со кликање на едно копче, правејќи ни да се чувствуваме дека секогаш постои некој подобар токму зад аголот.
Можеби е хипер независноста со која се преплавени медиумите и која ни кажува дека не ни треба никој за да бидеме среќни. Обожавам да бидам силна независна девојка и дефинитивно не мислам дека МОРА да се биде во врска, но…исто така се чувствувам дека понекогаш се обидуваме да се убедиме себеси во тоа повеќе од потребно. Младите луѓе се откажуваат од врските, бидејќи им делуваат премногу бесцелно или дури трауматично, и преферираат да се фокусираат на себе. Тоа е одлично, но колку долго ќе биде доволно? Никогаш не сум почувствувала потреба да бидам во врска, но како што стареам мислам дека има некоја специфична исполнетост во тоа да споделуваш поврзаност со друга личност, и можеби би било убаво да го поминам животот со некој посебен покрај себе.
Или веројатно е затоа што сме престроги кон себе. Да добро ме разбравте – мислам дека понекогаш пробуваме да ги угасиме несигурностите со разговори за независност. Работењето на себе е одлично сѐ додека не се чувствуваш дека треба да достигнеш совршенство пред да влезеш во врска. Некој ќе ме сака ако изгубам тежина, некој ќе ме сака ако се разубавам. Веројатно повеќето од нас имаме некоја несигурност која ни кажува дека не можеме да бидеме сакани. Но дали ние ги сакаме другите затоа што се совршени, или затоа што се љубезни, смешни и комфорни – листата продолжува – иако и тие имаат маани.
Иднината на врските
Па, и не е изненадување дека врските постојано се менуваат. Покрај сѐ одиме напред како општество, технологијата се развива, и секоја генерација е поразлична од претходната. Според годишниот извештај за прелистување на Тиндер, во 2025 ќе ги опсервираме трендовите на излегување кои ќе ни помогнат во навигацијата на модерниот свет. За мене најинтересни се т.н. Нано-врски. Насмевка од убав странец, брз разговор во кафуле – сѐ тоа е за наоѓање на среќа во малите романтични моменти. Мислам дека генерацијата Зет го крши популарното верување дека ако поврзаноста е добра, долго ќе трае. Тие ги ценат кратките изблици на чувства. Ако ценењето на ваквите ситуации ве прави посреќни и пооптимистични додека го гледате вашиот доживотен партнер, тогаш зошто да не?
Други трендови споменати во извештајот се поспецифични и конкретни во она што го бараме – претпоставувам дека на сите им е доста од неизвесни врски. И како последно, го потенцира отфрлањето на премногу формалните состаноци и фокусит на спонтаноста во врската. Тоа значи дека сѐ може да биде состанок – планинарење, часови за уметност, купување од втора-рака, ваш е изборот.
Искрено, најдобриот начин за навигација во овој хаос е да се забавувате и да откриете што функционира за вас. Секако ќе има сопки, ќе се разочарате и можеби ќе ви биде непријатно од сопствените приказни, но така учиме што е навистина важно во врската. Затоа што некаде помеѓу чудните први состаноци, неуспешните фази на зборување и повремените искри, можеби ќе најдете нешто вистинско.
Ања Војџиак
Превод: Мартина Даниловска
Извори:
Tinder’s Year in Swipe™ 2024
YouTube – Christina Aaliyah “gen z has a dating problem” https://youtu.be/2pPdgeHRpG8?si=2m4P6ck92RUVgtc-
YouTube – Christina Aaliyah “gen z is undateable” https://youtu.be/y09FwgU9Imw?si=jjUpP9CdMl_hGJLz
YouTube – Madisyn Brown “gen z doesn’t believe in love (situationships, orange peel theory, sprinkle sprinkle)” https://youtu.be/LZQeHUJgH_k?si=XBOsmOh7UVW87adO


Leave a comment