Лето на спорт, младешки дух и обединетост

Сите очи вперени на спортот во Македонија овој јули

Од 20 до 26 јули 2025, Македонија ќе биде домаќин на 18-то издание на Европски Младински Олимписки Фестивал (ЕМОФ), значаен настан кој има потенцијал да го трансформира не само главниот град, Скопје, туку и пошироката слика за она што мала земја може да го постигне на интернационална сцена. Над 4000 атлети на возраст од 14 до 18 доаѓајќи од 48 земји, ќе се натпреваруваат во 15 спортски дисциплини во три града: Скопје, Куманово, и еден занимлив факт, Осијек во Хрватска, кој ќе биде град-домаќин на гимнастичарите. Ова е еден голем и значаен момент за Македонија и за европскиот спорт.

Основан во 1990 под водство на визијата на Жак Рож, поранешен претседател на Европскиот Олимписки Комитет, ЕМОФ постана водечки мулти-спортски настан за млади атлетичари во Европа. Првото издание на фестивалот се одржа во Брисел во 1991, речиси две децении пред да бидат востановени интернационалните Младински Олимписки Игри. Оттогаш, ЕМОФ прерасна во значајна цел за идните Олимпијци, нудејќи им икуство од прва рака на интернационален натпревар од високи размери во олимписка атмосфера.

Оваа година за прв пат ЕМОФ ќе се одржи во Македонија. За сите нас кои со години го следиме настанот, јас лично почнувајќи од 2015-та година, особено во делот со гимнастичките дисциплини, сме почестени од фактот што ќе се одржува токму во овој дел на Балканот. Тоа само по себе е доказ дека амбицијата, енергијата и визијата се поважни од големината на една земја. Македонија е подготвена да биде не само домаќин туку и да импресионира.

Да се биде домаќин на овој настан не е само логистички или спортски предизвик, туку и културен и симболички момент. Тоа е доказ на остатокот од Европа дека Македонија е динамична, млада земја полна со потенцијал.

Иако земјата досега беше домаќин на други интернационални натпревари како EuroVolley 2023, ЕМОФ 2025 ќе биде најголемиот спортски настан досега. Влогот е голем, но и можностите се уште поголеми. Наследството на ЕМОФ ќе продолжи и по завршувањето на цела една недела во јули со спортски настани. Ќе вклучи и реновирање на спортска инфраструктура, новообучени професионалци, ревитализирачка волонтерска мрежа, и најважно, генерација на млади луѓе инспирирана од олимписките вредности на почит, пријателство и извонредност. Преку можноста да биде домаќин на ваков интернационален настан, Македонија ќе им покаже на Европа и на светот колку динамична, млада и гостопримлива е оваа земја. Преку медиумската покриеност, интернационалната покриеност и јавниот ангажман, ЕМОФ ќе биде светол патоказ за земјата и ќе отвори нови можности за партнерства, инвестиции и развој.

Влијанието што настан од ваков размер може да го има е нешто навистина моќно. Исто како што Франција виде пораст на интересот за пинг-понг по олимпискиот успех, Македонија можеби ќе доживее и оживување на младинските спортови поттикната од возбудата и успехот на ЕМОФ. Децата овде ќе имаат можност да ги видат одблизу интернационалните атлетичари, можеби и за прв пат. Ќе имаат можност да видат и да откријат спортови за кои не слушнале порано, да ги сретнат нивните спортски идоли и да сонуваат уште посмело.

Програмата на настанот е зачудувачки разновидна, прикажувајќи индивидуални и тимски спортови. Дисциплините вклучуваат атлетика, бадминтон, баскет 3 на 3, традиционална кошарка, кајак слалом, друмски и планински велосипедизам, ракомет, пливање, стрелаштво, пинг-понг, таеквондо, одбојка и гимнастика. Овие настани се повеќе од само освојување медали. Тие се тука да послужат за раст, поврзување и страст. За многумина атлетичари, ова ќе биде нивното прво искуство на натпревар од интернационален карактер. За гледачите, пак, ова ќе биде можност да бидат сведоци на моментот на испишување историја од страна на атлетичари кои еден ден можат да постанат глобални ѕвезди.

Но, ништо од ова не би било возможно без волонтерите, околу 800, кои доаѓаат од цела Европа, сите работејќи во позадина со цел непречено одвивање на настанот. Активностите на волонтерите ќе вклучуваат пречек на делегациите, нудење поддршка на атлетичарите како и логистика што несомнено ќе ги направи да бидат тивките херои на ЕМОФ 2025. Можам да кажам и од лично искуство дека волонтирањето на настан од ваков караткер е, просто, незаборавно. Волонтерите не се само луѓето кои ќе бидат тука за да помогнат, туку ова искуство ќе придонесе и за нивниот раст. Преку запознавањето со луѓе од различни култури, ќе имаат можност да ги развијат сопствените вештини и да бидат дел од нешто многу поголемо од самите нив.

За волонтерите од Македонија ова е можност еднаш во животот за да ја претстават сопствената земја, за да ја споделат сопствената култура и енергија со светот, и да остават трага во историјата на македонскиот спосрт. За љубителите на спортот ова е остварување на сонот: да се биде во центарот на збиднувањето каде ќе можат да ги поддржат атлетичарите и да придонесат за успешно издание на фестивалот што ги слави олимписките вредности. Духот на тимската работа и колективната енергија ќе го обележат настанот.

ЕМОФ не е само спектакл за атлетичарите или организаторите туку и за самата публика. Во Скопје, Куманово и Осијек локалните жители и посетителите ќе имаат пристап до натпреварите, културните програми и едукативните активности пропратени со исклучителна енергија на домашен терен и сето тоа бесплатно. Фамилиите, младите луѓе и фановите ќе имаат можност одблизу да го искусат олимпискиот дух и да навиваат за нивниот омилен тим како и да ја почувствуваат возбудата што се дел од исклучителен европски настан. И како што се случува кога една земја е домаќин на ваков настан, домашните атлетичари ќе блескаат уште посилно, понесени од енергијата на толпата.

Без оглед на тоа дали сте доживотен спортски фан или едноставно сте љубопитни, преку вашето присуство на ЕМОФ ќе ги поддржите следните генерации, доживувајќи ја возбудата од посетата на натпревар од интернационален карактер и гордоста да се биде дел од историски момент за Македонија.

Се гледаме во Скопје.

Ками Бодуен
Превод: Кристина Стаменова

Извори:
https://skopje2025.sporteurope.org/
https://www.eurolympic.org/european-youth-olympic-festival-a-blend-of-sport-culture-and-education/
https://www.european-games.org/eyof/

Related posts