Меѓу сонот и јавето : Врската меѓу психичките состојби и нарушувањата во спиењето

Во брзото темпо на современиот живот, многу луѓе сè почесто се соочуваат со проблеми поврзани со спиењето, без да бидат свесни за длабокото влијание што лошиот сон го има врз нивното физичко и ментално здравје. Kвалитетот на сонот е тесно поврзан со појавата и развојот на психосоматски нарушувања — состојби каде што психолошкиот дистрес директно се манифестира преку физички симптоми. Но, како се, всушност, овие два термини поврзани и кои се последиците од оваа биолошка врска?

Сонот игра витална улога во одржувањето на физичката и менталната рамнотежа. За време на сонот, телото се регенерира, хормоните се балансираат, а мозокот ги процесира дневните настани и емоции. Недостатокот на сон, особено хроничен, може да има сериозни последици.

Истражувањата потврдуваат дека лицата кои страдаат од нарушувања на спиењето имаат зголемен ризик од појава на анксиозност, депресија и соматски симптоми. Сонот сам по себе се дели на 4 фази: 3 фази се дел од НРЕМ (нон-РЕМ) сонот, додека последната фаза е РЕМ сон (rapid eye movement). Во НРЕМ сонот доаѓа до транзиција од будна состојба во спиење, со зголемување на нивоата на мелатонин и успорување на мозочната активност. РЕМ сонот е состојба на свесност за време на спиењето, и во оваа фаза се јавуваат соништата. Оваа фаза го добила своето име поради брзото движење на очните јаболка додека сонуваме. РЕМ фазата се јавува во интервали од 90 минути, што значи дека во текот на ноќта РЕМ и НРЕМ фазите наизменично се повторуваат.

Психосоматските нарушувања се физички заболувања кои се резултат на психолошки фактори, како што се стрес, анксиозност или депресија. Типични примери за вакви болести се: гастроинтестинални проблеми (како синдром на вознемирено дебело црево), срцеви заболувања, проблеми со крвниот притисок, дијабетис, артритис и дерматолошки проблеми. Нема една конкретна причина за нивното настанување, но се смета дека се јавуваат базирано на генетиката, карактерот на човекот, биолошките фактори и околината. Симптомите кај психосоматските нарушувања можат да изгледаат како секојдневни состојби, а тие се најчесто: низок имунитет, болки во градите и мускулите, чести главоболки и вртоглавици, дигестивни проблеми, замор и анксиозност. 

Постои сложена, двонасочна поврзаност помеѓу психосоматските заболувања и сонот. Оваа врска прв ја согледал Аристотел, кој сметал дека соништата можат да бидат едни од првите индикатори на физички промени.

Истражувањата покажуваат дека луѓето со ментални нарушувања почесто доживуваат повторувачки, интензивни кошмари кои предизвикуваат будење и негативно влијаат врз квалитетот на сонот и секојдневното функционирање. Кошмарите често се предизвикани од стрес, траума или одредени супстанции, и нивното сеќавање може да ја продолжи анксиозноста и во будната состојба. Кошмарите се два пати повеќе застапени кај луѓето со депресија, бидејќи за време на РЕМ сонот нивните очни јаболка се движат значително побрзо. Различни истражувања покажуваат дека 20% од луѓето со генерализирано анксиозно растројство, а дури 55% од луѓето со психотични растројства, како што е шизофренијата имаат постојани кошмари. Но, кај луѓето со психотични растројства овие соништа се многу по бизарни, бидејќи по будењето индивидуата е во бунило и не може да разликува помеѓу реалноста и сонот. 

Друго, поинакво психосоматско заболување кое влијае врз сонот е самата несоница (инсомнија). Несоницата се манифестира преку проблеми во заспивање, спиење само кратки периоди од ноќта и чувство на неодмореност. Несоницата е нуспојава на различни ментални заболувања и состојби, а може да биде и производ на прекумерен стрес во секојдневниот живот. Луѓето кои патат од несоница, во текот на денот се чувствуваат нервозни, уморни, имаат ниска концентрација и намалена меморија, што понатаму може да резултира со развој на хронични заболувања. 

Иако ситуацијата може да изгледа сложена, постојат ефикасни интервенции кои можат да помогнат:

Когнитивно-бихејвиорална терапија (КБТ) – Оваа форма на психотерапија се покажала како особено ефикасна кај лица со несоница и психосоматски симптоми. Таа се фокусира на препознавање и промена на негативни мисли и деструктивни навики кои го нарушуваат спиењето. Третманот е структуриран и резултатите често се видливи за неколку недели.

Медитацијата и техники за релаксација се практики што го намалуваат нивото на стрес и ја подобруваат способноста за заспивање. Тие се особено корисни кај луѓе кои живеат под постојан притисок.

Редовната физичка активност и здравата исхрана придонесува за подобар сон и подобро расположение. Истовремено, таа го намалува нивото на стрес и ја зајакнува отпорноста на телото.

Врската помеѓу сонот и психосоматските нарушувања е длабока, комплексна и суштинска за разбирање на современите здравствени предизвици. Лошиот сон не е само последица, туку често и предизвикувач на ментални и физички нарушувања. Преку свесност, едукација и примена на научно поддржани методи, можеме да воспоставиме рамнотежа и да го подобриме квалитетот на животот.

Грижата за сонот е грижа за себеси. Во свет каде што брзината и продуктивноста се често поважни од одморот, враќањето на квалитетниот сон во фокусот претставува еден од најреволуционерните чекори што можеме да ги направиме за нашето здравје.

Дела Додевска

Извори:

Kaplan and Sadock’s synopsis of psychiatry: Behavioral Sciences/Clinical Psychiatry; Eleventh edition, 2015 (465-468)

https://my.clevelandclinic.org/health/diseases/21521-psychosomatic-disorder

https://www.slideshare.net/slideshow/5fiziologija-na-son/15505233

https://stanfordhealthcare.org/medical-treatments/c/cognitive-behavioral-therapy-insomnia/procedures.html

https://www.apa.org/topics/mindfulness/meditation

https://sleepdoctor.com/pages/health/dreams

Related posts