Усовршување на несовршеноста

Кога ја зедов мојата прва книга од Џејн Остин, не се сомневав во што навлегувам. Да ви ја доловам ситуацијата, бев изгубена осмоодделенка која ја откри англиската литература на 19.тиот век откако случајно ја зедов „Џејн Ејр“ во детската библиотека две години претходно. Па така, почнав да го разбирам општествениот опсег и големата духовитост во книгата на Остин која стана мојот омилен роман на сите времиња, број еден и роман кој одново и одново би го земала. Уште помалку знаев за начините на кои оваа книга ќе се залепи и ќе расте на мене. Можеби се прашувате која книга би можела да има таква моќ врз нечие срце. Одговорот е евидентен – тоа е ремек делото на Остин од 1815 за истражувањето на себеси и карактерот, перфектната мешавина на љубов и комедија или наједноставно – „Ема“.

Џејн Остин е несомнено една од најиконските и најсаканите авторки од ерата на Регентството. Шесте романи кои ги има објавено не само што се вбројуваат меѓу најважните дела на светската книжевност, туку најважно од сè – и денес се наоѓаат на листите со омилени книги на безброј љубители на литературата. Нејзините книги можеби се стари – сепак, повеќе од 200 години имаат поминато откако е објавена нејзината прва книга во 1811, но приказните кои ги раскажува, интригантните ликови кои ги илустрира и острата духовитост и потсмев кои незабележливо ги проткајува стануваат безвременски. Едноставната, но сепак уникатна причина поради која таа го задржува своето место во срцата на читателите е дека постои нешто суштински човечко и длабоко поврзливо на страниците на секој роман на Остин. Иако нејзините книги претставуваат неверојатно детална слика на одредено време, место и луѓе – конкретно, провинциската виша класа во Англија од почетокот на деветнаесеттиот век – делата на Џејн Остин имаат извесен степен на универзалност. Ова особено важи кога станува збор за нејзиниот роман „Ема“. 

Ова богатство за природата на човечките суштества и врските изненадувачки се фокусираат околу млада жена која се вика Ема. Верувајќи дека има посебен талент за сврзувања, насловната хероина почнува да си поигрува со судбините на нејзините мал-граѓани, само за да се најде себеси безнадежно заплеткана помеѓу хаотичните љубовни  и пријателски сврзувања. Попатно, Ема започнува патување на самооткривање и промена, кое нараторката го навестува уште на првите страници, но нашата омилена „згодна, паметна и богата“ хероина нема никаква шанса да го предвиди. На прв поглед, оваа приказна не изгледа како нешто особено уникатно. Но всушност, генијалноста не лежи ниту во привлечноста на луксузот, ниту во суровоста на судбината, туку во едноставноста и поврзливоста, кои ѝ овозможуваат да биде применлива низ различни времиња и места.  

Во „Ема“, истоимената ќерка на богат хипохондрик не е толку совршена колку што таа самата и поголемиот дел од луѓето околу неа мислат. Под нејзиниот шарм и надворешна убавина се крие суетна и манипулативна личност, која со презир гледа на луѓе што не ги исполнуваат нејзините високи стандарди. Поради својата себичност, Ема не успева да ги разбере чувствата на другите, што е една од главните причини за хаосот што го предизвикува во инаку мирниот Хајбери. Сепак, низ целата приказна, читателот лесно е во искушение да ја засака хероината – не и покрај нејзините мани, туку поради нив. Токму нејзината очигледна несовршеност, нејзиното отелотворување на многу нешта што ѝ се спротивни на високите и возвишени идеали наметнати на жените во тоа време, ја прават човечка, а нејзините искуства – длабоко поврзливи. Зашто, да бидеме искрени – кој не доживеал своја „Ема-момент“ на себичност и обид со сите средства да ја постигне својата цел? Ема е лик што прави грешки во своите романтични и платонски врски, доживува несигурност, и минува низ очигледни неуспеси. Во тој смисол, таа се соочува со предизвиците кои животот неизбежно ги носи, правејќи ја нашата омилена хероина колку што е можно почовечна во рамките на фикцијата. Но, она што ја прави нејзината приказна толку извонредна е реакцијата на Ема на сите неприлики со кои се соочува: Иако прави низа грешки и се држи до својата надворешна слика до последен момент, таа сепак стигнува до самоспознавање и е подготвена да се промени, како и да го поправи нередот што го предизвикала. Затоа, извонредната трансформација на ликот на Ема нè учи на некои од најважните животни лекции: несовршеноста е човечка, но никогаш не е доцна да се промениме на подобро – иако процесот може да биде тежок, секогаш вреди. 

Паралелно со приказната на Ема, добиваме и увид во уште една важна тема: вистината секогаш е обоена со лични предрасуди, а чувствата се единственото нешто на кое можеме да се потпреме кога се движиме низ овој заплеткан свет на односи. Овие идеи стануваат особено очигледни во уверувањето на Ема дека само со нејзината памет и спојувачки вештини, нејзината нова – и признаено наивна – пријателка Харит може да најде достоен партнер. Дури ни најдобрата намера со која таа му пристапува на овој проект не може да ја компензира нејзината преценетост и мешање во вистинските чувства. Поради овие погрешни уверувања, обидите на Ема за спојување се претвораат во катастрофа и нанесуваат повеќе штета отколку корист. Но, хероината не е единствената што паѓа во стапицата на мешање лични убедувања со вистината. Земајќи го примерот на г-дин Најтли, соседот и долгогодишен пријател на семејството Вудхаус: Тој одамна е вљубен во една посебна личност, но наместо да ги следи искрените чувства, пребрзо носи заклучоци и дозволува да биде заведуван од лични предрасуди, што предизвикува низа недоразбирања и уште повеќе го усложнува љубовниот хаос во Хајбери. Но „Ема“ не би била роман на Џејн Остин ако авторката не нè водеше – преку своите ликови – до моментот на просветлување и разбирање: моментот кога се разоткрива вистинската генијалност на нејзиното пишување. Во завршните поглавја исполнети со признанија и разрешувања, Остин ја изразува идејата за променлива вистина не само имплицитно преку тоа што ликовите ја наоѓаат среќата по искрен разговор за своите чувства, туку и експлицитно преку една извонредна мисла:


„Ретко, многу ретко целосната вистина ѝ припаѓа на некое човечко признание; ретко може да се случи нешто да не е малку замаскирано или погрешно разбрано; но, како во овој случај, иако однесувањето е погрешно, чувствата не се – тоа можеби и не е толку важно.“

Со „Ема“, Џејн Остин повторно нè носи на патување полно со самоогледување и саморефлексија – нешто што е толку типично за нејзиното творештво. Низ низа теми кои нејзините ликови ги истражуваат по текот на заплетот, Остин создава посебна блискост преку тоа што токму универзалните човечки искуства се темел на секоја вешто изградена карактерна линија. Таа блискост е особено присутна во „Ема“, бидејќи авторката нè мами да веруваме дека хероината е совршена – само за подоцна заедно со неа да откриеме дека вистината е сосема поинаква. Не затоа што не постојат навестувања – туку затоа што се добро скриени при прв поглед, а смешно очигледни при втор. На тој начин, не само Ема како лик е принудена да се запраша колку навистина се познава себеси и да открие дека растењето и учењето се процес што трае цел живот – туку и читателот минува низ сличен процес. Затоа, не само „Ема“ како книга, туку и Ема како лик се навистина посебни и уникатни. Несовршеноста и мани ја прават оваа хероина извонредна – особено имајќи го предвид времето кога книгата е создадена. Нејзините постапки и карактер лесно можат да нè наведат да ја видиме како некој вид антихероина, но развојот што го доживува ја прави длабоко човечка, па дури и херојска.

Токму како и нејзината насловна хероина, и овој прекрасен роман не е без свои недостатоци – тој е јасно поставен во време и простор што се разликуваат од денешниот свет. Но, „Ема“ е колку што може да биде блиску до совршенство – книга за човечноста на несовршеноста и за субјективноста на вистината, која објективно успева да биде величествена. Во тој дух, му посакувам на секого да го доживее истото чувство што го имав кога за првпат ја отворив оваа ремек-дело: „Тогаш го испитав сопственото срце. И таму беше – ти. Никогаш, се плашам, да се отстрани.“

Софија Абег

Превод: Мартина Даниловска

Related posts