Сте се запрашале ли некогаш дали трудот што го вложувате ве води некаде?
Почнувајќи го денот во шест часот наутро, проследувајќи го со десетчасовен работен ден и дополнителни два часа посветени на втората работа се загарантиран начин да станете „машина за пари“, да превземете контрола врз сопствениот живот, да бидете сам свој „газда“ и други синоними кои со секој поминат ден ви делуваат подалечни од минатиот.
Хасл културата потекнува од „Американскиот сон“ и идејата која го нагласува напорното работење како патоказ кон успехот. Културата потоа се шири низ остатокот од светот поради различни фактори. Овој став е поврзан со домашното воспитување, социјалното опкружување и желбата за повисок статус, но и со вистинскиот притисок од реалните трошоци и проблеми.
Разгледувајќи ги огласите за вработување и читање рецензии за фирмата во која бевте на интервју на форуми – најверојатно нема да ве направи посреќни, но ви одзема голем дел од секојдневното внимание.
Дали културата која нѐ наведува да размислуваме на прекумерната работа како единствен начин за евентуална финансиска слобода е вистинскиот начин кон успех, или дали оваа идеологија е погрешно пренесена со цел да ни биде дистракција од работите кои се вистински важни?
Секако, одговорот на ова прашање е релативен и зависи индивидиуално од мислењата на секој поединец. Генерацијата Зед е прва која ги воочува токсичните шеми кои доведуваат до психофизичка исцрпеност и која се обидува да го врати трендот на спорото живеење.
Пренапорната работа може да го зголеми стресот, но и да ги влоши симптомите на депресијата. Може да има штетни ефекти и врз здравјето на работното место. Со други зборови, лошо е и за здравјето и за перформансите на работа, објаснува проф. Др. Лори Сантос која е когнитивен научник и професор по психологија на Универзитот „Јејл“.
Таа вели дека имаме интуиција која нѐ наведува да мислиме дека ќе бидеме среќни кога ќе заработиме одредена сума, но кога тоа ќе се исполни, поставуваме поголема сума и настанува заблуда во која постојано сме несреќни.
Од друга страна, спорото живеење има одлики на свежо утринско кафе, попладневни прошетки во парк и релаксирано време поминато со најблиските. Слободни викенди, простор за активности кои ве исполнуваат по завршувањето на работниот ден, кои можат да се креативни, можат да се двочасовен тренинг во теретана, но можат и да се мирна вечер помината со серија или книга под ќебе. Но, пред се, ументноста на спорото живеење е во балансот.
Поставувајќи баланс меѓу нашите цели и желби, меѓу деновите кои се целосно поминати во исполнување обврски и слободните денови, и најважно, меѓу немирот и спокојот.
Секое размислување на оваа тема не води до дополнителни и подлабоки прашања, како на пример како да определиме кој стил на живот е повеќе во склад со нашите вредности.
„Ви треба сон, ви треба одмор и ви треба конекција со други луѓе за да бидете среќни. Тоа се работите кои ќе бидат важни“.
„Правењето паузи на работното место и почестото поврзување со семејството и пријателите, исто така, може да има големо значење“, вели Сантос.
Истражувањата ја поддржуваат и тука:
„Социјалната кондиција е клучот број 1 за среќен живот“, напишаа Марк Шулц и Роберт Валдингер, директори на Харвардската студија за развој на возрасните.
Дополнително, за да дојдеме до тој одговор, прво мора да разбереме дека во повеќето случаеви, успехот не потекнува од непреспиени ноќи и поминување дванаесет часа на ден на работа, туку од квалитетни корени на образование, долгогодишно искуство и желба за постојано надоградување.
Можеме безброј денови да го повториме истиот напорен ден, но доколку нема ништо ново во нив, како што може да биде прилика за учење од ментор, или пак, дополнително студиско надоградување, дали навистина правиме напредок или тоа е нешто што си го повторуваме себеси упорно, убедувајќи се дека еден ден ќе дојдеме и ние на ред?
Додека од другата страна, приоритизирањето на честиот одмор доведува до зголемена продуктивност и подобро ментално здравје.
Прошетките во природа и викендите поминати на патување со пријателите или партнерот се спомени што секогаш ќе ви бидат драги за паметење, но дали истото можете да го кажете доколку целиот живот трчате да постигнете поголем успех, повеќе пари, повисока титула и поголем статус?
Трендот на прекумерно работење е токсична идеологија, која е воглавно таргетирана кон младите кои немаат адекватно работно искуство или се на почетокот на својата кариера. Романтизирањето на психичкиот замор и физичката исцрпеност се крајно контрапродуктивни активности, кои можат да направат огромна и непоправлива штета.
Поради тоа, од денес ја одбирам уметноста на спорото живеење.
А вие?
Марија Зотиќ


Leave a comment