Тој одеше низ здодевните улици во својот град. Рана пролет. Остатоците од снегот полека исчезнуваа, создавајќи каллив неред каде и да погледнеше. Слушалките поврзани, случајна песна стануваше мелодија на денот. Одењето на уште едно интервју му се чинеше бесмислено. На колку беше досега? Десет или единаесет? Можеби и повеќе, веќе тешко се сеќаваше на сите. Очајот го обземаше со секој неуспех. Заштедата се намалуваше, а секој пат кога ќе ја отвореше апликацијата за банкарската сметка, со страв ја гледаше датата за кирија. Нерасположен, продолжи да оди. Па, и што друго можеше да направи?
Црвеното светло на раскрсницата го запре на крајот на деловниот комплекс, додека автомобилите брзаа да го фатат зеленото светло. Колку би било убаво повторно да имам автомобил, си помисли. Откако минатиот ноември му заврши претплатата за оперативниот систем на последниот автомобил, не можеше да си дозволи да ја обнови, па го продаде. Немаше смисла да одржува автомобил што не би тргнал без платена апликација, но барем доби доволно пари за три месеци кирија.
„Дали ја пробавте нашата нова апликација за паметен дом? Поврзете ги сите ваши уреди со само еден клик….“ Ненајдената реклама што се појави по крајот на песната го стресе. Сѐ уште не можеше да се навикне на рекламите по секоја втора песна. А, не беше толку одамна кога плаќањето премиум значеше непрекинато слушање. Но, акционерите на стриминг платформата очекуваа раст на акциите, па воведоа „златен“ пакет, а со тоа премиумот стана само малку подобар од бесплатната верзија, со реклами што се појавуваа на секоја десетта песна. Затоа го откажа и тоа. „Златниот“ пакет беше удобност што не можеше да си ја дозволи во моментов.
Ете го, деловниот комплекс што го бараше. Наоѓањето беше потешко отколку што очекуваше; стаклените ѕидови се издигнуваа над него од двете страни на улицата, сите морничаво слични и безживотни. Немаше никој на рецепција. Никаков компјутер на повидок, ниту шоља кафе, ниту лични предмети, само бледа сенка на некогашната функција.
Звук на тивко зуење се приближуваше зад него. „Добредојдовте во Appco, ве молиме, наведете ја причината за вашата посета?“, рамнодушен, но пријатен женски глас излезе од едно метално тело налик капсула кое запре покрај него. „Разговор за работа“. „Ве молиме, скенирајте го вашиот отпечаток на означеното место“. Мал квадрат засвети на површината на дроидот. „Податоците се собрани. Продолжете на 20-ти кат, соба три. Користете го отпечатокот за отклучување на вратите.“
Тој продолжи кон лифтот, оставајќи го дроидот зад себе во мртвата тишина на празниот влезен хол. На дваесеттиот кат ги сретна првите луѓе во зградата. Неколкумина, сите вперени во екраните пред нив, не му обрнаа никакво внимание. Собата број три не беше ништо посебно – мала просторија за состаноци, со маса и столици кои заземаа најголем дел од просторот. Рекрутерот во костум веќе го очекуваше, па му понуди место да седне и чаша со вода.
„Ќе бидам искрен, вашето претходно работно искуство не е баш она што го бараме, но никој не сака да работи во денешницава…“ по воведот, рекрутерот продолжи да се жали колку е тешко да се најде добар работен кадар. Да не му зависеше иднината од ова, ќе му превртеше очи. „Администратор на апликации“ не беше некоја посебна позиција, а и платата што ја нудеа беше пониска од конкурентната. Да имаше поразлична опција, немаше ни да аплицира. Прелошите работни услови беа веројатно и причината што го доби интервјуто, и покрај минималното искуство. „Па, какво искуство имате во мобилната трговија? Знаете ли нешто околу тоа?“ Рекрутерот премина од жалење директно на интервјуто, а неговиот потценувачки став беше присутен во секој момент.
Истражувањето што го направил предвреме испадна дека не било залудно потрошено време. Од сопственото искуство знаеше дека апликациите се движечката сила на модерниот маркетинг и трговија. Веќе беше навикнат да нарачува потребни работи за секој ден преку различни апликации на телефонот, и да поминува часови листајќи на социјалните медиуми полни со реклами. Не е дека имаше начин како да се избегне тоа, оосбено ако сакаше да заштеди малку пари со ексклузивни купони и кодови за награди од апликациите. Сепак, ова не беше воопшто доволно за да ги импресионира. Затоа, го спомна фактот дека задржувањето на корисникот треба да биде главната цел, бидејќи само четвртина од инстралираните апликации се користат на дневно ниво, и тоа повеќето се за забава. Но, и ова не беше доволно за да ги импресионира, бидејќи мобилната трговија, е пред сè за пари. Ако брендовите сакаа да продаваат преку апликации, и да собираат податоци погодни за продажба, треба да ги направат апликациите забавни и да понудат награди за постојаните корисници. Апликациите треба да станат неупотребливи без дозволи за пристап до внатрешните податоци на телефонот. Тогаш, рекламите ќе може целосно да се насочат, со поголеми приноси. Треба да има и поттик да се поврзат купените производи со апликацијата, со дополнителни функции заклучени зад преплатата, со цел да се максимизира профитот со минимални трошоци. Како што продолжи да зборува за дизајнот што е пријатен за корисниците и удобноста, сè повеќе му стануваше јасно дека и тој е жртва на апликациите.
Излегувањето од деловниот комплекс му се чинеше како излегување од затвор. Дури и запуштените улици изгледаа примамливи. Одејќи без конкретна дестинација на ум, се навраќаше на интервјуто. Дали користењето на телефон секогаш било вака? Апликации по апликации… корисниците гледани како касички за пари, држени во незнаење со леб и игри, додека нивните информации се продаваат помеѓу компаниите за да го тренираат алгоритамот и да ги натераат да се најават на уште повеќе апликации. Сѐ уште замислен, влезе во првиот супермаркет да земе нешто за јадење, игнорирајќи го поранешниот колега со кој се размина на влезот.
Можеби зборуваше носталгијата од него, но беше уверен дека првите апликации биле или чиста забава или удобност. Како може една апликација што беше само анимација на запалка, да биде нешто друго? Но, знаеше. Сите знаеа. И сепак, сѐ уште се најавуваа на нова тренди апликација, и ја поврзуваа четката за заби на Блутут, ги обучуваа AI моделите кои ги оставија без работа, и ги живееја своите животи на Интернет. „Дали ја имате нашата клуб-апликација?“
Да.
Даша Холецова
Превод: Теодора Димитриевска
Sources:
Malisk A. et al. – Factors influencing consumers’ attitude towards adoption and continuous use of mobile applications: a conceptual model
Baek Y. – Analysis of user’s attitude toward apps, intention to use and continual consuming intention – Focused on mobile commerce
Masa R. et al. – The Predictors and Consequences of Consumers’ Attitude Towards Mobile Shopping Application
Szucs K.R. et al. – Applying attitude theory to determine usersecurity approaches
GoogleThinks – Mobile App Marketing Insights


Leave a comment